Saturday, August 27, 2022

Блузирање (279-309)

(прва кавадаречка колумна)

 

“Zbog čega primatima nikada ne isključuju elektriku

Oni u principu i onako rijetko čitaju

A i to što čitaju krive stvari čitaju

Pa zašto im onda ne isključuju elektriku…”

 

(“3N” – Azra, LP “Krivo srastanje”, 1983)

 

Како минува времето, како се таложат годините, така се губи смисолот на укажување на антиопштествените појави во сите области. Во држава и град во кои основната и аргументирана критика се сметаат за навреда, во кои укажувањето на неправилностите, антизаконските, нечовечките и останати глупости се земаат како непријателство, тртни му го на се што се “ствара“, ама онака самобендисано “ствара“, за да после “презентацијата и промоцијата“ на истото (по окркувањето и излокувањето на се што има на коктелот) сите “посетители“ заборавиле кај биле и зошто биле се до следниот коктел. Опасна појава и неизлечива. А тоа трае со децении (овде укажувано безброј пати). И секако ептен навредлива за вистинските творци, производители и организатори на настани за кои се пишува и зборува со години потоа. Секако, не е навредлива за “организаторите“ чии настани се глорифицираат по квази национални и локални медиуми (дно – дна портали) најчесто со copy – paste информации без еден авторски збор, камоли текст, камоли реална критика, а со лигавење и умилкување, овде “отварачите“ на настани уживаат во својата позиција – да не кажат ништо. И така, се вртиме во круг како да Кавадарци е центар на светот, а Македонија центар на Универзумот, ко’ ситни кибицери на “чичино“, ко’ турбо – фолк како мејнстрејм живот, ко’ казина како врв на социјален (а потоа сиромашен) живот, ко’ квазибуржоазија која кофа вода не дава за да им се исчисти зградата во која живеат, а реалниот живот отеран во “три лепе“. Сите ние сме во моментот на пат кон “Три пизде материне, па лево“. А во Кавадарци? Да и во Кавадарци!

А времињата такви – никакви, впрочем како и изминатите триесет и една година од независноста на државата, која во суштина и реално е Република Македонија, а уставно и регуларно си е Република Северна Македонија, ама почитувани – има ли кој да го разбере тоа и да си го тера животот онака како што сам ќе си го направи. Оти секојдневието е она што е битно, а не јајцата на Александар Тхе Греит и копитата на Букефал. Човече, да се палиш на нешто што било пред две илјади години, нешто не ќе да е во ред, не е здраво. Не е во ред да ги мразиш поинаквите од тебе, оти тоа за тебе зборува, не е во ред да се паркираш на пешачки, оти тоа за тебе зборува, не е во ред да си националист и да одиш на годишен одмор по државите кои ги мразиш – оти тоа за тебе зборува. Можеби нешто и не е во ред со тебе, ама тоа е твој проблем – не е наш, на оние поинаквите, а толку нормални и присебни. И додека една пристојна и велелепна земја со фантастична култура и народ како Русија потпадна под влијание на самобендисаниот “лидер“ и се осмели да ствара ред во суверена земја како Украина (за која патем заборавивме која беше нејзината улога 2001?!), убивајќи обичен народ, окупирајќи територии, ние овде глорифицираме диктатори, се смееме на несреќата на народ кој денес крвави дебело. Забораваме нели? Забораваме и затоа сме такви, подлизурковци, газолижачи, ефтино продадени на партиски мангупи, на олигархиска стока, дозволуваме да ни ги бројат парите кои ги заработуваме таму некои си лихвари и самобендисани деца на татковци кои имаат се што вие немате, а ним и не им треба. Тие меѓу другото имаат и резервни татковини. Само ете овде им е по се изгледа најфино. Цепат тендери, прават улици, редат тротоари, садат зимзелени дрвца со наши пари, узурпираат градски простори, градат згради во град кому и тоа како му е потребен Градски парк ослободен од бетон. Ете, пред пет минути, будала во кола сакаше да ме згази на сред тротоар (ул. “7 Септември“), оти улицата по која врвел се реновирала (?!), па дај да сврти барабата на сред плоштад, па по тротоарот, та кој ги тинтра пешаците. И да, не сум повеќе Хипик, не сум повеќе пацифист. Премногу порази околу мене. Заштитниот ѕид е готов. Доста е. Време е за победи (?!). Макар и во градот случајно или намерно наречен – Кавадарци. Long Live Rock’N’Roll!!!

П.С. Да се цитирам самиот себе од изминатите колумни?! Ај не! Па читајте нешто мајка му стара, јебале нас лажни вести, теории на заговор, бајачи и белосветски сезнајковци!


By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци