Sunday, March 10, 2019

Блузирање (235-265)


(прва кавадаречка колумна)

“... Нашиот идиотски став дека никој не ни треба, дека знаеме и умееме се’, секојдневно не’ оддалечува од Европската култура за да веќе утре ни бидат потребни вистински чизми од седум милји да го премостиме јазот. Ама ќе нема кој да ги облече, ќе нема луѓе – ќе има културни џуџиња!

Златко Теодосиевски – “ЏУЏИЊА“ (teodosievskiumetnost.wordpress.com)


Тука – таму се бавам со поезија. Напишав и објавив две книги поезија. Нејсе, така бива, па оваа година, ако се биде во ред, ќе објавам и трета книга. Со песни. Да сме живи и здрави и третата ќе биде посветена на Кавадарци. Само малку побезобразна, погнасна, позабегана и секако слатка за читање. А вие, кому – како ќе се допадне. Во меѓувреме, додека ги објавив поетските книги, научив да пишувам, па го научив македонскиот литературен јазик и ете ме каде се јавувам како уредник на неколку книги. Од нив две се полни со вицови прераскажани на кавадаречки начин.  Стасав и да се насмеам на неколку филмови – комедии. Стигнав и да размислам на неколку научно фантастични книги и филмови. Прочитав и неколку трилери, тука – таму по некое филозофско дело, а и навика ми остана често да ја посетувам кавадаречката библиотека. Макар што во деновите во кои живееме до смеа им е само на луѓето кои веруваат во себе и веруваат во државата која од пред некое време има додавка во насловот. А додавката толку едноставна, што чиниш ако уште еднаш бидеш дел од некој фин креативен настан (театарска претстава, концерт, изложба и слични некои културно – уметнички заебанции) некој ќе те поздрави, онака за добро утро или добар ден, па ти исполнет ќе го претставиш него и неговите макар во соседството, на кое баш му е гајле од каде доаѓаш, гајле му е само што нудиш и колку добро тоа го правиш. Северна? Да! Исто како и пред тоа како народна, социјалистичка, федеративна, ќе си го тераш своето безгрижно, оти без разлика како ти се вика државата, ти зборуваш на мајчиниот јазик, пцуеш на градскиот дијалект кој ќе те следи до крајот на животот и додека те држи паметта ќе ја пишуваш сеуште (за жал и единствената) прва кавадаречка колумна. Од тука натаму се е блуз. Најобичен блуз со три инструменти и случаен вокал. Македонски по дифолт, македонски до бескрај. Оти чуму ти се годините кои ги броиш ако не си тоа што си. А си тоа што си и покрај додавката, оти ако не ја прифаќаш, за никаде си. Значи конечно – дали го прифаќам новото име на нашата држава? Да, дефинитивно – јас живеам во Република Северна Македонија. И сум по род македонец и зборувам, пишувам и размислувам на македонски јазик. Ете така. Тоа го решивме. Можете и да пцуете, да р’кате, да гнасите, ама од себе нема да побегнете.
Туку, друго ми беше зборот... За кавадаречкото секојдневие. За сите нас кои сакале – нејќеле сме овде, на ова парче сува земја, која да не биле вредните луѓе таму некаде втората половина на седумдесетите години минатиот век, еден човек немало да остане. Ќе не иселела сушата и последиците од неа. Арно ама, некој имал визија, имал и стратегија, та донел вода од Лукар, педесетина километри водовод, стотици денови работа, тешка, та претешка, преку планини и висорамнини, за да ние денес ете не каде се топориме 24 часа со вода за пиење и лична хигиена. Старата верзија (бараки со соби за дваесетина летувалци, со казан за капење, со прашок за требење вошки, со менза од која децата се враќале дома со неколку килограми повеќе, без пристоен тоалет, а со WC како од 19 век, ама ете, можело и така) на и денес популарното одморалиште “Михајлово“ (со модерен сместувачки објект), тие години била дом преку цело лето на стотици млади луѓе од тоа време, од просторите на цела бивша држава, тогашна СФРЈ. Биле дел од тогаш актуелната Младинска работна акција “Михајлово“ со која се финиширало конечното решение на проблемот со вода за пиење за Кавадарци. И ете не денес, како се заебаваме со две –три фонтани со вода за пиење, на нив ги лечиме нашите фрустрации уште рано насабајле, а бе на раат уништуваме се што е заедничко, како да некој од некое “свирипичино“ ќе дојде па да не среди и управи, па да бидеме пристојни граѓани на својот град, на Кавадарци. Ова е само дел од нашата самобендисаност, нели?! А за сообраќајното лудило низ Кавадарци? Па да не се повторуваме. Нека работи нешто тоа пајакот, ебаго!
П.С. Пред некој ден, во еден неврзан разговор, ја допревме и неминовната тема последните денови за нас “културњаците“ – чудната распределба на средствата од Министерството за култура за 2019 година. Секој со својот коментар, на крајот од муабетот како ништо да не било. И така, десетици години наназад критиките ни се сведуваат на кафански муабети, ниту еден јавен напис или реакција од творци и уметници за она што ни се случува. Секако, со ретки исклучоци. А се случува едно те исто – парите за проектите отидоа кај истите луѓе, па кому самарот, кому “ваквото“. Нормално, за кавадаречките прилики зборувам. Во останатите градови (особено Скопје) реакциите беа бааѓи гласни и реални. Ама ете, ние не сме другите градови. И кога сме кај културата, се кинам од смеење кога по социјалните мрежи ќе се појават фотографии од “еминентни“ ликови од градот како ете тие личните биле на Театар во Скопје. Тоа ти се оние истите кои на театарските претстави (или било кој културен и уметнички настан) во Кавадарци бараат гратис карти, дел од нив се во шема “двајца со една карта“, а дел од нив никогаш и не стапнале во некоја од кавадаречките културни институции. Така да, еве каде е 2020 година, може и ќе се управиме.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци