Friday, January 22, 2021

Блузирање (259-289)

(прва кавадаречка колумна)

Да се разбереме уште на самиот почеток. Предвреме да си кажам. Не сум се “испренесил“ дека ова што го пишувам е некаква си лична карта на Кавадарци. Ова е само субјективно размислување на еден кавадарчанец за нештата кои му се случуваат на (и во) Кавадарци, море и на пошироката околина. Ете ме кај се осмелувам да коментирам и на државно ниво, онака, понекогаш. Оти, работите се како пресликани Кавадарци – Македонија/ Македонија – Кавадарци. Ова е “Блузирање“. Уште едно.

И да се вратиме на денешницата. Дефинитивно, 2020 година, е година во која престанавме да веруваме во глупостите, година која и тоа како не отрезни со тоа што ни го донесе. Дали ќе ја заборавиме? Не, ниту ние нејзините современици, колку и да тоа го сакаме, ниту генерациите кои доаѓаат, едноставно ќе се памети до крајот на човештвото. Зошто? Од многу причини и (допрва) последици од неа. Но, за тоа на крајот од ова заедничко блузирање низ животот почитувани случајни или намерни сопатници. Пандемијата сепак не е виновна за се. Виновни сме и ние и нашето поимање на кавадаречкото секојдневие.

Кулминацијата на COVID – 19 ме враќа назад, буричка низ сеќавањата, а имам, да не е за подрек, сеќавања од поодамна.Оти Кавадарци не е од вчера, не има неколкумина кои паметиме и од завчера, од лани, та и години и децении наназад. Не за друго, еден град не е град само поради улиците и тротоарите, ќе да има нешто подлабоко, а длабочината ја прават луѓето. А убави луѓе Кавадарци имало одсекогаш. Да се разбереме уште еднаш. Ова е субјективен ракопис на авторот на овие редови, а ако нешто не ви штима, еден куп сајтови по мрежата, та без никаква грижа на совест, читајте нешто друго, На пример – кој како, со кого и каде до трето колено, нека ви “свири“ во позадина некое си ваше омилено парче турбо – фолк (фиу-фиу, д’т’ка-д’т’ка, опа –цупа), онака како во суштината на она што е ваше секојдневие, дури и по дома. А сега сериозно за блузерите по некој збор оти, како што рековме, паметиме од поодамна.

Не оти така сакат, ама нешто ги тера, онака од што им се може најверојатно. Типови кои од поодамна го напуштиле Кавадарци, куќите овде им зјаат напуштени, заборавиле дека имаат семејство овде, ама ете на пат кон некои други места и држави, имат да ни кажат нешто, особено за тоа како тоа ние овде да живееме, а бе патриоти бре. Удри по луѓето кои сеуште се овде и кои сакаат нивното место да биде пристојно за живеење. Не останавме овде од што ни е “напрчен доживотно“, туку овде ни е се. Особено парчето леб и плус нешто, онака пристојно. Оти џенемот кој некој го фатил бил од две причини: економски (нека се живи и здрави) или криминален (овие особено гласни бре). Има случаи некои да заминале одовде и од чалам, ама никогаш не заработиле во тоа туѓината доволно за да се вратат овде, макар и за на трошка одмор, да се позабањат на Тиквешкото езеро. Може чудно звучи, ама ефтини карти (авион, воз) нуди денешницава, така да останале кутрите социјални мрежи да се топориме со својот патриотизам од некаде блиску, едно две - три илјади километри од Македонија, па тури – вади од тоа квази патриотизмот. Ние овде не чиниме? Ние овде не знаеме да направиме избор?!Кој да ти го знае тоа. А?! Ами толку различни не има, што на човек му доаѓа да се запраша, а бе зошто и ние од далеку да не “дрмаме“. Е па не бива така... Останавме овде и се бориме за тоа што го имаме. Е сега, проблемот има и друга страна. Полиписмените мутанти кои штотуку слегнати од планината се обидуваат да бидат главни фактори во градот. Добро де, они така мислат.  И овде некаде започнува да ме мрзе да продолжам да пишувам, оти вредностите не се далеку од нас, туку овде меѓу нас, само што “јебо нас бог“ не знаеме да ги препознаеме. Особено во град и држава каде константната изборна кампања трае полни триесет години. И да “сите сме исти“. Јок, не сме!

П.С. Онака како потсетување: Во Кавадарци имаше на времето велелепни  фонтани (две у полициското паркче, две у паркот, две на едната страна на плоштадот, една на другата страна на плоштадот). Кавадарци имаше два отворени  базена (кај Јасмин салата и у пораншното Ла Луна диско), а денешниот новооснован вински музеј едно време беше  Боби кафенето/ Фени хотелот летен ресторан//галерија и ресторан на Младински дом/дискотека Парк/Винска куќа/Безимен летен ресторан... Онака, оти паметиме од поодамна. Живи и здрави, чувајте се од лоши луѓе, чувајте се од COVID – 19, почитувајте ги мерките и очи ширум отворени, гледајте што се случува низ градот, оти се ни е позајмено од идните генерации. И да, блузирањево продолжува, колку и да некои локални дрипци помислиле нешто друго. Го немаше авторот да се јави?! Не бе, еве го уште еднаш. Се читаме наскоро повторно.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“

Кавадарци