Thursday, April 15, 2021

Блузирање (261-291)

 (прва кавадаречка колумна)


“Наместо колумна - почит и љубов“


Ристо Соколов Сокол (16 април 1957 - 14 февруари 2015)



Мојот трезен дијалог со Ристо Соколов Сокол

 

Рики, да се видиме

Да се напиеме, да се насмееме

До долго во ноќта да расправаме

За уметноста и сличните радости

Кои не определија

Понекогаш не трескаа од земја

Понекогаш возвишени

И опиени од раскошот

На секојдневната енергија

Преточена во убавина

 

Да поприкажеме блузеру

За да се сетиме на

“Кога денес ќе биде некогаш“

На зборовите кои ги нареди во

Твоите песни

Во музиката која инспирираше

Во “Сокол Арт“

Која анимираше на изложбите

Каде уживав со добрите луѓе кои

Се почастија со мојата

Уметност

Кои ми ја галеа душата

 

Одам јас Рики

Да спремам

Еден од твоите родендени

Се ближи, та

На првиот ние да частеме

Одбравме твое место, со твои луѓе

Ќе те чекаме, оти патот долг

Од далеку, додека ја наполниш ташната

Со бои, четки и некои ситни мали задоволства

Изненадувања за сите кои

Ќе наздравиме на 16 април

 

Ете ме, само нешто да завршам блузеру

Да викнам такси

Па да се напијам од вашата желба и зборови кои

Сеуште пламтат, дури посилно

Од последниот пат

Не дека многу ќе се задржам

Имам слика за правење

Имам градови за признување

Имам празници за славење

Ама на Велигден ете ме

Оти нели втор роденден

А вие сите овде

Прибрани од целиот свет

Та заедно да запловиме

Низ брановите на незаборавот

Ти спреми музика

Оти нели јас сум човекот – изненадување

А вие мои, сенешто што ќе ви текне, ете

Тоа сте ми


П.С. Ристо Соколов Сокол - “Кога денес ќе биде некогаш“


By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци



Tuesday, April 13, 2021

Блузирање (260-290)

 

(прва кавадаречка колумна)


“Svaka definicija

Gubitak je slobode

Pusti neka mašta

Uživa u tome“

(Obojeni Program, “Svaka definicijagubitak je slobode”, LP “Kako to misliš: mi”, 2012)

 

Паметам, а паметам троа од поодамна. На пример дека Кавадарци имаше феноменална скулптура “Гроздоберка“ која беше поставена на исклучително и во тие времиња, контроверзно место на Градскиот плоштад и ни беше како некоја мантра, како тоа некој може од тенќија и железо да направе нешто толку убаво и топло, да направе врвна уметност. Ете ја скулптурата навалена во дворот на Музеј Галерија – Кавадарци, одмара, чека идеја, чека мала реставрација и поставување на некое фино градско место. А може и да започнеме иницијатива за нејзино повторно поставување?! Може, ама и не мора. Кои сме па тоа ние да започнуваме иницијатива? И кого тоа денеска го интересира уметноста и културата?! Еве де, мене ме интересира. И нека биде ова почеток на иницијативата. А вас ако не ве интересира (често го вела тоа, еве уште еднаш), свртете друга страна, милијарди сајтови по интернетот, не мора мене да ме читате.

И кога сме кај Кавадарци, секој со свое мислење и искуство на живеење во овој град. Ете пред некој ден ми дојдоа гости од страна, сабота беше попладне, па слегнав да им уплатам паркинг, бар до полицискиот час (20 часот), да не се срамам и да не биде лажно добредојдето. Оно, арно што беше полициски час, ќе требаше до десет да им платам. Среќа гостите беа скромни. Им беше само до видувањето и муабетот, до добрата мисла и добрите желби и до скоро повторно видување. Заминаа зачудени. А ваму гледаш багра паркирана на тротоари, по пешачки, на сред улица, на паркинг места за инвалиди и истите тие со уклучени четири жмигавци и така додека не им “прдне“ та да се поместат и нормалните луѓе да си се паркираат и си викаш далеку е целта – Кавадарци пристојно место за живеење (додека комшијата го пушта до даска тонот на телевизорот у четири сабајле), а ти целиот распарчен висиш на терасата и си велиш да пријавам у полиција или да си отворам пиво и да им се придружам на “забавата“. Ебати забавата!

И додека се “блузираме“ (случајно или намерно) низ кавадаречкото секојдневие, забележуваме промени. Градот се менува. И не е тоа проблем, проблем е промената на кавадаречкиот “табиет“. Оти нов тротоар значи и почитување на тој што платил да се отвори нова улица, да се постави тротоар таму кај што го немало. Арно ама, почитувањето овде го нема во дефиницијата. Едни плаќат, други се радуват на новото, па одпосле првите заебани, а вторите баш ги заболе, добиле поклон од оние кои редовно плаќат данок за да се управе градот и урбанистички и законски. Деновиве се поставува прашањето (чаршијата?!) каде забегавме. Толку зло навлезено, одамна не е било у Кавадарци. Не само по социјалните мрежи и неверојатните навреди кон сите што размислуваат поинаку и особено кон оние чии ставови не трпат промена секоја секунда. Туку и по секојдневието. Непочитувањето и навредите ни влегоа во дефиницијата, а лажните вести поткрепени со “А знајш ли ти вујна му на виа, братучед шо е со ниа, а он внук на ниа шо некња го сретнаме, а шо е вујко на ниа шо татко му е воа. Е тиа е крив за воа, сосе стрина му шо е тетка на наа комшиката на ниа, ниа бе, шо не сака да го каже тоа. Е, така. Ама ќе дознајме, да го наврам.“. Се поставува врвното прашање: “Каде тоа се изгубивме попатно, каде тоа заборавивме во кој град живееме, каде тоа научивме да бидеме лоши луѓе?

П.С. Време на страотна светска пандемија. Особено во Кавадарци со неверојатните бројки на нови позитивни на вирусот и жртви на COVID – 19. Страотното движење на бројките кон висините, загрижува ептен. Пре година и месец – два, (со малку позитивни и починати од последица на короната)  порачувавме - чувајте се. Што сега да порачаме на оние кои не ги почитуваат ниту основните мерки против чудниот вирус? Торта?!


By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци