Friday, December 27, 2019

Блузирање (245-275)


(прва кавадаречка колумна)

“...Се возиме во познат правец
Ние сме им постар мамец
А нас, пивото нѐ моли:
- Отвори бе, мајсторе!
Бешиката нѐ боли!“

“Шефе“ - Last Expedition, LP “Box”, 1997


Каде за Нова година? Најчесто поставувано прашање деновиве во Кавадарци. Ги надминавме и Британците со нивниот секојдневен разговор за времето. Во суштина разговорот за времето е каде – каде поважен, ама ете во Кавадарци – “Каде за Нова година“. Суштинско прашање во нашите празни животи сведени на “да му цркне козата на комшијата, ама ако јас имам корист нека цркне и комшијата“. Во меѓувреме, нашите драги луѓе распослани низ светот, во некои за нив нови татковини, дел од нив во тие “татковини“ си го распослале животот ко’ кибицери, живеејќи на ситно, та ние овде на нив да се сетиме дури кога физички ќе заминат, па правиме добротворни акции, да помогнеме барем телото да им почива во родниот град кој го напуштиле од којзнае кои причини, иако додека биле живи и немале некоја особена намера да се вратат овде. Ама нашата “голема“ хуманост е неприкосновена – пари за се мора да се најдат. Јебига! На пола пат нит’ жив, нит’ мртов, важно годините врват немилосрдно и ете не и самите како лелекаме, не ни се умира, скапа умирачката, гробните места ко’ палати, парастасите ко’ свадби, а живите заглавени (од пусти срам некој нешто да не рече) во долгови, па терај го ти животецот ако веќе мораш. А бе какви сме, за никаде сме! Сосе хуманитарните настани или којзнае што се. Повеќето сомнителни како организаторите на истите.
Туку друго ми беше зборот уште на самиот почеток. “Каде за Нова година“?! Сигурно не на плоштадот. Не ради програмата, не ме интересира многу со години наназад, туку никогаш не сум сакал масовни теревенки за настани кои во суштина барат интимна атмосфера. Може во некоја тивка атмосфера, со добри луѓе, некаде каде што градските кодоши немат допир со животот на обичните граѓани на град Кавадарци. Да се разбереме, може и жестока атмосфера, ама за се друго важи кажаното во реченицата претходно. Да бе, зошто да не и на некои убави места каде што не допира кавадаречкото. Оти денес и овде, кавадаречкиот допир е блиску до краста (колку и да звучи чудно и екстремно и загрижувачки), некои лоши луѓе си го превзеле кавадаречкиот живот и си терат. Нека си терат, мајке им га, нека си терат, ама од Кавадарци друг град не бидува. Оти ние ретките кои останавме овде и се нарекуваме кавадарчани, не ни е страв од ништо, баш поради тоа што – останавме овде! Се забиберивме онаму каде што ројките не се осмелуваат да одат – низ целиот град!
Ете во моментот, на кружниот тек (еден од првите и многуте “родени“ низ градот) во Новиот центар е мртва темница. Свет(к)ат само тоа билбордите и градските светилки со штедливи сијалици. Штедливи?! На виа раскош од трошење ефтин поликолор за нови и бележити пешачки премини (зебри), кои се бришат на првото згазнување и места за паркирање (на кои ројките се паркират како ќе му текне), на кастрење дрва кои ја дават најубавата летна сенка у градот (белки со стручњак делкале, па ќе пркнат дрвцата еден ден), па почитувани случајни или намерни сопатници низ блузирањево – тејк а брејк! А Нова година и онака ќе дојде. Ја чекале вие или не. Нека ни е наздравје.
П.С. Се читаме во 2020 година. Која величина од бројка! А за основаната критика на општествените појави и настани, која им смета на сите кои во животот се добиле од мама и тато - “...Се возиме во познат правец , Ние сме им постар мамец, А нас, пивото нѐ моли: - Отвори бе, мајсторе! Бешиката нѐ боли!“

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци