Sunday, November 6, 2022

Блузирање (284-314)

(прва кавадаречка колумна)

И цел живот ти лафат (па и те лафат), не се топори, седи мадро, не се истакнувај, не “штрчи“. И тоа е, ебати. Чест ми е што не сум замолкнат и сеуште се “топорам“. Оти молчењето е лоша сила која е вперена против тебе, а слободниот глас и збор излегува од тебе. И се чита и слуша. Еве ја колумната, си тече, па макар самобендисано наречена – прва кавадаречка. И да не се повторувам – ако имате нешто да кажете, бујрум напишете нешто и со име и презиме да се истопорите пред јавноста. Ако не, ај прошетајте по тоа омилените портали и изигравајте експерти и спасители. Само немојте да се бавите со квази новинарство, оти за новинарство не ве бива. Отровот наречен – “коментар, колку да се коментира“ на некоја од социјалните мрежи, само зборува за нас.

Друго ми беше зборот. Дека минува времето, а ние брзо забораваме дека овој град не е од вчера, дека во себе изнедрил еден куп луѓе кои секој на свој начин го задолжиле градот, државата и светот. Да, Кавадарци не е од вчера, историчарите и хроничарите на овој град убаво запишале, кој, каде, зошто, за кого и слично. Кавадарци има еден куп имиња, се разбира како општина кои ги опфаќа сите населени места во неа, каде се родени и живееле и буквално се великани на својата професија, кои допринеле за Кавадарци да се слушне и до последната точка на земјината топка. Фала богу по арно, а не по тоа дека заебале некого, та им се срушил сиот свет врз глава. Со оглед на тоа што ова колумна е посветена на Кавадарци, а и авторот на овие редови и покрај сите перипетии и жестоки замки кои ги нуди и реализира овој град е роден и сеуште живее и работи во него и си пишува чат – пат за истиот и денес сме тука некаде, во Кавадарци. Си мислам и си “праам бајрам со умот“, зошто оние луѓе, кои го задолжиле својот роден град немаат никаков белег низ него. Родени овде, живееле овде, оставиле белег низ и во градот, та заминале во бескрајот на животот токму од и во Кавадарци. Би  набројал дел од нив: Ристо Соколов Сокол, Никола Баснарков, Дејан Костов Лиса, Васо Ангелов, Боро Клашев, Ѓорѓи Чемерски, Глигор Гечевски Ивче, Ано Кимов, Ико Илиев Гранде, Бранко Меко срце, Димче Мешков, Панта Малинков, Гоце Јосифов Ромбо, Ќиро Ангелов Маренецот, Точо Дуков, Душко Ѓорѓиев, Душко Чемерски, Ило Лазов Маренецот, Јованче Чемерски, Благој Мангаров, Ќиро Суло, Вано Малинков Ќендо, да не ги спомнувам без врска (со почит кон нивните семејства) Блашко Толев, Петре Тодоровски, Мишко Митрев, Сашко Гешовски и многу други, кои заслужиле барем една скромна табличка со основни податоци за нив закачена на нивните родни живеалишта или објект каде го оставиле својот работен век и живот. Уметници, музичари, спортисти, чаршијари, основачи на најголемите фирми на времето во градот, земјоделци, доктори, обични градски луѓе со белег, деца на градот, писмени човеци, воденичари, партизани и слично. Џабе улици, тротоари, булевари, згради, ако нема луѓе кои не забораваат дека пред нив имало неколкумина кои го сакале градот и околината и се дале себеси во тоа што најдобро знаеле да го прават, дека имало душа на небото над Кавадарци.

И така, си тече животот, ние со него течеме кон заборавот и да не се драгите луѓе околу нас, нит‘ бутур, нит‘ свеќа, нит‘ збор ќе има позади нас. Ќе ни гнијат гробовите, ќе ни мувлосат надгробните плочи, заборавени од сите!

П.С. Да сме живи и здрави, ќе се читаме некаде по Новогодишните празници. Може ќе не фатат и празниците кои допрва ќе се измислат. Ама за арно да е. Авторот на ова парче самобендисано наречено прва кавадаречка колумна “Блузирање“, негова лична слободна територија, ќе прави малку подолга пауза од оправдани причини. Намерата му е наредниов период да се занимава со некои приземни работи како обид(и) за публицистика, средување на некои лични литературни авторски творби и нивно издавање и некои други ситни фини нешта кои немат никаква врска со пишување или објективна критика на секојдневието кое така жестоко ни се мота низ Кавадарци. Ма секако дека оваа колумна нема намера да замре. Барем додека авторот има што да каже. А тоа ќе потрае. Се читаме во следната средба за два – три месеци. Бидете ми живи, здрави и весели. Не верувајте на лажната слика, ибите му пиперот на фејковите и со здрава памет во наредниот ден. May the Force be with you!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Monday, October 17, 2022

Блузирање (283-313)

(прва кавадаречка колумна)

Оваа колумна требаше да боде посветена на 11 октомври, празникот над празниците, Денот кога започнало конечното ослободување на Македонија од последните окупатори во нашето премрежје – фашисти од сите провиниенции, па и домашни, од коe настанало она што денес го имаме – слободна македонска држава, денес според уставот на државата Република Северна Македонија, држава чија турболентна историја ми дава за право да заклучам – ме заболе за историјата (особено онаа која ја толкуваат недоквакани и будали), ме интeресира денешницата и иднината. И не некоја далечна иднина, туку онаа утре, задутре. Затоа што сум од партизанско семејство по дедо и ме интересира само слободата на мојот народ и особено мојата, лична слобода. Колку и да тоа звучи самобендисано. И оти да не!

Така да, нешто друго во продолжение. Би ве предупредил, ако не ви се чита ова што го пишувам, ајт’ на некој друг од милијардите сајтови по нетот или по некоја од безвезалните социјални мрежи каде што можете да се “посирате“ колку што сакате. И мене така ми е полесно.

А сега сериозно. Паметам, а паметам богами од поодамна. Имаше една дискотека, се наоѓаше во тогашниот Младински дом во Кавадарци. Имаше зимска и летна сцена. Зимската беше катастрофа, летната уште повеќе, ама ни беше фино јебига и покрај сиот теснотилок, расклапаните “сепареа“, шанкот кој и не беше шанк, туку пијачките се продаваа зад врата, а “газдата“ на шанкот после тоа направи “империја“ со државни пари, ама тоа е, времиња ко‘ невремиња и одпосле дојдоа приватните дискотеки во кои плаќаш пијачка – пиеш пијачка. Е сеа троа скратен тоа коњакот и вињакот, ама таа е. Купи си лименка ако те боле по џебот или пиј си ракија по дома пред да испадниш. Твој избор.

Лелееее, кој избор го имаше Кавадарци во тоа фантастично време, страшно добар, на Балканот му завидуваа, затоа што тогашните генерации во градот имаа избор и уживаа во него. Овде ќе ги спомнеме само оние на кои авторот на овие редови има жестоки сеќавања: “Сачмо блуз“, “Дечки“, “Еми“, “ТТ“, “Квин“, “Себастијан“ “Галерија“,  “Бос“, “Џинго бар“, “Ќима бар“, “Текила“, “Баухаус“, “Балантајн“, “Далпер“, “Клуб 54“, “Јес“, “Енџи“, “Голд бар“, “Чарли“ и многу други, а во меѓувреме и дискотеките, освен “Младински“ и “Тиквеш“ – “Дорс“, “Ламбада“, “Ла Луна“, Парк Клуб“, “Хај – Фај“ и треба ли тука да се одјавам?! Ах, да, за време на новогодишните празници популарни беа наменските дискотеки во “Стар Балкан“ и “Гурман“, па и “Мост“. И никаде турбо фолк, богами никаде срања освен добра забава и култни теревенки! Одпосле дојдоа тракторите, жестоките рурални и еднонасочни бој – тренерка парти. Треба ли да ги спомнувам најдобрите сендвичи и тостови во градот?! “Снупи“, “Дос“, “Амадеус“, чорбата у “Балкан“, па бурекџилници и пекари и останати места за афтер парти јадење, оти требаше да се впие таа забава и 24 часовно живеење. Е сеа, за разлика од денешните галеничиња, нас полицијата (пред тоа “милиција“) не јуреше каде и да бевме пожестоки. Денеска се е на евала и изволте!

А (повторно) денес?! Немам поим! Мислете си ја вие, а ние ќе се прилагодеме. Ако ни одговара - секако!

П.С. Првата плоча во животот која сум ја купил со свои пари беше албумот “Шта би дао да си на мом мјесту“ од Бијело Дугме. За втората не праам муабет беше синглот од Про Арте – “Једна мала плава“, па следуваше и третата, четвртата и се така до којзнае кој број и ете и денес не е престанато. А првото ЦД ми е од “Дорс“, второто од “Парни Ваљак“... “Има се, може се“!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Tuesday, October 4, 2022

Блузирање (282-312)

(прва кавадаречка колумна)


“Pivo, konjak, stock

pivo, konjak, stock

pivo, konjak, stock

pivo, konjak, stock

i tada znam da citav svijet je moj…”


(“Pivo, konjak, stock” – Fantomi, LP “Veliki odmor”, 1990)


Првичната замисла беше да се напише некој збор за кавадаречките урбани легенди. Некои од нив сеуште овде, активни, живи, здрави и вредни, некои од нив пак тивки до вистинскиот момент за експлозија, голем број од нив повеќе не се меѓу нас, ама се чувствува нивното влијание и денес и како да ни велат од којзнае каде дека сеуште не е време за предавање. Пред нас се денови и години на фина борба против простотилакот, злобната мисла, озборувањето, борба против примитивизмот, кодошењето и омразата на сите оние кои размислуваат со своја глава, борба против сите оние кои имаат вкоренет ген против поинаквите и – слободните. Првичната замисла овде прави пауза, бидејќи авторот на овие редови стокмува приказни за поединци кои се дел од урбаната градска историја на Кавадарци, луѓе кои на свој начин го задолжија градот и нивните имиња ќе опстојуваат додека постои барем еден урбан човек, додека не не покрие прашината на заборавот, која започна да се таложи некако забрзано. За жал во 21 век, најурбаниот светски век.

А другото? Другото оди вака: Колку ли само себично размислувам понекогаш (си велам во себе, а вас баш ве заболе за тоа). Е оти така?  Ами колку ли само направивме изминатите години и ебати, оставивме нешто позади нас. Богами оставивме. А што тоа оставивме? Ако сега набројуваме (а зошто да не?!), произлегува дека се фалиме. А зошто да не се фалиме? Да не е тоа некоа маана?! Оти оваа 2022 завршува наскоро (?!), па ете ја следната година и ете не повторно на сцената, која и не е сцена, туку е постојана борба за пристојност и урбана независност, борба против руралното, борба против психијатриските случаи, борба против неработниците и просечноста, борба за нормалност пред се. А што значи нормалност ќе прашате. Па коегзистенција на различните и радост на живеење токму поради различноста и убавината на животот, онака како што секој си го замислил без да го повреди на било кој начин – другиот. Е сега, тоа што вие се гледате низ призмата на парите и не мора да читате понатаму. Да, економска криза е и тоа голема. ама призмата на парите и алчноста на остарените диктатори низ светот направија нашите мали држави сето ова да го доживеат како катаклизма. А за да тоа се потврди, се грижат тукашните љубители на “камшик“ и националисти по потреба, фејсбук војсководци и оригами политичари и се зависи од тоа на каде им врти чекмеџето за полнење. И нема да не убие борбата. Ќе до\ивееме длабока старост неколкумина, кои ќе се заебаваме со генерациите чие детство ќе биде бетонирано. Џабе нашите баби ни забрануваа да седиме на цементото!

П.С. Кавадарци 2099 – асфалтирана и последната улица во последното село во општина Кавадарци. По само 17 години изведба, асфалтот ќе сјае, без разлика што неговиот квалитет ќе нема да го проба ниту едно возило. Најстариот и последен жител во селото, 37 годишниот овчар со потекло од Австрија изјави – Јебале вас ово моје две овце, ја не сакам тука да живеам сам, го запали авиончето и си замина во неговото родно село во околината на Салцзбург, каде планира да се занимава со продажба на сувенири и секако со занаетот кој го научи во Кавадарци, изградба на тротоари по кои нема кој да се движи. Што се однесува до другите вести, бетониран е и последниот тревник и свечено е пуштен во употреба маалскиот дуќан, во кој последните жители на “Илинденска“ ќе можат да се снабдат со вотка од Уганда, жолта ракија од Мексико, тоалетна хартија од Паликура, понекое ЦД со патриотска музика и секако со минатогодишен леб произведен во остатоците на сибирската околија. Сопствениците на дуќанот се надеваат дека наредните години ќе можат да набават за своите муштерии авганистански свеќи за квалитетно осветлување на нивните остатоци од домови. Последна вест: Жителите на Третата колонија од Галаксијата Џаспар, автохтони Кормиланци кои таму се населиле по распадот на нивната планета,  разочарани од условите за живот на остатоците од планетата Земја се вратија дома, задоволни единствено од набавените изданија на земјините музички и литературни класици. И секако од изобилството неупотребена тоалетна хартија. А ја како старудија од 132 години пропаднат во прастариот тросед се ситам и си викам – ви реку ли, ви реку ли, ви реку ли! Ај отидов да го читам последното издание на “Дилан Дог“!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Wednesday, September 21, 2022

Блузирање (281-311)

 (прва кавадаречка колумна)


(Kazu da negde ipak

postoji grad

pod zastavom kise

iznad krovova

otvoren grad

otvoren grad…)


“Grad” – EKV, LP “S' vetrom uz lice”, 1986


Понекогаш се случуваат фини нешта. На пример, знае тој мал фин и ограничен рок публикум да дојде на рок концерт. Не на тезга свирка во некој клуб (респект за клубовите кои ги носат и за бендовите кои добро рокат за парче леб, но и за радост на присутните), туку на солиден едночасовен рок концерт, како што последно се случи на концертот на младите рок музичари од Луфтханза во кавадаречкиот Дом на култура. Фина, рок атмосфера, без некоја потреба од филозофирање, ама симболиката е јасна – квазимузичкиот дел на манифестацијата Тиквешки гроздобер (без ниту еден рок бенд од Кавадарци), кој беше своевидна Ивкова слава или што би рекол еден драг пријател “ко’ на српска свадба, три дена трубачи“, докажува дека музичкото малцинство во овој град и не се почитува (освен ако не мора од икс причини), колку и да си раскажуваме приказни дека ние сме којзнае што. Турбо – фолкот и општествено и политички и трауматично и забегано и фамилијарно – владее со овој град. И тоа е невидено зло. И да, нема повеќе приказни, има само сентиментални сеќавања дека во одредени години во Кавадарци се почитувале и поинаквите, оние различните, оние чиј живот не зависи од тоа дали на локалните дрипци насабајле имало кој да му го плати кафето. Ебати! Да не лафам колку на блузерот му се гади од ситната боранија која не ги почитува ниту основните општествени постулати на живеење во еден град. Град?! “Ма иди мало причај ми о томе“.

А не дека Кавадарци немал блескави моменти и приказни за кои и ден денес се раскажува. Напротив. Тоа не зависи од ничији мочани политички амбиции, туку од љубовта кон сопствениот град и почитта кон граѓаните кои животот си го оставиле овде и сеуште размислуваат – дали не згрешивме што останавме?! Та да ни “го ебат звањето“ дилетанти и подлизурковци. И не дека сега овде авторот на овие редови се прави нешто паметен. Далеку било. Ама не му е сеедно при илјадници тони измазнет асфалт “да гази кал“. И немојте да ме терате да ви давам примери за тоа во овој момент, па за тоа пишувам , се блузирам и јадам “гомна“ речиси седумнаесет години од првата напишана и самобендисано наречена “прва кавадаречка колумна“. Нема овде “жал за младост“, нема овде ништо друго освен гола љубов кон родниот град и желбата тој да биде пристојно место за живеење. А не приватна “прчија“ осудена на пропаст! Не ви изгледа дека е баш така? Аха. Се читаме повторно наскоро, со нови моменти од заебанцијата наречена живот. И да, благодарност за Пеце од Суперхикс што ни ги донесе Луфтханза во Кавадарци!

П.С. Колумнава ја пишувам на денот (21 септември) кога во 1958 е роден Милан Младеновиќ, човекот чиј збор и музика важи и денес. Можеби повеќе отколку вчера. Еве и сега, си пуштам ЕКВ и кулирам. Размислувам и кулирам. Кулирам и размислувам – Кавадарци пристојно место за живеење. Еден ден, ама еден стварно убав ден!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Friday, September 9, 2022

Блузирање (280-310)

 (прва кавадаречка колумна)

 

“S ortacima sedim i ispijam piva

i kao da me ništa nije briga…”

Partibrejkers - “Meseceva kci”, LP “Partibrejkers II”, 1988

 

Септември. Па дури и во Кавадарци. Првите денови на месецот го носат празникот на градот “7 Септември“, па манифестацијата “Тиквешки гроздобер“, а во деновите пред и потоа трае бербата на грозјето кое и оваа година го има во изобилие во кавадаречко и Тиквешијата. Во изобилие е и неколку децениската контроверза со цената на откупеното грозје. Државата ли треба да се грижи за цената, винариите ли кои би требало да работат пазарно, лозарите ли со нивната мака кои би требало да имат реално платен производ, јас ли треба да се грижам кој ниту има насад со грозје, ниту знам да правам ракија и вино. Не го знам одговорот. Си купувам во рамките на моите скромни финансиски можности и секако семејни потреби и грозје и вино и ракија и маџун и слатко.

Инаку, ако се осврнеме на манифестацијата “Тиквешки гроздобер“, ќе заклучиме дека за првпат е организирана 1964, од генерацијата која имала визија како да се развива еден град како Кавадарци, кој до некоја година пред тоа бил еден беден остаток од обична турска касаба, без ниту еден видлив објект или традиција која би се препознала подалеку од Тиквешијата. Тие визионери стигнале до таму до каде што можеле – до еден момент Кавадарци да личи на фино средноевропско градче. А денес за “Тиквешки гроздобер“ нека зборуваат генерациите чиј препознатлив белег би требало да биде токму ова време – денешно, со сите негови доблести и маани. И онака овде, во оваа самобендисано наречена прва кавадаречка колумна, е бааѓи пишувано за оваа манифестација, особено за она на кое е сведок авторот на овие редови, така да читајте нешто мајка му стара, не туку се занимавајте со глупости. А на што е сведок авторот? Сведок е на десетици илјади посетители на времето во доцните седумдесети и раните осумдесети на минатиот век, на концертите на Градскиот стадион, на карневалските поворки, на Земјоделскиот саем, на мото трките, а не на лажни посетители со бројка од 120 илјади со која си играт последните години разно – разно портали и партали. Знаат ли кутрите што значи 120 илјади посетители во еден град со големина на Кавадарци?! Не земјотрес, ќе се распадне градот со еден тропот на чевлите од 120 илјади луѓе! 

И така, да си го истерате гроздоберот и оваа година, да си се напоете некоа чашка ракијца и винце, апните си некое ќебапче, кркните некоа плескавица, истерајте си убаво со оркестарот за свадби и погреби, а ни другите по дома, со луѓето кои не почитуваат, оти така ни е фино. Секако не ни бега и на нас ракијцата и винцето, ама бар ќе си слушаме музика која си ја преферираме, а не онаа која некој ни ја наметнал! Можеби некогаш во некои фини времиња некој и ќе не праша – сакате ли бре кав’дарчани да ви е убаво за гроздоберот или ни да ви го туриме уште еднаш по наше!

П.С. Во минатите изданија, во музичкиот дел на манифестацијата “Тиквешки гроздобер“ гостуваа: Партибрејкерс, Ван Гог, Мизар, Бајага, Рибља Чорба, Паркети, Парни Ваљак, Масимо Савиќ, Фрајле, Влатко Стефановски, Дадо Топиќ, Галија, имаше рок свирки по сите кафиќи кои држеа до себе, најдобрите Фолклорни ансабли од Европа настапуваа на Градскиот плоштад, најјаките карневалски поворки од Балканот прошетаа низ градските улици, настапуваа и кавадаречките бендови Журнал, Smoke Shakers и се што постоеше како квалитетна музика од Кавадарци. И то... Ај, на арно нека е, во понеделник ќе се преесапиме што и како се случило.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Saturday, August 27, 2022

Блузирање (279-309)

(прва кавадаречка колумна)

 

“Zbog čega primatima nikada ne isključuju elektriku

Oni u principu i onako rijetko čitaju

A i to što čitaju krive stvari čitaju

Pa zašto im onda ne isključuju elektriku…”

 

(“3N” – Azra, LP “Krivo srastanje”, 1983)

 

Како минува времето, како се таложат годините, така се губи смисолот на укажување на антиопштествените појави во сите области. Во држава и град во кои основната и аргументирана критика се сметаат за навреда, во кои укажувањето на неправилностите, антизаконските, нечовечките и останати глупости се земаат како непријателство, тртни му го на се што се “ствара“, ама онака самобендисано “ствара“, за да после “презентацијата и промоцијата“ на истото (по окркувањето и излокувањето на се што има на коктелот) сите “посетители“ заборавиле кај биле и зошто биле се до следниот коктел. Опасна појава и неизлечива. А тоа трае со децении (овде укажувано безброј пати). И секако ептен навредлива за вистинските творци, производители и организатори на настани за кои се пишува и зборува со години потоа. Секако, не е навредлива за “организаторите“ чии настани се глорифицираат по квази национални и локални медиуми (дно – дна портали) најчесто со copy – paste информации без еден авторски збор, камоли текст, камоли реална критика, а со лигавење и умилкување, овде “отварачите“ на настани уживаат во својата позиција – да не кажат ништо. И така, се вртиме во круг како да Кавадарци е центар на светот, а Македонија центар на Универзумот, ко’ ситни кибицери на “чичино“, ко’ турбо – фолк како мејнстрејм живот, ко’ казина како врв на социјален (а потоа сиромашен) живот, ко’ квазибуржоазија која кофа вода не дава за да им се исчисти зградата во која живеат, а реалниот живот отеран во “три лепе“. Сите ние сме во моментот на пат кон “Три пизде материне, па лево“. А во Кавадарци? Да и во Кавадарци!

А времињата такви – никакви, впрочем како и изминатите триесет и една година од независноста на државата, која во суштина и реално е Република Македонија, а уставно и регуларно си е Република Северна Македонија, ама почитувани – има ли кој да го разбере тоа и да си го тера животот онака како што сам ќе си го направи. Оти секојдневието е она што е битно, а не јајцата на Александар Тхе Греит и копитата на Букефал. Човече, да се палиш на нешто што било пред две илјади години, нешто не ќе да е во ред, не е здраво. Не е во ред да ги мразиш поинаквите од тебе, оти тоа за тебе зборува, не е во ред да се паркираш на пешачки, оти тоа за тебе зборува, не е во ред да си националист и да одиш на годишен одмор по државите кои ги мразиш – оти тоа за тебе зборува. Можеби нешто и не е во ред со тебе, ама тоа е твој проблем – не е наш, на оние поинаквите, а толку нормални и присебни. И додека една пристојна и велелепна земја со фантастична култура и народ како Русија потпадна под влијание на самобендисаниот “лидер“ и се осмели да ствара ред во суверена земја како Украина (за која патем заборавивме која беше нејзината улога 2001?!), убивајќи обичен народ, окупирајќи територии, ние овде глорифицираме диктатори, се смееме на несреќата на народ кој денес крвави дебело. Забораваме нели? Забораваме и затоа сме такви, подлизурковци, газолижачи, ефтино продадени на партиски мангупи, на олигархиска стока, дозволуваме да ни ги бројат парите кои ги заработуваме таму некои си лихвари и самобендисани деца на татковци кои имаат се што вие немате, а ним и не им треба. Тие меѓу другото имаат и резервни татковини. Само ете овде им е по се изгледа најфино. Цепат тендери, прават улици, редат тротоари, садат зимзелени дрвца со наши пари, узурпираат градски простори, градат згради во град кому и тоа како му е потребен Градски парк ослободен од бетон. Ете, пред пет минути, будала во кола сакаше да ме згази на сред тротоар (ул. “7 Септември“), оти улицата по која врвел се реновирала (?!), па дај да сврти барабата на сред плоштад, па по тротоарот, та кој ги тинтра пешаците. И да, не сум повеќе Хипик, не сум повеќе пацифист. Премногу порази околу мене. Заштитниот ѕид е готов. Доста е. Време е за победи (?!). Макар и во градот случајно или намерно наречен – Кавадарци. Long Live Rock’N’Roll!!!

П.С. Да се цитирам самиот себе од изминатите колумни?! Ај не! Па читајте нешто мајка му стара, јебале нас лажни вести, теории на заговор, бајачи и белосветски сезнајковци!


By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Saturday, July 9, 2022

Блузирање (278-308)

 (прва кавадаречка колумна)

 

“Толку години заебавме

Кристално чист твојот глас

Буди сеќавања на улиците

по кои одевме и газевме

Море марширавме...“

 

(Дел од песната “Сеуште сме тука“ од необјавената книга поезија “Заебан градски блуз“ на Марјан Т.)

 

Центарот на Кавадарци (кој денес не личи воопшто на тоа што беше пред само десетина години) е главно лоциран на шест улици: Илинденска, Пано Мударов, 7 Септември, Мито Хаџи Василев Јасмин, Тиквешко востание (поранешна ЈНА) и Цано Поп Ристов. И секако Градскиот плоштад во средината, чиј конечен лик е сеуште непознат. Е токму Градскиот плоштад, заедно со Градскиот парк (и тој непрепознатлив денес за многумина) се најважните геостратешки точки во градот, што би се рекло од општокултурно градско живеење – Центарот на Тиквешијата. Но, да се вратиме на градот и неговото ововременско и минатовременско градско живеење. Ако ве држат сеќавањата, овде освен поранешните референдуми за тоа дали да има или нема градски самопридонес за изградба на витални градски објекти, никој не ги прашал кавадарчани дали сакаат така драстично да им се менува ликот на родниот град. Нејсе, тоа трае заедно со факинг транзицијата и енормното богатење на градските велепоседници речиси триесет години, така да, џабе везеш блузеру. Оно џабе везат и тоа порталите и ѓоамити медиумите кои личат најмногу на билтени, ко’ од времето на врапчињата со партиски директиви, а кои го поддржуваат ситното везење. Нешто се нервирам?! Ма не, воопшто. Својата борба за Кавадарци пристојно место за живеење ја заклучив и го фрлив клучот од катанецот во Луда Мара.

Паметам, а паметам од поодамна, некое лето во Кавадарци, седиме деца на плоштадот под сенка, зад нас прска фонтаната, се токмиме чиј ѕенѕер да го “овршиме“, пумпаме тоа гумите на пони точаците и тргнуваме. Некаде под АК “Тиквеш“ (тогашен) накај пекарата, ги напаѓаме “каубојските ѕенѕери“, се враќаме на плоштадот и ајт’ сите по дома у WC. Акција – реакција. Ама тоа не не запираше уште истата вечер да се истопориме на фонтаната со човечињата пред (тогашно) “Борово“ и да раскажуваме приказни кој – колку е храбар и да ја гасеме жедта од (пре)солените пуканички, семки и леблебија. Деца бевме, фантазии безброј, си го сакавме градот, плоштадот беше полн зеленило, на градот не му беа потребни проект – еколози истото да биде заштитено. Оти бевме воспитани дека тоа што е заедничко е на сите. Во меѓувреме одевме на кино. Како растевме одевме и на Театар. Одевме и на добри концерти. Одевме во паркот, другарите и пријателите свиреа гитари, со саати се “ладевме“ од одсекогаш (пре)високите летни температури во Кавадарци. Дневната шема со табла, карти, јамб, шах во ресторанот “Бриони“ се случи во меѓувреме. Како и секое меѓувреме – и тоа траеше кратко. И тука прекинувам, затоа што во П.С. имам нешто важно да ви кажам. За патриотите кои денес се на протести, а утре на црноморските, егејските и јадранските плажи, а задутре на работно место во некоја буџетска установа - во некоја друга прилика. Да, во меѓувреме се сетив дека имам резервен клуч од катанецот.

П.С. Денес е сабота, значи утре е недела, 10 јули, ден кога заедно со добри градски луѓе го одбележуваме Меморијалниот ден “Денот кога се роди добриот човек“ посветен на денот на раѓање на добриот човек Дејан Костов Лиса. Лиса беше дел, своевидна дефиниција за урбан лик од вистинскиот центар на градот. Еден од последните. Лиса сеуште и денес не прави подобри луѓе. А токму утре од 18 часот, на youtube каналот на Алтер Центар, Здружението за алтернативна култура од Кавадарци кое со скромни можности изминативе години направи големи градски нешта, ќе се промовира една музичка тема, песна посветена на Лиса, на неговиот урбан и редок градски лик, еден од последните кои вистинско Кавадарци ќе ги памети. Проектот “Лиса“ со темата “Пријатели и другари“. Онака, за малку фино да се растрепериме, оти нели, малку поинакви, со сите белези и лузни кои ни ги оставил градот, ама со срце, искрено и со љубов, за Лиса, за градот и за сите оние  кои на Кавадарци му ги оставија најубавите урбани и градски приказни.


By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

 

Friday, June 10, 2022

Блузирање (277-307)

(прва кавадаречка колумна)

 

Деновиве во Македонија е актуелно велелепното издание, монографијата за бендот  “Мизар“ – “Откровенија 1981 – 2021“, авторски проект на Тошо Филиповски. Мене ми е чест да кажам дека Мизар првпат ги слушнав кај Боро во Клуб “Баухаус“, култното место во Кавадарци кога станува збор за добрата музика. Беше тоа 1991 кога првпат влегов во Баухаус и не излегов додека постоеше. А таму, фантастични случки и дружби. Ден – денес со луѓето (повеќето од нив) кои беа дел од “Баухаус“ сме океј и соработуваме, се дружиме, се бориме (?!) за урбано Кавадарци, секој на свој начин. Интересно, тоа се претежно писмени луѓе, креативци и урбани градски момци на кои денешно Кавадарци им е чудно и несвојствено за нивниот “раскошен“ начин на градско живеење. Има многу приказни за урбаниот живот во Кавадарци, се разбира во минатото (не така дамнешно), денес само може да си поприкажеме, кисело да си се изнасмееме за џабе трудот и катастрофата која дојде потоа. Смисолот на градското живеење нема допирна точка со турбо фолкот. Ма не мислам тука на квази музиката, таканаречениот турбо – фолк, тоа и онака одсекогаш било навреда за добриот вкус, туку на секојдневието кое ни се лизна низ рацете и замина во непознат правец, кон своевиден геноцид на урбаното живеење и размислување. Џабе колумни, џабе лични експресии по социјалните мрежи. Интересно, поразот на убаниот момент повеќе ги боли “руралните“ елементи, отколку ретките остатоци на градското во Кавадарци... Ама таа е. Градскиот живот замина во илегала. Да се разбереме: и ова денес е Кавадарци, си го сакаме и на свој начин се трудиме да биде подобро, ама кому – како ќе му дојде.

Инаку, за некој ден и официјално ќе започне летото. Па дури и во Кавадарци. Па кога ќе се “стуриме“ по плажите на “омразените“ Грција, Албанија и Бугарија, има да се изнатрошиме пари од инат. Е такви сме, де... Што се однесува пак до некои минати лета во Кавадарци, се поставува прашање дали воопшто е можна споредба со годината во која битисуваме – 2022?! Тотално е различно, на пример од 1997. Тоа лето го работевме Клубот “Галерија“, фуравме рок музика, концерти (не свирки) во него оддржаа “Нерв“ и “Океан Пацифик“, Ристо Соколов Сокол со неговата врвна уметност величенствено го смени ентериерот на Клубот, учесниците на Тиквеш Рок Фест 1997 направија страшна журка. И меѓу другото, баш поради тоа нема споредба со тековната година. Година во која дефинитивно се предадовме на некои чудни рурални ликови, кои до “вчера“ и не беа дел од ова пусто кавадаречко секојдневие. Ама, секогаш тоа ама... Да сме живи и здрави, еден убав ден, ама еден стварно убав ден, ќе се сетиме на тоа дека еден град не го прават град улиците, тротоарите и зградите, туку луѓето. Така некако ќе му дојде.

П.С. Таму некаде средината и доцните осумдесети на минатиот век, во тогашниот (култен) ресторан “Бриони“ во Градскиот парк, во дневните часови се играше карти, табла, се “кртавалеше“ јамб, се сеиреше по градски ебате. Летата и тогаш беа со превисоки температури, ама тоа зеленилото во паркот, па тие тополите истопорени на неговиот влез, па тоа сенките од багремите по патеката накај “Костурницата“... И да, “Тика“ пиевме во “Бриони. Пијалок кој денес е мит.

 

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Saturday, April 9, 2022

Блузирање (276-306)

 (прва кавадаречка колумна)

 

“...Beton, beton, samo beton

Beton, beton, samo beton

Beton, beton, samo beton

Beton nama treba

Ponoć ide

Mira nema

Da se pitam ja bih

Posjek’o sve sume

A za ukras postavio

Od traktora gume...“

 

Rambo Amadeus – “Beton”, LP “Hocemo gusle”, 1989

 

Сериозната и професинална критика на културните и уметнички настани е најдоброто портфолио на еден културен работник или уметник. Макар и негативна, таа носи поттик за наредниот ден. Сериозно треба да се земат и критиките на сите општествени појави, во било која област, ако за тоа зборуваат професионалци. Секако, неприкосновено право на критика имаат и обичните граѓани, без разлика на кој слој припаѓаат и доволно ја поткрепуваат критиката особено на некоја општествена девијација со видливи и вистинити аргументи. Но, секогаш тоа - но. Професионалците најчесто и ги нема, повеќето од нив разочарани затоа што “фелата“ за владејачките структури изминатите триесет и озгора години, со ретки исклучоци и не постои. Не ја рецкаат ни под разно, а овие молчат и чекаат подобри времиња. Молчењето е злато, ама само ако немаш што да кажеш. Оно, во општество каде врв на животна амбиција е членство во политичка партија, тешко и дека некогаш ќе биде поинаку и подобро. Овде различните бодат очи. Ами нормално дека ќе бодат, кога во генот ни го напикаа едноумието.

Што се однесува до Кавадарци, ова самобендисано парче слободна територија наречено прва кавадаречка колумна ниту е имала, ниту ќе има намера некому да попува, но ете, ќе извинете ама немам намера да ве прашувам што да пишувам, држејќи се пред се до основните постулати се што е напишано да е веродостојно и поткрепено со факти и секако напишано по дебели анализи, читање и сведочење на нештата. Ете така...

Инаку, низ годините наназад, а бааѓи години се наназад, пишување на оваа колумна, кога ќе се свртам назад гледам дека сум пишувал хронолошки за некогашно модерно Кавадарци, барем за она што останало од модерно Кавадарци, опфатени се сите општествени појави и слоеви, никого не сум навредил верски или национално, на што особено сум горд. За оние на кои партиското комуницирање им е добро утро и немам баш некое особено добро мислење. Ама тоа е нивни проблем. Мојот (сладок) проблем секогаш е темата на колумната и најчесто тоа е збир на теми, оти градот дава изобилство на нешта за кои вреди да се пишува, макар тоа читателот поинаку го вреднува кога ќе се препознае себеси во незгодна и антиградска ситуација. Далеку сум од југоносталгичар (имам пред се лични причини за тоа!), ама денес по 31 година од крвавиот распад на поранешната држава и немам никаква причина да жалам што таа повеќе не постои. Оти паметиме, не за друго. Можеме да си раскажуваме приказни “од цара до стопана“ и нема да се сложиме, ама едно е битно, многу нешта го прават еден град – град. Особено луѓето чии вредности и основен жпвот се за почитување. Бетонските морбидни сновиденија, сечењето дрва, паркинзите каде и не му е местото, зградите, тротоарите, асфалтот, особено ако тоа сето е подложно на распаѓање, не го прават градот – град. На таа перцепција илити урбана џунгла, ма и со каква намисла сето тоа било, ќе недостасуваат луѓе. А вие како сакате.

 

П.С. Според македонскиот толковен речник: Кодош = Клеветник, поткажувач.

 

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Thursday, March 3, 2022

Блузирање (275-305)

(прва кавадаречка колумна)

Светот денес поради познати причини, не е повеќе ист. Злото удри жестоко. Каков ќе биде утре светот, никој не знае. Со сиот респект и почит кон невините жртви во нападнатата Украина и искрена поддршка за нивната одбрана на сопствената земја, сепак се решив да го објавам ова “роденденско“ издание на колумнава. Да одиме вака со текстот, оти нели, човечкиот живот е најважен и нема ништо посвето од тоа.

А приказната оди вака: 1967 по многу нешта беше специфична година. Прво и најважно, се родив таа година (малку самобендисано нели, ама такво е одповеќе и она што надолу ќе го читате), на денешен ден, 3 март. Таму некаде во близина на денешното “Полициско паркче“, на “Борис Кидрич“ во Кавадарци. Фино маало било во тоа време, иако сум живеел само една година пред да ме преселат на “Илинденска“ 3 (каде конечно и официјално сум проодел, иако првите пробни чекори ми биле на “Борис Кидрич“ и “Ресавска“ 3). Не се сомневам во тоа дека и денес тоа е фино маало. Точно, времињата и луѓето се менуваат, ама нешто ми кажува дека фини луѓе таму сеуште има. Така и во куќата во која сум ја поминал првата година од мојот живот, во куќата на чичко Коле и тетка Вида денес живеат нивните наследници. Да, денес полнам 55 години живот. Живот и тоа каков! Денес, оваа извикана 2022  на овој ден сум со мојот животен сопатник, мојот соборец, мојот најдобар пријател, мојата љубов – Билјана Соколова. Денес и Тодоровска, ама тоа презимето е најмалку важно. Најважна е таа и нејзината поддршка, нејзините очи и доверба, нејзиното мајсторство да ме направи спокоен дека денот утре ќе биде подобар и многу поубав, нејзиниот неверојатен талент и во уметноста и животот. Треба ли да напишам во П.С. подолу дека оваа самобендисано напишано парче наречено прва кавадаречка колумна, ова денешно “славеничко“ издание и е посветено нејзе? Нема потреба. Одиме натаму.

За мојата животна 55-ка може да се напише стихотворба од една строфа и стих плус - минус, ама може да се напише и роман од три тома. Зависи од гледиштата на оние кои ме познаваат долго и искрено и нивните сопатија, небиднини, радости и плачки, нивните гледања на нашето долгогодишно споделување на слични вредности и љубов кон животот токму таков каков што е, со сиот раскош на секојдневни борби да се биде свој, поинаков до ниво кое го дозволува тоа културата на живеење, да се биде слободен и колку што се може со добра мисла и доблест за се наоколу. Ако се може де. А се може, нели? Да се живи и здрави сите со кои ги делевме годините наназад, со кои се боревме, се радувавме и на најмалата капка причина за радост, со кои веќе утре ќе ги потврдиме годините кои доаѓаат. Но, сепак ова не е колумна за животот на авторот на овие редови, колку и да некому тоа така му изгледа, туку е колумна за Кавадарци, за градот во кој сум роден и во кој сеуште (?!) си го терам животот. Значи за Кавадарци, а?

А Кавадарци овие 55 години од моето битисување по неговиот (најпрво калдрма, па коцка) асфалт донесе и однесе промени, но и застана во некои нешта во местото, оно кому како се падне, нели. За да живееме и опстојуваме во овој град, пред се се потребни работни места на кои ќе печалиме за живот. Оти сакале – не сакале, парата е битна. А за работни места да постојат потребни се (порано) претпријатија, (денес) компании, фирми и фирмички и слични некои економски важни тракатанци. Е тоа во Кавадарци и низ минатото го имаше во изобилство. Помалку или повеќе, сепак го имаше. Е сега, ова натаму би му дошло ко‘ некоја хроника на економијата, стопанството и угостителството во градот, ама ако. Или можеби - како тоа и каде и со што нашите предци/родители/баби и дедовци ни пружиле ваква или таква – иднина. Нека биде.

Ако гледаме реално, без разлика на економската моќ на Кавадарци, градот е лоциран на десет километри од сите главни патишта во државата. Тоа е и проблем, ама и ќар. Несекојдневни од секогаш биле насловите на фирмите во кои кавадарчани го заработувале парчето леб. Буквално. За разлика од денес во ерата на таканаречениот капитализам (кој ли стадиум е кај нас, никој нема поим, најверојатно мочаната непрекината транзиција сеуште трае). Така да во минатото во Кавадарци егзистираа, произведуваа, даваа плати, го градеа градот, се бореа: Металка, Дафинка, Кавадарка, Авторемонт, Машиноремонт, ЕЛРО, ЕМРО, МИК, ДИК “Страшо Пинџур“, АК “Тиквеш“, Вишешница, Култура, Грозд, Тиквешанка, Тиквешко поле, Мара Димова, Даб, Љубаш, Тиквеш Комерц, Бел Камен, Балкан, Тиквеш Транс, Метал Промет, Таан Алва/Таска, 16 Јуни и многу други. Бившата (троа поголема) држава во која егзистиравме 45 години на Кавадарци му ги донесе претставништвата и продавниците на: Беко - Белград, 1 Мај - Пирот, Астибо - Штип, Црн Бор - Прилеп, Клуз - Љубљана, ЧИК - Куманово, Борово - Борово, Обуќа - Белград, Технометал - Скопје, Вардар - Скопје, Словенијалес - Љубљана, Треска – Скопје, Дервента – Дервента, Југобанка - Белград, Ауто Македонија - Скопје, Багат – Загреб, Отекс -  Охрид, “Шипад“ – Сараево, Тетекс - Тетово, Вартекс - Вараждин, Герас Цунев - Струмица, Тутун - Скопје, Краш - Загреб, Нова Македонија - Скопје, “Македонија спорт“ – Скопје, Рубин Кармин – Скопје, Југопластика - Сплит, Агромеханика – Скопје и имаше уште неколку.

А ние пак овде, во Кавадарци де, да не бидеме подолу, “отворивме“ низ годините наназад од кафиќи, преку кафани, па сендвичари, па слаткарници до ресторани и слични некои фини места и еве ме кај се сеќавам на нив. Оно, овие кои што следуват се фино, комерцијално и друштвено посетени од мојата маленкост и ниту едно од нив повеќе не постои, ама сепак тоа се: Баухаус, Астрато, Ќима, Галерија, Сачмо Блуз, Еми, ТТ, Дечки, Џинго, Делијано, Бакарди, Пест, Александрија, Далпер, Клуб 54, Енџи, Голд Бар, Пекол, Рај, Текила, Мост, Себастијан, Снек бар, Стар Балкан, Балантајн, Квин, Рока, Мал Одмор, Роберто, Париз, Коктел, Рио, Весник, Клуб 16, Лепотица, Илинден, Белград, Њујорк, Тотал, Пис, Пела, Бос, Амадеус, Котката, Анѓел Слаткарот, Дос, Трач, Диско Младински, Диско Тиквеш, Диско Дорс, Диско Ла Луна, Диско Парк Клуб, Диско Бал, Диско Ламбада, Диско Хај фај, Амор, Јагода, Клуб Ин... Има уште некој фин објект, ама за тоа во некоја друга прилика. Ууу, сега гледам, некаде сум пуштал и музика, сум правел некоја “шема“ и атмосфера, сум правел радио и ТВ интервјуа, Радио ноќни програми во живо, сум играл флипери и сум пиел кафе. Ама за тоа во некоја друга прилика. Сега ме чека мала прослава на мојта 55-ка. А утре, утре е нов ден. Плус петок, па викенд. Машала. И потоа понеделник, па се одново. Сега тоа поспоро, посмирено, одбрано и подобро.

П.С. И да завршиме со 1967, со еден подолг респект кон исполнителите и албумите кои се издадени таа година. Ќе ги препознаете меѓу другото и ден - денес активните, најголеми и најквалитетни имиња, дали преку нивните тогашни бендови или почетоци на успешни кариери, сеедно. Голем дел од нив и се на некое друго непознато место. Ама еве кои исполнители (охохооооо) ги исфрлиле пред љубителите на добрата музика своите албуми пред 55 години, во култната 1967 година (дел од овие албуми во вид на плочи, касети и ЦД-а, фолдери, ми се мотат по дома): The Rolling Stones “Their Satanic Majesties Request”, Big Brother & the Holding Company “Big Brother & the Holding Company”, The Yardbirds “Little Games”, Mothers of Invention “Absolutely Free”, The Beach Boys “Wild Honey”, Leonard Cohen “Songs of Leonard Cohen”, Grateful Dead “Grateful Dead”, The Moody Blues “Days of Future Passed”, The Byrds “Younger than Yesterday”, The Doors “Strange Days”, The Beach Boys “Smiley Smile”, Traffic “Mr. Fantasy”, The Beatles “Magical Mystery Tour”, Buffalo Springfield “Buffalo Springfield Again”, The Rolling Stones “Between the Buttons”, The Kinks “Something Else by the Kinks”, Bob Dylan “John Wesley Harding”, The Jimi Hendrix Experience “Axis: Bold as Love”, Jefferson Airplane “Surrealistic Pillow”, Velvet Underground “The Velvet Underround and Nico”, Cream “Disreali Gears”, Pink Floyd “The Piper at the Gates of Dawn”, The Doors “The Doors”, The Who “The Who Sell Out”, The Jimi Hendrix Experience  “Are You Experienced”, The Beatles “Sgt. Pepper's Lonely Hearts Club Band”, Bo Diddley, Muddy Waters & Little Walter “Super Blues”, Dusty Springfield “The Look of Love”, Otis Redding & Carla Thomas “King & Queen”, Nina Simone “Nina Simone Sings the Blues”, Roy Orbison “The Fastest Guitar Alive”, James Brown “James Brown Sings Raw Soul”, Albert King “Born Under a Bad Sign”, Chuck Berry “Chuck Berry In Memphis”, Roy Orbison “Cry Softly Lonely One”, Aretha Franklin “Aretha Arrives”, Bee Gees “Bee Gees’ 1st “, Eric Burdon & The Animals “Eric Is Here”, James Brown “Cold Sweat”, Sam & Dave “Soul Men”, Ten Years After “Ten Years After”, John Mayall & the Bluesbreakers “A Hard Road”, Eric Burdon & The Animals “Winds Of Change”, Van Morrison “Blowin’ Your Mind!”, Procol Harum “Procol Harum”, David Bowie “David Bowie”, The Rolling Stones “Flowers”, Frank Zappa “Lumpy Gravy”.

 

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Wednesday, February 2, 2022

Блузирање (274-304)

(прва кавадаречка колумна)

Кавадарци овие денови остана без едно од неговите врвни урбани и градски обележја, зградата на кавадаречкиот, популарно до денес наречен -  “Монопол“. Со децении простории на Тутунскиот комбинат “Мара Димова“. Илјадници кавадарчани, од многу генерации овде го вадеа своето парче леб, ги прехрануваа семејствата, не само како вработени. Туку и како кооперанти. Легендите велат дека во одредени години според производство на тутун Кавадарци го надминувал и култниот македонски тутунски град – Прилеп. Монополот замина во историјата. Од 1928 кога зградата е пуштена во употреба, тој стоеше стамено на истото место. Денес таму ќе се гради нешто друго, не е ни важно што, шансата градот да го зачува Монополот е од поодамна испуштена, така да денес можеме само да си раскажуваме приказни за испуштените шанси. Со ова дефинитивно и засекогаш завршува митот за Кавадарци пристојно место за живеење, едноставно го губи здивот, губејќи го единствениот урбан објект изграден пред Втората светска војна. Ќе останат само запишаните хронологии и фотографиите на кои се поретко ќе се осврнуваме. Некој ќе рече, сличните објекти низ светот се моментално репрезентативни станбени објекти, ексклузивни угостителски објекти и музеи, галерии, концертни сали и слични некои градски нешта за кои што нас овде и не ни е многу грижа. И ќе биде во право. Ама тоа е веќе завршено. Џабе визионери, џабе градители на модерно Кавадарци (?!), џабе урбани приказни. Да се свртиме кон денешницата, кон зградофилијата така ненормална за еден град кој спаѓа во помалите според број на жители во Македонија. Страв да го фати човек од урбанистичката мегаломанија. Мислам, да не се заебаваме, еден ден ќе нема кој да живее (не дај Боже) во тие (нови?!)згради, становите ќе зјаат празни, цените ќе паѓаат, ама ќе нема кој да ги купи. Добро, експанзијата нема да заврши наскоро, ама не сакам ни да  помислам на тоа дека непотребните мултимилионски градежни зафати ќе ја доживеат судбината на бројни викенд населби чии објекти фаќат мувла и се распаѓаат. Тука се, во нашата околина, ама сме слепи при очи.

За мене лично приказната за Монополот е поврзана со мојата драга тетка Јонка. За нејзиното семејство (сопругот Димо - мојот драг тетин, ќерките Маричка и Цанка, зетовците Ацо и Душко, внуците Иле, Дивна, Миќе и Раде) која живееше на “7 Септември“, една од првите згради воопшто плански направени во Кавадарци. А во зградата во приземјето продавницата на “Југопластика“ и дегустациониот салон на АК “Тиквеш“. Позади зградата “Дечки“, подоцна (реотворена1984) слаткарницата “Палма“, фризерницата на тетка Мара, Фото студиото на “Црвенко“(познат низ градот како Миле Келтонот) и нешто подоцна “Бос“. Тетка Јонка до своето (предвремено) пензионирање беше кувар во Монополот и моите сеќавања за Монополот главно се поврзани со кујната и ресторанот, каде низа години се правеле градски веселби (свадби, крештевки и сл.), се организирале матинеа и игранки и каде што никој не останал гладен. Тетка Јонка имаше една “маана“. Не присуствуваше на ниту една свадба на нејзините внуци од браќа и сестра како гостин (последна беше свадбата на братучед ми Тони Трпо). Беше главен кувар на нивните веселби, заглавена меѓу лонците и тавите и беше среќна поради тоа. Беше голема жена тетка Јонка. И по стас и по душа. Кувар и пол. Нејзиното кафе го пиевме “натенане“ на терасичката со поглед на “Палма“ и “Дечките“ и уживавме. Да, зградата и ден денес постои, ама нема некое битно влијание во градскиот живот. Освен како станбен објект во центарот на градот.

П.С. Остатоците на некогашното градско живеење се во сеќавањата на остатоците на градската чаршија, меѓу другото и во остатоците на Монополот. И тука завршуваат сите лични приказни на “блузерот“ за Монополот. Тој (веќе во ретките спомени) темел на урбано Кавадарци, кога и никој не сонувал дека Кавадарци од турска касаба, па провинциска паланка, ќе прерасне таму некаде крајот на седумдесетите, почеток на осумдесетите во фин средноевропски град. Денес?! Денес е некоја друга приказна. Поарна или полоша, зависи од сите нас.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Tuesday, January 18, 2022

Блузирање (273-303)

(прва кавадаречка колумна)

 

“Vrijeme curi, ova godina isparila je kao prdež iz babinih gaća, pa odmah sada treba djelovati sadržajno, kvalitetno, konstruktivno, u skladu sa svojim uvjerenjima“

 

Rambo Amadeus - “Kilo i Eko tzarsku Poslanicu povodom ulaska u 2022 godinu”, 15 јануари 2022

 

Ви се падна паричката? Ма секако дека ви се падна. Во морето бадникови и василичарски бдеења над пупчето и со кршењето на тоа исто пупче со семејството, со другарите, со колегите од работа, со колегите од претходната работа, со екипата од маало, со комшиите од спратот, со комшиите од влезот, со балд‘зата и зетот, со друштвото од оѓинот, со кумот и кумата, со старосватовите, со баџанакот и деверот, со дечките од старото маало, па со четворката за хан и оти да не и со другарките на сопругата, секако и со другарите на сопругот и се така во недоглед со сите кои ги познавате и се така додека не сетите дека паричката ви е во раката и ете среќата ќе биде цела година со вас. Дали? Немам поим, вие си знаете.

Деновиве бевме сведоци на карикатуралните “сеанси“ на Новак Ѓоковиќ и државата Австралија. Се претера малку нели, особено со вниманието посветено на една бирократска и здравствена заебанција. Интересно, моментално најдобриот тенисер на светот, ќе треба да и плати на државата Австралија 500 илјади долари судски и останати трошоци. Си има – си може. Оно, можеше да си ги заштеди, ама (уште еднаш) си има – си може. Интересно е и тоа што овие денови социјалните мрежи беа полни со “информации“ за сета бламажа на невакцинираниот Ѓоковиќ, пример бил и икона (бре-бре) за сите антиваксери, како тоа баш нему му е нанесена неправда, па лупај лајкови ко‘ такозвани Ноле да ни е најблиска рода. Па биле фашисти политичарите од Австралија, а ваму пола Балкан (роднини на остатокот од Балканот) таму живее, заработува, гласа на избори и плаќа данок во таа истата Австралија. И уште нешто е интересно, тој истиот “Ноле“ своевремно дава изјава дека сака да ја посети Македонија, особено Охрид. Е добро де, илјадници луѓе имаат желба да ја посетат Македонија, особено Охрид и ќе платат за таа посета, а не да бидат пречекани ко‘ Хајле Селасије. И каква врска има тенисерот со Кавадарци?! Само виртуелна и тоа со неговите (исто така) виртуелни навивачи кои не разликуваат закон од популарност. Чест на реални поединци/навивачи/познавачи на тенисот/почитувачи на законите. И толку за Ноле, кој во моментот е најдобар тенисер во светот, ама дечкото си има некои проблеми, па нека си ги решава сам. А можел едноставно да се вакцинира, нели?!. Ма и онака тенисот е спорт чии врвни турнири ги гледаат само баснословно богатите. А ние сме така далеку од тоа, квакнати пред телевизор доколку сме платиле кабловски пакет па да ни “врти“ тениски меч по дома. И нека. Белосветските тракатанци и онака немаат крај. А тоа што македонската ракометна репрезентација уште еднаш учествуваше на Европско првенство и не беше некоја вест деновиве. А самото учество е голем успех. Ама, за жал, Ноле ги покри сите останати битни секојдневни нешта и замина за Дубаи, призна до Белград, па замина во Шпанија духовно да се изрелаксира. За да му биде полесно на душичката, се очекува во деновите кои доаѓаат балканците кои “духовно“ се иселија од матичните земји, та и од Македонија, та и од Кавадарци, во разно – разни Америки, Австралии, Германии, Швајцарии, Шведски и слични сиромашни и недемократски земји масовно да се вратат на богатиот и демократски Балкан и да заиграат тенис. Ништо друго не е важно. Се шегувам. Или пак не?!

П.С. Годинава (2022) се навршуваат 35 години од издавањето на албумот “Као какао“ на Леб и сол, 25 години од издавањето на албумот “BoX“ на Last Expedition, 25 години од издавањето на албумот “Melourgia“на Анастасија, 10 години од издавањето на албумот “Африка“ на Суперхикс. Во 2022 се навршуваат 30 години од одддржувањето на првиот “Тиквеш Рок Фест“. А да потсетиме не ќе е лошо, минатата (2021) година се навршија 30 години од издавањето на албумот “Svjat Dreams“ на Мизар и исто 30 години од издавањето на првиот албум “Архангел“ на Архангел. Во 2021 се навршија и 40 години од оддржувањето на првиот “Рок Фест“ во организација на ревијата “Екран“ чие финале се одржа на Градскиот стадион во Кавадарци.


By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Monday, January 10, 2022

Блузирање (272-302)

(Прва кавадаречка колумна)


Го слушам новиот албум на Џони Штулиќ “Сплет“. После толку години, Џони не благослови со парче нова музика. Фино чуство дека убавите нешта не се ближат кон крајот и покрај напорите на белосветската багра раскомотена дури и кај нас. И се сеќавам кој ми беше првиот албум на “Азра“ во рацете. Станува збор за своевидната компилација, а во суштина регуларен албум на Џони и Азра – “Singl ploče 1979-1982“. По една роденденска журка некој ја “лапна“ и замина некаде да свири на некој туѓ грамофон. Добро, си бркав често во џебот па се врати неколку пати низ годините потоа во мои раце, па и во вид на плоча, па и како ЦД, за да денес “вирее“ во некои фолдери, се мота (и свири) по некои УСБ-а. А во сеќавање ми е и едно лето (1984) во Радовиш, кај Владо и Сашо, каде го “утепавме“ од слушање на нивниот грамофон. Среќата беше што и тие ја имаа истата плоча. Беше тоа фино лето во Радовиш. Освен албумот на “Азра“ беа тука и забавите во “Ловниот дом“, “Панорама“, “ЗИК-от“, на стадионот на “Бучим“.

Паметам, а паметам богами од поодамна, беше крајот на седумдесетите минатиот век. Ме потсети снегот кој денес интензиво паѓа (понеделник, 10 јануари 2022) во Кавадарци. Тие години новогодишните елки по домовите не беа пластични, туку природни. Таа Нова година имавме природна висока елка, забодена во цреп. Радостите вообичаени како и кај сите деца, а елката накитена со стаклени лампиони, безброј шарени бонбони и една пластична ѕвезда со ликот на Дедо мраз. Таа ѕвезда ќе ме следи низ годините потоа до таму некаде 1997. А што се однесува до новогодишната елка, некако како и сите пред тоа, па и потоа и дојде време за раскитување. А по раскитувањето, да биде доживувањето запаметено, така раскитена и сеуште раскошна, ја товаривме на багажникот од фиќото кое тогаш го имавме и правец на Витачево. На таа (тогаш раскошна житница, не сте знаеле?) одбравме фина шумичка со борови и елки, го скршивме црепот, лопатата во раце и ја засадивме. И ден - денес во себе си мислам дека е сеуште таму, дека само чека од некаде да се појави ѕвездата со Дедо мраз и да имаме повторно весела средба. Таа натоварена со снег, а јас натоварен со лампиони. И додека гледам низ прозорецот како сеуште силно паѓа снег, разочаран од сообраќајното безредие низ градот, од луѓето кои не научиле дека снегот треба да се испочитува пешки, а не со нервозно возење, си ветувам самиот дека овие денови ќе се качам на Витачево и ќе ја побарам мојата елка. Па во тишината создадена од снегот, без збор ќе си посакаме се најдобро. Јас нејзе да трае уште сто години и да биде раскошна во сите (не)времиња, а таа мене не мора да ми посака ништо. Важно е да биде таму.

П.С. И сега имаме елка. Пластична е, ама годинава е нова, поголема од лани, поклон – изненадување од мојот сопатник низ (не)времињава, мојот живот, мојата Билјана. Во моментов ја гледам, ме смируваат сијаличките на неа, ги гледам лампионите кои заеднички ги закачивме и се радувам силно што на неа има и фотографии од нашето заедничко патешествие наречено - живот. Традиционално ќе ја раскитиме некаде по Василица и истата вечер ќе играме јамб. Фино е понекогаш човек да биде патетичен. Нормално, ако се има зошто и со кого. А за Кавадарци во 2022? Па има време, ќе се изнапишуваме и изначитаме низ деновите кои доаѓаат. Е сега, дали Кавадарци ќе биде овде за нас и дали ние ќе бидеме овде за него, тоа е некоја друга приказна, ни најмалку патетична.


By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци