Friday, September 9, 2022

Блузирање (280-310)

 (прва кавадаречка колумна)

 

“S ortacima sedim i ispijam piva

i kao da me ništa nije briga…”

Partibrejkers - “Meseceva kci”, LP “Partibrejkers II”, 1988

 

Септември. Па дури и во Кавадарци. Првите денови на месецот го носат празникот на градот “7 Септември“, па манифестацијата “Тиквешки гроздобер“, а во деновите пред и потоа трае бербата на грозјето кое и оваа година го има во изобилие во кавадаречко и Тиквешијата. Во изобилие е и неколку децениската контроверза со цената на откупеното грозје. Државата ли треба да се грижи за цената, винариите ли кои би требало да работат пазарно, лозарите ли со нивната мака кои би требало да имат реално платен производ, јас ли треба да се грижам кој ниту има насад со грозје, ниту знам да правам ракија и вино. Не го знам одговорот. Си купувам во рамките на моите скромни финансиски можности и секако семејни потреби и грозје и вино и ракија и маџун и слатко.

Инаку, ако се осврнеме на манифестацијата “Тиквешки гроздобер“, ќе заклучиме дека за првпат е организирана 1964, од генерацијата која имала визија како да се развива еден град како Кавадарци, кој до некоја година пред тоа бил еден беден остаток од обична турска касаба, без ниту еден видлив објект или традиција која би се препознала подалеку од Тиквешијата. Тие визионери стигнале до таму до каде што можеле – до еден момент Кавадарци да личи на фино средноевропско градче. А денес за “Тиквешки гроздобер“ нека зборуваат генерациите чиј препознатлив белег би требало да биде токму ова време – денешно, со сите негови доблести и маани. И онака овде, во оваа самобендисано наречена прва кавадаречка колумна, е бааѓи пишувано за оваа манифестација, особено за она на кое е сведок авторот на овие редови, така да читајте нешто мајка му стара, не туку се занимавајте со глупости. А на што е сведок авторот? Сведок е на десетици илјади посетители на времето во доцните седумдесети и раните осумдесети на минатиот век, на концертите на Градскиот стадион, на карневалските поворки, на Земјоделскиот саем, на мото трките, а не на лажни посетители со бројка од 120 илјади со која си играт последните години разно – разно портали и партали. Знаат ли кутрите што значи 120 илјади посетители во еден град со големина на Кавадарци?! Не земјотрес, ќе се распадне градот со еден тропот на чевлите од 120 илјади луѓе! 

И така, да си го истерате гроздоберот и оваа година, да си се напоете некоа чашка ракијца и винце, апните си некое ќебапче, кркните некоа плескавица, истерајте си убаво со оркестарот за свадби и погреби, а ни другите по дома, со луѓето кои не почитуваат, оти така ни е фино. Секако не ни бега и на нас ракијцата и винцето, ама бар ќе си слушаме музика која си ја преферираме, а не онаа која некој ни ја наметнал! Можеби некогаш во некои фини времиња некој и ќе не праша – сакате ли бре кав’дарчани да ви е убаво за гроздоберот или ни да ви го туриме уште еднаш по наше!

П.С. Во минатите изданија, во музичкиот дел на манифестацијата “Тиквешки гроздобер“ гостуваа: Партибрејкерс, Ван Гог, Мизар, Бајага, Рибља Чорба, Паркети, Парни Ваљак, Масимо Савиќ, Фрајле, Влатко Стефановски, Дадо Топиќ, Галија, имаше рок свирки по сите кафиќи кои држеа до себе, најдобрите Фолклорни ансабли од Европа настапуваа на Градскиот плоштад, најјаките карневалски поворки од Балканот прошетаа низ градските улици, настапуваа и кавадаречките бендови Журнал, Smoke Shakers и се што постоеше како квалитетна музика од Кавадарци. И то... Ај, на арно нека е, во понеделник ќе се преесапиме што и како се случило.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment