Wednesday, May 15, 2024

Блузирање (310-340)

(дваесет години прва кавадаречка колумна)

И ете не, месец мај, на средина од пролетта, променливо време, дури и во Кавадарци. Деновите кои доаѓаат носат исто променливо време. Што тоа е различно од претходната пролет? Само годината е различна. А другото? Ајт’ одново.

Пред десет години, имав десет години помалку, беше десет години од првото издание на самобендисано наречената прва кавадаречка колумна “Блузирање“, беше една од најстраотните години во Македонија – 2014. Особено трауматичното – Скопје 2014 и се што дојде со него. Последиците од тоа вулгарно, навредливо, себично, корумпирано, лажно и антинационално патешествие ги чуствуваме до ден денес. А денес е 2024.

Нејсе. Во 1994 на пример, пред триесет години, е снимен и издаден еден од најдобрите албуми во историјата на рок музиката Unplugged на Nirvana. Во 1994 на големо ја реализирав мојата емисија на (тогашно) Радио Кавадарци – “Музички клуб“, (како наследник на емисијата “Алтернативни пејсажи“). Форсирав, ама буквално, музика која ја сакав и слушав во тоа време и еден од многуте џинглови кое одеа во емисијата беше “Малку поинаква музика“. “Музички клуб“ доживеа 210 изданија, одеше секоја сабота со години од 17.15 до 19 часот. Сите имаа хит на денот, на неделата, на месецот, јас во мојата емисија имав “антихит“. И тоа какви “антихитови“ сум пуштал на радио. Од денешна дистанца, изнаслушан страшно добра музика, гледам дека не сум давал џабе пари за одлична музика. Немаше интернет, ама имаше свет кој сака да соработува. Имаше врвни списанија и емисии на радио и ТВ. Сега, се е за пари и денес кога светот го вртат информациите, овде царуваат дезинформациите. А со дезинформации нема напред. Да потсетиме – 21 век е.

А кога сме кај претходно спомнатата 1994, таа година излезе и одличниот албум “Superunknown“ на Soundgarden и неверојатната, до денес неповторена тема “Black Hole Sum”.И да, истата година излезе “The Division Bell“ последниот вистински Pink Floyd албум. Е добро де, таа година излезе и “Parklife“ на Blur.

А во Кавадарци 1994 повеќе не постоеше една од трите дискотеки во Градскиот Парк – “Дорс“ (подоцна Александрија, а денес зградите на купче на влезот на паркот). Култната дискотека “Парк“ (подоцна кафана, денес Вински музеј)  ја тераше својата последна година, дискотеката “Ла Луна“ (денес затворен базен во изградба) ќе потрае потоа уште некоја година, на крајот да заврши како зимска дискотека. Било некогаш, денес дури и не се раскажува за тоа. Не е лошо да ги споменеме уште еднаш и другите дискотеки кои низ годините не радуваа во градот – “Младински“, “Тиквеш“, “Ламбада“, “Хај – Фај“,“Диско Бал“, повремено “Мост“, “Гурман“, “Стар Балкан“ . Верувале или не, дури и кавадаречката гимназија имаше своја дискотека. Денес е стрелачки клуб. Инаку, денес во Кавадарци немаме класични дискотеки, само ноќни клубови. Но, тоа е друга приказна, нека ја запишат оние кои сведочат на тоа.

П.С. Незнам зошто се сетив денес на рок бендот “Фалш“. На Цоката, Миле Хипикот и Тошо Гранде. Се рокаше рок и покрај страотната економска нестабилност, блокади, војни во соседството. Оти рок музиката е тоа, надеж за поарен утрешен ден и слобода на кажаниот збор, прераскажана мисла, за да денес личниот интерес дотера до кодошење. И ајде што е кодошење, туку и лажење на големо ебати. “А кој лаже и краде, а кој краде и вошки има и по тавани спие“. Така некако би му дошло во нашиот 21 век.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Saturday, May 4, 2024

Блузирање (309-339)

(дваесет години прва кавадаречка колумна)

Еден од бендовите кои ми ја дефинираа младоста на почетокот и младоста која сеуште ја живеам беше Парни Ваљак. Основани се 1975, првиот албум им е насловен “Dođite na show!“ (1976).Тука би требало да завршат сите приказни за бендот. Ама не, Парни Ваљак дојдоа и во Кавадарци и оддржаа феноменален концерт. Е сеа, оние кои ги слушат само нивните нови албуми, појма немат кои беа Парни Ваљак. А вака, ко’ мене, од првиот нивни албум до последниот со Аки, е тука сме свои на своето. Другите, кои се чудат што пишувам - ами терајте си своето.

Инаку деновиве се актуелни изборите. Уште едни. Смешки! И толку за тоа. На денот на избори на секое изборно место има по неколку паравани и пенкало на секое од нив, кои ја гарантираат вашата слобода на избор, каков и да е тој, бидејќи ваше неприкосновено граѓанско право е слободно да го заокружите вашиот избор. Никој не смее да ве праша, ниту да ве притиска ако имате свое јас и јасен став и сте го направиле изборот. Вие сте победник со самото остварено право на избор. Секако, за вашиот избор сте самите одговорни, оти од секој ваш глас зависи вашата иднина и иднината на вашето семејство, вашите сограѓани и сонародници. Да се надеваме дека денот потоа ќе биде само обичен работен ден во кој ги извршуваме своите секојдневни обврски и уживаме во својот комодитет на граѓани во слободна држава, граѓани со свои права и секако обврски. Да сме живи и здрави, ете кај е денот на уште едни избори во Македонија, држава која ја има таа несреќа над триесет години да живее во константна и незавршена изборна кампања од премногу недефинирани аспиранти за пусти фотелји од сите рангови, бои и бројки! За момент на човек му доаѓа да се запраша дали ние тоа имаме повеќе љубители на лагоден фотелјашки живот отколку обични гласачи?! Слободата е неприкосновено човечко право, се друго се прикаски за мали деца!

А сега нешто друго. Има ли друго? Секогаш има друго. А што тоа? На пример еден од најдолговечните и најдобрите македонски рок бендови “Суперхикс“ имаат нов албум и терат наскоро 30 години постоење и рокање ска! Која величенственост во еден регионален простор каде турбо фолкот е дефиниција. Затоа на 29 јуни 2024 сите сме на исклучителен концерт, своевиден рок фестивал со нивните гости и тоа на јубилејниот концерт на “Суперхикс“ во Скопје!

И да се потсетиме на уште нешто: Оваа година се навршуваат 35 години од основањето на “Архангел“, се навршуваат десет години од легендарниот настап на кавадаречкиот рок бенд Smoke Shakers како специјални гости на најголемиот рок демо фест на Балканот Demo fest Banja Luka, BiH, каде беа трети претходната година. Годинава се и 25 години од основањето на рок бендот Културно уметнички работници (К.У.Р.), така да, супер година за добра мисла за македонската рок музика. Се навршуваат и дваесет години од првото издание на самобендисано наречената прва кавадаречка колумна “Блузирање“. “А бе шо да ти распраам“.

П.С. Инаку пред некој ден беше 1 Мај, Меѓународен празник на трудот. Синоним на борбата за работнички права. Беше и помина. Ете утре е Велигден. И тој ќе помине. До следниот пат. Ништо не сме разбрале, ама баш ништо. За жал.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци