Friday, June 10, 2022

Блузирање (277-307)

(прва кавадаречка колумна)

 

Деновиве во Македонија е актуелно велелепното издание, монографијата за бендот  “Мизар“ – “Откровенија 1981 – 2021“, авторски проект на Тошо Филиповски. Мене ми е чест да кажам дека Мизар првпат ги слушнав кај Боро во Клуб “Баухаус“, култното место во Кавадарци кога станува збор за добрата музика. Беше тоа 1991 кога првпат влегов во Баухаус и не излегов додека постоеше. А таму, фантастични случки и дружби. Ден – денес со луѓето (повеќето од нив) кои беа дел од “Баухаус“ сме океј и соработуваме, се дружиме, се бориме (?!) за урбано Кавадарци, секој на свој начин. Интересно, тоа се претежно писмени луѓе, креативци и урбани градски момци на кои денешно Кавадарци им е чудно и несвојствено за нивниот “раскошен“ начин на градско живеење. Има многу приказни за урбаниот живот во Кавадарци, се разбира во минатото (не така дамнешно), денес само може да си поприкажеме, кисело да си се изнасмееме за џабе трудот и катастрофата која дојде потоа. Смисолот на градското живеење нема допирна точка со турбо фолкот. Ма не мислам тука на квази музиката, таканаречениот турбо – фолк, тоа и онака одсекогаш било навреда за добриот вкус, туку на секојдневието кое ни се лизна низ рацете и замина во непознат правец, кон своевиден геноцид на урбаното живеење и размислување. Џабе колумни, џабе лични експресии по социјалните мрежи. Интересно, поразот на убаниот момент повеќе ги боли “руралните“ елементи, отколку ретките остатоци на градското во Кавадарци... Ама таа е. Градскиот живот замина во илегала. Да се разбереме: и ова денес е Кавадарци, си го сакаме и на свој начин се трудиме да биде подобро, ама кому – како ќе му дојде.

Инаку, за некој ден и официјално ќе започне летото. Па дури и во Кавадарци. Па кога ќе се “стуриме“ по плажите на “омразените“ Грција, Албанија и Бугарија, има да се изнатрошиме пари од инат. Е такви сме, де... Што се однесува пак до некои минати лета во Кавадарци, се поставува прашање дали воопшто е можна споредба со годината во која битисуваме – 2022?! Тотално е различно, на пример од 1997. Тоа лето го работевме Клубот “Галерија“, фуравме рок музика, концерти (не свирки) во него оддржаа “Нерв“ и “Океан Пацифик“, Ристо Соколов Сокол со неговата врвна уметност величенствено го смени ентериерот на Клубот, учесниците на Тиквеш Рок Фест 1997 направија страшна журка. И меѓу другото, баш поради тоа нема споредба со тековната година. Година во која дефинитивно се предадовме на некои чудни рурални ликови, кои до “вчера“ и не беа дел од ова пусто кавадаречко секојдневие. Ама, секогаш тоа ама... Да сме живи и здрави, еден убав ден, ама еден стварно убав ден, ќе се сетиме на тоа дека еден град не го прават град улиците, тротоарите и зградите, туку луѓето. Така некако ќе му дојде.

П.С. Таму некаде средината и доцните осумдесети на минатиот век, во тогашниот (култен) ресторан “Бриони“ во Градскиот парк, во дневните часови се играше карти, табла, се “кртавалеше“ јамб, се сеиреше по градски ебате. Летата и тогаш беа со превисоки температури, ама тоа зеленилото во паркот, па тие тополите истопорени на неговиот влез, па тоа сенките од багремите по патеката накај “Костурницата“... И да, “Тика“ пиевме во “Бриони. Пијалок кој денес е мит.

 

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци