Tuesday, May 18, 2021

Блузирање (262 - 292)

 (прва кавадаречка колумна)

“Znate, imam komšnicu čija je kuća puna portreta njenih predaka koje je uradio Uroš Predić. I jedan novobogataš ju je pitao koliko košta da to kupi i da to budu njegovi baba i deda. Živimo, nažalost, u takvom svetu. Ali, ja hoću da živim u mom svetu u kome znam ko su mi baba, deda, čega treba da se stidim i na šta da budem ponosan.”

(Петар Пеца Поповиќ, музички новинар, публицист и вечен рокенролер)

 

Со оглед на тоа што 30 години сме во константна политичка кампања за вакви или накви избори, не не чуди почетокот на кампањата за следните локални избори и пред истите да бидат воопшто закажани. Слатка тоа фотелјата што се посакува, послатка и од нормалниот живот на граѓаните. А бе барем да не оставете троа раат, бркајте си ги тоа работините за кои сте платени со наши пари, па летото поспокојно да си го истераме. Колку и да тоа е минимално можно во време на светска пандемија. Да, светска пандемија, не само во нашата држава. Ова за оние кои сеуште не разбрале дека светот е ранет и е на степен до експлозија. А тоа, верувам дека не го посакуваат ни најортодоксните теоретичари на завери, антиваксерите и необјаснивлите “антидигиталци“. Особено се заакале по простести овие последниве, па нормален човек очекува да се откажат во најскоро време од мобилните телефони, телевизорите, интернетот, компјутерите, автомобилите и како последен исправен чекор за нив, да се откажат од електричната енергија и ајт’ назад по плевните и колибите, та со запрежни возила до целта. 21 век?! Да, ама залутани во 21 век. Загрижува само тоа што страдаат најмладите генерации од неодговорните кои секоја прилика ја користат да внесат максимум политика со минимум одговорност. Ма ајт’.

И каква врска има ова со Кавадарци. Прочитајте го претходниот пасус уште еднаш. И ставете кацига кога се возикате низ градот со тоа моторчињата и моторите, дадете жмигавец кога урлате со автомобилите по улиците и булеварите на вашиот роден град, пропуштете ги барем немоќните на пешачки, не се тегавите кога поминувате на сред улица (на два метри од пешачки и зошто побогу поминувате улица таму каде што може да ве згази некој возач кој можеби е еден од ретките кој ги почитува сообраќајни прописи). Баш ве заболе? Знам. Ве заболе вас и за екологијата и веселата урбанизација таму каде што не и местото. Ве заболе вас и за тоа што го пишувам, ама ете читате за да имате што да разговарате на кодошките состаноци по “видни“ локали и недостапни функционерски канцеларии.

П.С. Деновиве ни замина уште еден голем кавадарчанец. Еден од последните во вистинската смисла на зборот - големи. Замина Илија Неделков Ограјски. Хроничарот на најдобрите времиња на кавадаречката чаршија. Денес имаме само имитација илити остатоци на она што по дефиниција беше Кавадаречка чаршија. Впрочем и нему не му одадовме заслужена почит, како и на останатите ретки луѓе и по душа и по творештво кои ни заминаа, а беа исклучителен дел од градот ни Кавадарци. Само по некој статус на социјалните мрежи и толку. Добро е што сеуште не има неколкумина кои несакајќи станавме хроничари на кавадаречките вредност и попатно на секојдневните будалаштини. Инаку Илија Неделков Ограјски остави траги кои ги памети и последниот остаток на кавадаречката коцка и калдрма, а особено асфалтот на последните години од дваесетиот век и почетокот на дваесет и првиот век. Многумина од вас по дома имат по некоја од неговите книги. Извадете ги од подрумските прашини и препрочитајте по некоја страничка од нив. Да не ги набројувам, оти насловите и ништо не ви значат, иако се нарекувате кавадарчани, ама ете “Бог Бахусово преображение“ и “Чаршијари“ нека ви бидат водич кон конечно запознавање на Илија Неделков Ограјски и градот кој случајно или намерно се нарекува Кавадарци. Чи’ Иле, збогум... Ми беше исклучителна чест што ете пријателувавме и соработувавме. До следната средба чи’ Иле.

 

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 4

Кавадарци