Thursday, April 20, 2023

Блузирање (288-318)

(прва кавадаречка колумна)

Се сеќавам на моето прво влегување во култниот Пица ресторан “Астрато“ во Кавадарци. Беше тоа со Ристо Соколов Сокол, мојот Рики, еден и единствен. Една вечер ми вели  “Има нов ресторан во градот, го држе едно убаво дете, Деан се вика“. “Одиме“ му викам. И натаму се е една прекрасна историја. Од рок, преку џез и тамбураши, до фина хармонија меѓу добри луѓе и професионалци во својата фела.

Првото мое одење во “Астрато“ е бааѓи историско. Влегуваме, полн ресторанот, една маса слободна/резервирана само за Рики, седнуваме, доаѓа газдата, се запознаваме и тој вели: “Ти ли си тој Марјан Т.?“ вели  “Ја сум Деан, еве ти го пасвордот од компјутерот и прави избор на музика“... Еј, која почит од Рики за муабетот и од Деан Астрато за вербата. Сум направил таа вечер таков избор на музика за сите гости во објектот, како никогаш пред тоа. Почитта зборува, нели? Е сега друг е муабетот, како јас си заминав раното утро поттоа од “Астрато“, го згрешив излезот, излегов на “непознат“ терен  (од заден работен излез), целиот бев извичници над глава “Каде сум?!“, а зебанцијата најголема е што живеам на пеесет метри од “Астрато“. Нејсе. Од тој ден “Астрато“ беше мој втор дом. А Деки – брат! Таму беа претпоследните изблици на кавадаречката жива уметност. Првите и единствени културни и уметнички фестивали во Кавадарци, каде своевиден и единствен раскош доживеа живата (во тоа време) кавадаречка уметност и култура. Единствени “виновници“ за тоа се Ристо Соколов Сокол и Деан Астрато Мелов, двајца величенствени и несебични човеци! Треба ли да ги набројувам уметниците кои беа дел од уметничките фестивали во “Астрато“ во 2010 и 2011, па на фестивалот на Деки и Рики во Дреново?! Не, сами ќе се препознаат, оти беа учесници, испоштувани со сите тертипи, ако они заборавиле, нека им служи на чест. Пред да се појави Уметничкото студио “Сокол Арт“, отвореното ателје на Ристо Соколов Сокол, “Астрато беше последниот уметнички “експлозив“ и уметничко стварање и дружба во Кавадарци. Сега градот е друга приказна. Комерцијална! И да, двата фестивала на културата и уметноста во “Астрато“ 2010/2011 носеа наслов “Денови на уметноста, културата и виното“.

Во меѓувреме бевме извонредни гости на “Астрато“. Жикето (врвниот келнер со почит за секој гостин, не се родил таков) знаеше кој гостин што сака, Деки правеше пици, сосови, ‘талијански тестенини, благи работи од кои до ден денес не сме опоравени – сеуште нема подобра пица во градот од “Астрато пица“, се друго понатаму е чудна и невкусна тестенина. Се разбира, овој блузер зборува од сопствено искуство, ама Пица рестиран “Астрато“ беше наш простор, ама баш наш, простор на убавите градки луѓе, седенки и дружби. Можеби некој и ќе се препознае!

П.С. Денес сме сите кој каде виде. Ете јас сум во Дом на култура Кавадарци.... И Ацо е во Дом на култура, Жикето (сега е кај Спанџата), а тука се Билјана Соколова, Тони Коцев, Гого од Швајцарија, Ванчо Кеков од Гимназијата, Анета е у Страшо пинџур, Ромбо е на небото заедно со Рики и којзнае шо праат, кој глупости таму ги прават како што беа скроени и да не ги броам, оти ке треба цел ден да пишувам имиња на луѓето кои беа дел од фестивалите и дружбите во “Астрато“. Да сте ми живи и здрави!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Thursday, April 13, 2023

Блузирање (287-317)

(прва кавадаречка колумна)

 

“Да не брзаме, оти немаме време“

(Ристо Соколов Сокол, 1957 – 2015, еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници на сите времиња)

 

Се сеќавам, таму некаде првите години на 21 век, во тогашниот Пица ресторан “Роберто“ дружбата ни беше секојдневна. Во зависност од тоа кој ден во неделата беше, од кафе пиење, вечерен филинг со тогаш најдобрите пици во градот (ни Кавадарци), до читање дневен печат со одлично еспрессо. “Роберто“ беше место каде својот “кафански“ филинг го имаа ликовни уметници, музичари, драмски актери, литерати, новинари, радио тон мајстори, фотографи и слична некоја културна и уметничка фела која во тоа време вирееше во Кавадарци. Истите, претпоследни изблици на културна и уметничка дружба таа фела, во меѓувреме ќе ги има жестоко и со уметнички фестивали во Пица ресторан “Астрато“ кај Деки (човекот кој не “расипа“ и ден денес немаме подобра пица апнато во градот), а за последен пат ќе ги има во отвореното ателје на легендарниот ликовен уметник Ристо Соколов Сокол – Уметничкото студио “Сокол Арт“, кое пак беше единствената слободна уметничка територија, никогаш не видена ни пред ни потоа, за некои фини нешта кои беше можно да се случат само таму. Некаде 2005/2006, во Кавадарци за седум дена гостуваа седум театарски претстави во рамките на Денови на Домовите на култура во Македонија, а на сцената на кавадаречкиот Дом на култура. Незаборавни вечеринки по одличните претстави со професионални и аматерски актери и режисери, разговори за уметноста и животот - токму во “Роберто“. На неколку наврати “Роберто“ беше и Галерија на кавадаречките и македонските ликовни уметници. Ѕидовите на овој култен пица ресторан ги красеа делата меѓу другите и на Ристо Соколов Сокол (неговиот Охридски циклус), на Љубиша Ивановски Лепи (неговиот циклус “Кловнови“), керамиката на Гоце Јосифов Ромбо (неговиот воопшто последен животен уметнички циклус керамики). Памети овој блузер од поодамна, а особено ги памети фините нешта кои му се случуваа на овој град, случајно или намерно наречен Кавадарци. Нејсе, муабетот ми беше друго.

Седиме една вечер во “Роберто“, на една маса шестмина, што уметници, што поддржувачи на уметноста, а вечерта е на сам ден сабота во очи на Велигден, меѓу кои и мојата маленкост, онака растеретени, расположени и размуабетени. И во еден момент Ристо Соколов Сокол бара внимание и ми вели: “Знаеш што ден е денес?“, “Да, Рики “му велам “Денес е твој роденден, затоа и сме овде опуштени и радосни“ и Рики, како што беше скроен, онака раскошен и во муабетот и во душата вели “Е па ја гледаш оваа слика позади мене?“, “Ја гледам Рики“ му одговарам. И тој вели станувајќи “Е па ти ја поклонувам!“. А јас молчам, не сум свесен што се случува, станувам, седнувам и така неколку пати. Повторно Рики “Знаеш што значи тоа?“. И тогаш се свестив “Да Рики, твоите два родендени се збрани во Велигден.“. Следните частачки беа од мене, од него, па од мене, па повторно од него, до долго во ноќта додека градот тонеше во неговата експресија да се оди по полноќ на гробиштата на Велигден, додека ние шестмина го теравме дуплиот роденден на Рики и разговараме за уметноста, се смеевме на животот кој попатно не заеба, ама ние дупло му вративме.

И еве стигна уште еден Велигден, уште еден дупли роденден на Ристо Соколов Сокол, уште еден 16 април. Од 2015 го тераме без неговото физичко присуство, ама со неговата уметност, со сеќавањето за неговиот неверојатен живот, за неговиот “Сокол Арт“, за неговите покриви на Њујорк, Берлин, Париз, Софија, Кавадарци, Белград, Мелник, за покривите на секој еден град каде стапнала неговата уметност. И да, сликата која ми ја поклони има почесно место во нашиот дом (мој и на мојата сакана Билјана Соколова Тодоровска) и носи наслов “Бурна ноќ“. Ако речам фала, малку е Рики.

П.С. Инаку денот на раѓање на еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол,16 април (1957), кој меѓу другото е и автор на решението на (денешното) знаме на општина Кавадарци, е ставен во важните датуми од историјата на Кавадарци, според одлука на еден од поранешните Совети на општина Кавадарци. Досега градот не го одбележал овој ден, ниту со букет цвеќе на неговото последно овоземно почивалиште, добро, може некогаш некој и ќе се сети, за разлика од Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци, кое со години ја тера Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо“. Годинава на денот на 66 години од раѓањето на Ристо Соколов Сокол ќе го посетиме неговиот вечен дом, ќе запалиме по една цигара со него и онака фино ќе се изнамуабетиме во молкот, на денот на неговото раѓање. Годинава нема манифестација, само тивка и приватна средба на неговите долгогодишни соработници, соборци и пријатели. До следната средба скапоцен мој Рики.

 

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци