Monday, February 24, 2020

Блузирање (248-278)


(прва кавадаречка колумна)

Ово друштво не прашта чињеницу да неко просто може да буде добар човек, без скривених намера и личне користи“

Соња Савиќ, актерка/дива, 15 септември 1961 – 23 септември 2008

Кавадарци како град минал низ многу премрежја, од типична турска касаба стасал до модерен средноевропски град, за да денес е тоа што е. Дефиницијата и освртот за денешно Кавадарци нека ги дадат генерациите кои сега созреваат и кои во блиска иднина треба да го донесат неговиот развој или неговата пропаст. Макар што секојдневието сезонски во градот не се менува со години, мене лично на пример ме радува дека со зонското паркирање им се доака на распашаните сопственици на, демек, моќните машини, кои се паркираа насекаде, само не таму каде што е пропишано со закон, а кои во моментот повеќе пари (за гориво) трошат лутајќи низ градот во потрага по бесплатен паркинг, отколку да си платат саат и да си бидат на раат додека си го сркат е(к)спресото. Ама нека ги. Не дека со памет ги заработиле парите, од тато и мама ли им се, транзицијата ли им ги донесе, кој ќе ги знае, кутрите испренесени дека се некојси фактор. Ви велам, секојдневието сезонски во градот не се менува со години. А и некој нека им каже на новопечените одговорни за сообраќајната (не)култура дека пешаците на пешачки поминуваат кога на семафорот е зелено. Оти пример нели треба да дадат.
Не толку одамна, паметам, а паметам од поодамна, градот имаше неколку градски паркинзи. Точно, факт е и дека немаше толку возила, макар што грото од денешните возила се купени на (пра)старо, со испревртени километражи и подзаборавена година на производство. Важно истопорени со нив, нели. Лични на мајка и на татко. Инаку, паркинзите во центарот на градот беа лоцирани помеѓу (денес руинираниот и троа опасен) Хотел “Балкан“ и општинската зграда, потоа на просторот позади некогашната Стоковна куќа, а во тоа време и поголемиот дел од зградите низ градот имаа сопствени паркинзи, кои денес не се тоа. А? Минато време?! Ама некако посредено ли беше, кој ли ќе го знае. Нејсе, паркинзите низ центарот ги снема по несреќното “реновирање“ на Градскиот плоштад. Покој му душа!
Во време пак, на агресивен интернет кога се е достапно, сакајќи да се потсетиме на времињата минати во Кавадарци, влеговме во замка на личната историја на градот. Субјективна до срж. Фотографиите на кои се баба, стрина, вујче, мама, вујна, дедо, тато и чичо во минатото, зборуваат пред се за нас, не за градското живеење. Чест на исклучоци. Затоа пополека и со ум при раскажувањето на приказните, особено по социјалните мрежи каде секој пост се голта без никаков критички осврт и објективност. Опасноста од себепромотивна и извитоперена градска историја е на чекор од нас.
Ма далеку е авторот на овие редови од најпаметните и ако не ви се допадна претходно напишаното, зошто ли воопшто го читавте?! Имате милијарди сајтови каде што можете да се пронајдете себеси, па и да се издушите, онака гласно, со сиот раскош на вашиот карактер. 
Патем, ви стигна ли на домашна адреса Решението за данок на имот за 2020?
П.С. Пред некое време, поточно на 14 февруари 2020 се навршија 5 години од кога ни замина засекогаш еден од најдобрите кавадаречки и македонски ликовни уметници – Ристо Соколов Сокол. Човек кој беше олицетворение на поубавата приказна на град Кавадарци. Арно ама, Кавадарци (понекогаш?!) има голема маана, не се сеќава тогаш кога е потребно на неговите најубави луѓе, луѓе кои беа дел од најубавите и најисполнети со живот приказни за градот. А бе една китка од 10 денари да однесевте на неговото последно почивалиште, една свеќа од 1 денар да запалевте за спомен. Оно, не дојдовте ни на неговото последно испраќање, не па на тажна годишнина. Арно ама, “карма ис де бич“, нели. Привилегирани ниедни и неспособни да се грижите за најдоброто произлезено од овој град! Да бесен сум, но и тажен. Што ли само стана со добрите луѓе од мојот град?! Ќе се управат? Се бива, ама срамот ќе остане засекогаш.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци