Sunday, December 19, 2021

Блузирање (271-301)

(прва кавадаречка колумна)

 

“…Nove godine zato dolaze

nove godine u pravi cas za nas…”

 

“Nove godine” – U Skripcu, EP “Nove godine”, 1983

 

Лажни вести?! Се фалиш со нешта кои ти не си ги направил?! Си се распослал со лажни профили по социјалните мрежи и онака лежерно распослан во фотелјата сите останати ги следиш и мразиш?! Плачеш кога ќе те блокират на тие исти социјални мрежи?! Мала ти е платата, а возиш кола од 25 илјади евра и тоа настаро?! Буџетар си, а ти смета државата од која земаш плата?! Си го напуштил градот со се што имаш во него и им солиш памет на твоите поранешни сограѓани?! Озборуваш кај ќе стигниш, притоа повисувајќи го гласот за да го зацементираш озборувањето како твоја вистина?! Што знаеш ти што е вистина?! Не читај понатаму што пишува. Ова виртуелно парче слободна територија не е за тебе. Ова е себично и зачувано парче слободна мисла. Па кому како дојде. Гитла од тука, ако си со лоша мисла!

Имам точок. Пристоен. Градски. Ефтино купен, ама брка работа. Нема каде да го возам?! Е нема. Сеуште мојот роден град и град во кој живеам целиот свој живот - Кавадарци е без градски велосипедски патеки кои ќе му дадат раскош на градот и ќе го направат и повеќе од европски, ќе го сторат светски. Арно ама, што ќе ни се велосипедски патеки (на пример една “Илинденска“, една “Шишка“, една “Гоце Делчев“, една “Страшо Пинџур“ душа дале за градски велосипедски патеки), кога тоа се ти е едно фино паркинг место, па фино - лепо плати и топори се со автомобилот, да не речам нешто полошо, особено за оние кои и не плаќат, а се топорат. Немам поим како сега екологијата ми падна на памет. Дали поради енормното загадување за кое немаме конечен одговор од каде и од кого е и така со години. Ма какви години, со децении. Оно, екологијата (воопшто во државата) во последно време е само испрдок на поединци со “лепливи прсти“ на кои око не им трепнува за големите машини и канцерогените “индустриски објекти“ кои загадуваат и кои се “терат“ низ градот и низ државата, распослани во својата самозаљубеност низ родните полињат и плацови, па тие плацовите во вид на згради, а другото особено оние со четирите жмигавци, па со кутрите “дрвца“ осакатени без гранки до стеблото, со искорнатите стебла ради паркинг места, со неисчистените оџаци со години, со таканареченото еколошко греење, пелети демек, а ваму дрепа од воздух.

Што се однесува до екологијата, до небо ги ценам активистите кои се борат за својата визија и цел, ама ете овде сме застанати во место. Море не застанати - зацементирани. Во последно време, на пример, сведоци сме на вистински мали еколошки револуции низ соседството, Европа и светот кои дават резултати. Оно тоа Европа и светот далеку, море и соседството на пример (уште еднаш) во многу европски градови се наплаќа и самиот влез во градот, паркинзите се надвор од централното градско подрачје или ако се паркираш во центар на градот плаќаш скапо, ако не ајт‘ надвор од градот и таму вриј ги тешките машини и основни загадувачи на секоја градска средина.

Инаку Кавадарци ти е еден многу голем град, десет/петнаесет/дваесет минути пешки од еден до друг крај (зависи од кај ќе тргниш и каде ќе завршиш), па што би правеле ние кутрите негови граѓани без платени паркинг места. И да се вратам на екологијата, таа дама е фино распослана, ама надвор од градот, на пример некаде на Тиквешкото езеро, каде “еколозите“ ги “трошат“ проектите собирајќи пластични шишиња одвреме – навреме. И ако. Не е лошо тоа. Напротив. Ама има тука троа иронија. А иронијата да биде поголема, после секое собирање пластични шишиња, нив ги има повеќе од пред тоа (многу бре жедни тоа викендашите). Така и со најновите текови – пластичните кесиња биле многу важни за економијата. Не смеело да се укинуват. Оно, никој не ги укина, ама се троа повеќе поскапи.  А бре иди бегај! Се утепавме последниве години собирајќи платнени торби по тоа акциите по маркетите, како награди за третокласно кафе од двеста грама, како награди за тоа соковите со вкус на сапун, како награди за кекси со поминат рок, како награда за пастеризирано млеко со рок на траење од којзнае колку години и слични тракатанци,  па на човек му доаѓа да се запраша, што му направивте на тоа торбите?! Ги прекроивте, гаќи ги сторивте, си затнавте некоја дупка во ѕидовите, избришавте прашина по дома со нив?! Е па ај сега одново. Од гаќи во торби, па на пазар. Ебати! Ко‘ да сте родени во пластика. Па ја редите по тоа регалите ко‘ сувенири од кои не можете да се отарасите, оти, ете, некој пари дал за тоа регалите, а не сте вие, туку вашите родители. Ма не се криви вашите родители за ништо. Напротив. Вам ви е страв да им кажете дека регалите ви се пола соба, уште кога ќе ги ставите масите и столчињата позајмени од комшиите за терање слава, немате место да прдните па да излуфтирате, не па да ги пречекате гостите како што треба. Со почит и насмевка, море искезени во “наздравјето“ плашејќи се да не ги “гребне“ некој тоа комшичките столчиња. Ух! А месец декември, месец на слави, па мислете му ја вие. Јас не сум од тука во декември. А и немаме слава по дома. Се дружиме со убави луѓе кога сакаме, датумите не се важни и да видиш ти - почесто отколку на (еднаш) годишните слави, па заеднички, со убав муабет, насмеани, напоени, најадени и со добра мисла си тераме, си ги сакаме нашите луѓе без разлика на времињата и разликите. Си ги сакаме и градовите во кои сме се родиле и во кои живееме цел живот. Само дали градовите нас не сакат?! Ебати! Да не знае човек што да мисли.

И ете не пред крај на уште една година. 2022 е на прагот. Ме мрзи да правам ретроспектива на нештата кои се случиле (кои како и да не се случиле) за годината која неповратно заминува, па уште сега се мислам, ете ви пандемија, ете ви мерки, ете ви теории на заговор, па забавувајте се по социјалните мрежи, онака фини и паметни, “стручњаци“ за секоја област. Нека се среќни празниците и се што подоцна ќе дојде, заклучно со првомајските кркања и локања. Сепак, чувајте се во 2022. Ќе треба некој да го чита и пцуе блузерот. Да сте живи и здрави, се читаме таму некаде 2022.

П.С. Сте се запрашале ли зошто овде имаме чувство дека живееме ко‘ да сме триесет години во (пред)изборна кампања. Не е поради аспирантите по некаква фотелја или функција. До нас е, оти со својот глас им даваме раскош, им се тресиме на тоа ебати функцијата (?!) од која си ги терат џезмите и ни го рушат раатот обезбеден од секојдневната мака да се преживее. Немаме сите “имање“ за распродавање. И што дека е така. Ситни души за по дома. Џабе сме паметни и убави по социјалните мрежи. Грди сме и глупи. Оти дозволивме секакви да ни ги бројат генските зрнца, да ни солат памет за наши пари, да не “рокат“ кај што стигнат, да не раскаруваат со најблиските со нивните ебиветар партиски амбиции, да ни се смеат иронично по нивните кафански седенки. Тотална моронизација на се што го прави животот - живот во овој град, во оваа држава. Нека светат силно сијаличките по улиците и плоштадите, нека се веат знамињата на турбо фолкот и национализмот (која ли папазјанија од комбинација) и уживајте во мрачните сенки на минатото. Иднината и онака сама ќе си дојде без да не консултира, не онака како некој си ја замислил без да не праша, па кому – како дојде. Ама еден ден, еден стварно убав ден...


By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци