Monday, June 24, 2019

Блузирање (238-268)


(прва кавадаречка колумна)

“Vodi me na Jadransko more
ja volim Jadransko more
tamo gde talasi zovu
bela jedra, bela jedra..”

“Jadransko more” – LP “Neko nas posmatra”, 1993

Еуфоријата е лош пријател. Точка. Деновиве сме сведоци на извонредни успеси на лица, колективи, заедници и институции (спортски, културни и сл.) од Кавадарци и Македонија. Арно ама, се испосравме на големите успеси, навредувајќи ги сите кои не размислуваат како нас (различни по повеќе основи), а да видиш ти интересна ситуација – се радуваат заедно со нас од се срце на истите тие успеси. Плиткоста на мислата, дневната политика, ситната душа, моронскиот специјалитет на национализмот, слаткиот мирис на квазипатриотизмот ни ги одземаа сите радосни секунди. Секунди?! Да, затоа што во секунди се мери времето во кое можеш да бидеш на иста страна со луѓе кои одсабајле се мразат себеси, а попладне ги мразат сите.
Да и за Кавадарци станува збор. Оти, во деновите во кои често се судруваме со појавата на новоодбележана сообраќајна сигнализација, тротоари и улици во реновирање, море изградба и на нови, кои во суштина се наменети пред се да го олеснат движењето на граѓаните на Кавадарци и да ја зголемат сигурноста при тоа исто движење. И што ни се случува?! Ништо ново. Грандиозноста на кавадаречката сообраќајна некултура стигнува до моментот кога со неа треба да се занимаваат медицински лица, на пример од доменот на психијатријата. Рековме – ништо ново.
Да се вратиме на основното. На радоста за успесите кои на овој простор се така ретки, не за друго, туку од што сме толкава држава/еден кварт во некој просечен велеград. Не па ако како град си го мериме со некоа културна или спортска престолнина. И да, за Кавадарци ми е зборот како и секогаш. Особено за културните дејности. Ако не сте знаеле, Кавадарци има три културни институции: Музеј – Галерија, Библиотека “Феткин“ и Дом на култура “Иван Мазов – Климе“. Секоја од институциите има свои специфики. И функционираат, колку и да вие си помислувате понекогаш нешто друго. Оно, лето е и да не ја тупиме многу, ама за некои работи треба да се знае. Што тоа? На пример дека културните и уметничките настани во Домот на културата (малку субјективно) се одвиваа до пред некој ден - секојдневно. Од Театарски претстави, преку ликовни и фото изложби, филмски фестивали и уметнички работилници, концерти на класична, џез, рок и останата музика, до промоции на врвни литературни дела. Секојдневно! Нормално, за да вработените таму, кои и покрај ограничените институционални капацитети професионално си ја тераат работата, ги остварат своите работнички права (во лето тоа се годишните одмори), во текот на летото намалува бројот на настани. Но и така намалениот број на настани е поголем од 90 % од културните институции во градовите  ширум државата. Тука некаде е суштината на моментот дека Кавадарци нема некоја манифестација (а и нема потреба) од типот на “Културно лето“. Макар што, да бидам малку и ироничен, бројот на културни и уметнички настани кои се случуваат во градот за време на летните месеци се и тоа како во поголем број од многу извикани “Културни лета“ низ Македонија. Затоа пак Кавадарци има “Кавадаречка културна есен“, 60 дена – 80 настани (не, не е печатна грешка), па некако оди работата тие денови и полежерно (без врели и тукуречи неподносливи кавадаречки летни денови и ноќи) и повозбудливо. Секако, публиката сама бира што ќе посети. И нормално, ставот на авторот на овие редови, дека бројката на посетители не секогаш е мерило за квалитетот на настанот, каде и да тој се случува. Ете така. Само да се потсетиме што тоа ова лето (јуни – септември 2019) го очекува Кавадарци меѓу другото (дел од настаните веќе завршија): Мото фест, Алшар, Рурална слем вечер, Денот кога се роди добриот човек, премиера на кавадаречкиот театар, понекоја изложба, Тиквеш Рок Фест, промоција на врвни книги (публицистика, романи, поезија) и др. Доволно?
Лето е. Дури и во Кавадарци. Политиката би требало да е на пауза. Ваков заклучок доаѓа по бројните “весели“ фотографии низ социјалните мрежи постирани од таканаречените патриоти (цела година патриотски занес, освен за време на летото) од бројните туристички места во соседството на Македонија, држави кои тие остатокот од годината ги мразат. Ама стварно ги мразат. Најверојатно високите летни температури им ја отстрануваат омразата, барем тримесечно. Можеби тоа е од солената вода на морињата во тие држави, во кои се утепуваат од капење. Или ќе е до нешто друго, недофатливо за нас кои не мразиме народи и држави. А омразата, според стручни медицински лица е болест. И се одразува дебело на здравјето. Дури и на сред лето. Така да, да патуваме и да се радуваме, затоа што можеме да се радуваме и да патуваме.
П.С. Лето е... Дури и во Кавадарци. Поголемиот дел од вас веќе знаат каде и зошто ќе го терат летниот одмор. Книги во Кавадарци можете да си набавите во три книжари во градот. Музика можете да си симнете од интернет. А ако сте на некој од големите летни музички фестивали низ Европа, да си истерате онака како што сте си замислиле, плус ако до вас се некои вам драги луѓе, ете ви лето за паметење. Не си дозволувајте уште едно исто лето.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци