Saturday, May 18, 2019

Блузирање (237-267)


(прва кавадаречка колумна)

Зад нас се еден куп празници. Друго купче празници ни се случува. И така од година во година. И да Кавадарци изгледа во некои негови делови малку поинаку од лани. Се средуваат улици и тротоари. Конечно ете Локалната самоуправа го работи она за што е платена од граѓаните – да ги подигнува условите за функцинирање на повисоко ниво. Повеќе функционално и поубаво. Да сме живи и здрави, па да ги видиме резултатите од најновите зафати низ најфреквентните улици во градот.Лично ме радува што Градскиот плоштад не е повеќе гола ледина. Можеби не е најперфектниот плоштад на светот, ама ете нешто се случува и колку толку доби зеленило кое претходно буквално беше намерно или ненамерно изоставено.
Друго сакав да кажам, а незнам како да ви го пренесам. Море знам. Ма и вие го знаете тоа сигурно одкако сте родени – Кавадарци е град на сите негови граѓани. И тука завршуваат сите приказни. Кавадарци не е никаква приватна прчија на некоја политичка партија да го прогласува за свој, ма на било какви избори и во било која прилика. Така да, немојте ви се молам со ефтини штосови да ги заплашувате луѓето кои со години наназад ги мавтосувате возејќи ги од град во град, од село во село, како да се ваши робови. Им давате знамиња да веат?! Ветар да ве одвее и никогаш повторно да не ви се даде прилика да седнете во некоја фотелја, од која ќе се расфрлате со наши пари. Јебало вас, та и нас сосе вас Скопје 2014 и слични грозоморни антицивилизациски придобивки кои и нашите внуци ќе ги плаќаат и цел свет ќе ни се смее поради нив уште генерации и генерации. Ова личи на нешто партиско/политичко?! Не, туку само сопствено мислење. Јебала нас политика сосе наши и ваши, та на куп. Оти од премногу политички делби, од долгогодишни лаги и паралаги, од правење светињи од политичките партии стигнавме до тоа уште еднаш да почнуваме од нула. И уште еднаш – Кавадарци е град на сите негови граѓани. Со исклучителен нагласок и почитување на оние кои останаа овде и со свои пари (од чесно платен данок) заеднички го носат градот во иднината. Ма каква и таа да биде.
Деновиве актуелни се матурските вечери. Уште еден од парадоксите на времето во кое живееме. Полни ресторани, стотици гости, најубавите они на мама и тато. Фрлени пари во воздух за храна и пијалоци, со кои би се платило школувањето на факултет на сегашниот матурант барем година и пол/две. Ама, како викат, нивни пари – нивни проблеми. Само џабе потоа жалопојките. Секоја чест на ретките (но многу битни) кои овие денови размислуваат за вредноста на нивното понатамошно школување и иднина, за знаењето кое ќе го стекнат на некој од македонските и светските факултети. Оти вака? Оти секојдневието ни потврдува дека скапата гардероба е само тоа – скапа. Образованието е најважно. Надевајќи се дека руинираното образование во оваа држава ќе почне да се враќа кон својата основна важност – академската, а не политичката, им посакувам на матурантите веќе од утре да заборават на пијанките кои им ги приредија нивните родители и да тргнат по својот пат. Кон лична, но и општествено одговорна наобразба и среќа.
П.С. Додека привршувам со пишувањето на ова издание на (самобендисано наречена) првата кавадаречка колумна, го забележувам мудрувањето по социјалните мрежи за Евровизискиот натпревар. Музички?! Не би рекол. А и зошто би рекол, кога и воопшто немам намера да го следам и оваа година ова (уште едно) непотребно случување. Впрочем како и десетици години наназад. Квалитетната музика подразбира, работа, креативност, компонирање, концерти и концерти, квалитетни албуми и децении траење на сцената. Затоа и вечерва ќе си ја слушам редовната саботна порција добра музика, ќе мавнам чашка – две бурбон и ќе се радувам на новите штекери кој ми ги намести другар ми Горан.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци