Saturday, October 10, 2020

Блузирање (258-288)

 

(прва кавадаречка колумна)

 

“...Grad je pojeo srca

grad je popio krv

svi ovi garavi zalasci sunca

koji mi prave rupu u grudima...“


Metak” - Milan Mladenovic &Mitar Subotic Suba, LP “Angel's Breath”, 1994

 

Бараш тема за колумна, а всушност се мислиш дали воопшто да пишуваш во време-невреме во кое “главни џекови“ се медиумски неписмените, литературно невкусните и социјално простите. И во меѓувреме читаш книга и си велиш: зошто да не продолжам да пишувам, во случајов да се “блузирам“. А книгата мотив е “Шрапнел“ од Игор Анѓелков во издание на ИЛИ – ИЛИ. Плус квалитетната македонска рок музика, која, се покажа, дека и во време на светска пандемија тера напред и тоа авторски. Доказ, меѓу другите, се и неколку нови кавадаречки рок бендови со нов и  сопствен музички материјал.  “Безопасни“ на пример. А сега другото што следува, нели. А другото и не е баш наивно. Напротив, можеби некому ќе му изгледа како своевидна пресметка со вулгарното, забеганото и невкусното. Не мора да изгледа така, оти е тоа. Како од самиот почеток на ова парче слободна виртуелна територија, самобендисано наречена прва кавадаречка колумна.

Триста теми за пишување и коментирање. Во Кавадарци и низ Македонија, та сеедно. Особено што некој се обидува да го извади лошиот дух од шишето и манипулира со луѓето во време во кое и повеќе од потребна е солидарноста, општествената одговорност и граѓанската свест. Мизеријата нема дефиниција, неа ја носат ликови кои немат ништо направено за некој друг во животот, а со тоа и за себе. Зборуваме, меѓу другото, овде и за типови кои прво на памет им е личниот финансиски интерес, интересот на нивните патрони, кои пак по дефиниција на Балканот се криминалци, пропаднати политичари и должници на услуги на некој “озгора“. Тука некаде се и тукашните националисти, ситни души по вокација, патриоти по потреба (мењај партија како ти одговара). На таквите не им одговара добрососедство, пријателство, толеранција, почит кон поинаквиот, всушност и нема некоја разлика меѓу национализмите, специфични особено на Балканот. Да не ја тупам – национализмите се хранат едни со други, националистите се типови на луѓе на кои семејството им е трето во агендата на живеење, прво им е грижата некој да не дознае која политичка опција ја терале пред да одлучат да станат патриоти од интерес, втора грижа им е лигавењето пред партискиот лидер (нема врска локален или национален), а четвртата им е ситната корист (сендвич, некоја паричка, локалната слава и тормозењето на луѓето во корист на националистичката агенда). Петта нема. Има само промена на политичка боја и станување на екстремен демократ и пу-пу не важи претходното. Еден куп локални дрипци се опишани овде. Ама нивен проблем. Во суштина, најинтересно е тоа што се толку испозанесени, чиниш околината не се сеќава на сите нивни вратоломии од микро и макро политичка и лична проституција. И да, национализмот е болест. Секако дека и за Кавадарци станува збор.

Инаку незнам зошто (знам, знам) сега ми излезе сеќавањето на 1984, трета година Гимназија и екскурзијата низ тогашна Југославија. Седумневно патешествие, илјадници километри поминати со (тогашните) автобуси на “Тиквеш –Транс“, посета на многу градови и културни и историски простори, ноќевање во мали и големи градови. Белград (Хотел “Шумадија“), Загреб (Хотел “Спорт“), Сињ (не се сеќавам на името на хотелот), Босански Петровац (Вила “Лом“), Сараево (Хостел на “Црвен крст“) и Титово Ужице (заб’равих му името на хотелот). А во меѓувреме, посета на Плитвички езера, Сплит, Врело Босне и ред други места. Носталгија?! Нееее. Чисто потсетување на моментот кога се вративме од екскурзија (крај на мај 1984). Во Кавадарци не пречека нова димензија на дневна и вечерна шема. Традиционалното кавадаречко корзо престанало да постои. Како избришано. Новата шема беше пред “Палма“ и “Дечките“, а вечерните часови на другиот крај на градот во дискотеката “Ламбада“ во Хотел “Фени“. Тука таму во Клуб “54“ и “Далпер“. Ништо не е вечно, ништо не трае засекогаш. Тој градски ритам траеше до доцните осумдесети. Во меѓувреме се “родија“ Еми, ТТ, Сачмо блуз, Баухаус, Квин и др. Девеесетите на минатиот век донесоа друга приказна во градот. Кавадарци стана “мека“ на балканското здраво и квалитетно музичко патешествие. Стана град со три врвни дискотети во триаголник од сто метри: “Ла Луна“, “Парк“ и “Дорс“. Цела балканска музичка сцена дојде на поклонение на кавадаречката публика: Леб и Сол, Архангел, Ласт Експедишн, Скајлаб, Банкрот Блуз Бенд, Ена Веко, Електрични оргазам, Партибрејкерс, ЕКВ, Рамбо Амадеус, Забрањено пушење, Рибља чорба, Здравко Чолиќ, Викторија, Галија, Бајага и Инструктори и многу други. Едноставо, клубската сцена во Кавадарци функционираше перфектно. Носталгија?! Не. Само потсетување дека во овој град сеуште има луѓе ентузијасти и професионалци, кои знаат и умеат, а сеуште не фатиле џенем одовде поради икс причини. Зошто сега не е така? Не го знам одговорот, не е во мој домен.

П.С. Одам сега да дочитам  книга, сосем различна тематика од погоре спомнатата, со  крими содржина. Почетокот ветува, се вика “Кошмар“, а автор е Лаш Кеплер. А ме чека и најновиот број на неделникот “Vreme“, едно од списанијата кое опстанаа и покрај сите балкански медиумски премрежја. А имаше Балканот или ако сакате просторот на бившата ни држава (па и после распадот) еден куп квалитетни списанија, на кои денешните електронски медиуми можат само да им се фатат за малиот прст: Млад борец, Пулс, Денес, Граѓански, Форум, Тротоар (од македонските), потоа Start, Danas, НИН, (неверојатниот и врвен) Feral Tribune, Nacional, Globus, Dzuboks, Ritam, Rok, Vreme zabave и многу други.

И ајде да се вратиме во денешно време. Да, време на светска пандемија, време во кое COVID-19 драстично и неповратно ни го промени животот. Не се разликуваме во несреќата од останатиот свет. Насекаде низ светот  мерки и протоколи, па и кај нас. Доколку би бил неоснован оптимист би рекол – ќе помине и ова наскоро. Ама ралноста вели дека ќе потрае ова, сосе мерките и протоколите, а сега и дефинитивно се покажува дека треба да ги применуваме истите за наше добро. Ви смета маската? Не ја носете и седете си дома “немаскирани“. Ви смета дистанцата? Седете си дома и правете што сакате. Немојте да не малтретирате со вашите антисоцијални небулози, теории на заговор, 5Г глупости и останати полуписмени тракатанци. Седете си бре дома ако не ве бендисува реалноста. А да не е во прашање нешто друго?! На пример вашиот страв и неможноста да се снајдете во новото време и реалноста која започна и трае? На време прилагодете се и не тресете глупости дека некој ви ја зема слободата. Слободата значи нешто друго. Значи на пример сеќавање и одбележувањето на 11 октомври, како величенствен датум, на кој во 1941 година македонскиот народ и останатите народи кои живеат на територијата на денешна Република Северна Македонија, одлучиле да застанат на вистинската страна, на страната на антифашизмот, на страната на слободоумниот свет, на страната на неприкосновената слобода. Се дуго е приказна за мали деца.

Утре е 11 октомври. Нека ни е честит и вековит. Националисти од сите бои обединете се и ајд’ у пичку матер!

 

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци