Wednesday, July 19, 2023

Блузирање (291-321)

 (прва кавадаречка колумна)

Заебанции еден куп. Смешни заебации. Лигави заебанции. Смешни (уште еднаш) заебанции. Ама ете. Толку багра насобрана, на човек да не му се верува! Нека ве видат сите!? Ама ете (уште еднаш), ние не знаеме да бидеме лоши луѓе, ама ни стапнавте на “ногата“, па видејте вие! Што би рекол Џони Штулиќ и неговата Азра  (во оригинал) –Zbog cega primatima nikada ne iskljucuju elektriku, oni u principu ionako rijetko citaju, a i to sto citaju krive stvari citaju, pa zasto im onda ne iskljucuju elektriku !“

И батали баграта, батали културно  неписмените и алчните кои го земаат и она мало количество средства за културата, благодарејќи на сличните на нив. Оти ете лето е и време е за добра мисла, време е за лежерност и некои фини културни нешта од читање добри книги, до слушање добра музика. Кога сме кај книгите, можеби некој го прочитал романот “Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, со поднаслов „Старовремски роман“ од еден од најголемите македонски писатели на сите времиња Влада Урошевиќ. Е тој истиот Влада Урошевиќ, пред месец дена беше во Кавадарци и имаше средба со ретките љубители на добрата книжевност во овој град. Повод?! Зарем има поголем повод од тоа што овој роман ја доби најпрестижната награда “Роман на годината за 2022“ во Македонија и самиот автор е носител на најголемата светска поетска награда “Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2023. Бевте да се видете со авторот? Да поприкажевте малку со него, да ја купите книгата, да го прашавте нешто, да му честитавте за големите награди, да му посакавте добро здравје?! Не?! Ами кој ви е крив. Историјата не ја пишуваат транзиционите богаташи, политичките шерифи, националистичките тралалајки, локалните политички вошки, имбецилите кои одсабајле се мразат себеси, а попладне сиот свет. Ја пишуваат скромните луѓе. Им благодарам од се срце на Фондацијата “Славко Јаневски“ и особено на легендарниот новинар Звездан Георгиевски, кои по четврти пат, по официјалното претставување на Романот на годината некаде крај на мај секоја година, по Скопје го носат Романот и авторот најпрво во Кавадарци. Која чест, а?!

Нејсе, лето е и време за годишни одмори. Кој - каде милува. Јас се думав меѓу Егејот, Црно море и Јадранот. Што одбрав? Ќе ви (рас)кажам на ова исто место кога ќе се вратам од топорење покрај солената вода. Да ве потсетам, лето е и во Кавадарци. А Кавадарци раскопано, се “реновира“ де, се лицка, попатно се кинат гуми од возилата по реновираното од тоа шодерот (а не секој може на три месеци да менува гуми, летни биле тие или зимски), ама ќе издржиме нели?! Другото е се исто, како и секое лето. Распашаноста на локалите со "жива" музика да не ја спомнуваме. Троа подоцна почна жешкото и високите температури, ама со мислата дека ќе се позабањаме (со сопствени пари) на некое море, дава спокој дека летото долго ќе трае и дека и ова лето за некој ќе донесе незаборав и нов предизвик кон мислата за Кавадарци пристојно место за живеење. Не е тоа денес? Како за кого. Ај, на арно нека е.

П.С. Се сеќавам на едно лето, таму некаде доцни осумдесети на минатиот век, на една “турнеја“ по Јадранската магистрала. На едно автостопирање и на мал милион доживувања, ниту едно негативно (доживување) секаде супер пречекани. Од Улцињ, Бар, преку Будва,  Херцег Нови, Дубровник, Макарска, Сплит, Опатија, Ријека до Пула, со ранец и вреќа за спиење. Пари? Кој спомна пари?! Кога се вратив дома од летното патешествие ме чекаше албум (ЛП плоча) од Џенис Џоплин. Нејзините најголеми хитови, а брат ми Петре Тодоровски ја купил од џепарацот во тогашната Стоковна куќа. Ете ја плочата, се мота по дома, буди спомени, по некогаш ме тера на размислување. Поарно да не знаете за што размислувам кога ја слушам Janis Joplin и се сеќавам на брат ми. Поарно!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон ленон“ 3

Кавадарци