Tuesday, October 31, 2023

Блузирање (296-326)

(прва кавадаречка колумна)

Го сонував пред некој ден мојот брат Петре. Сонот немам намера да ви го раскажувам. Мојот грб, мојта експресија и мојта потврда дека сум жив. Брат ми загина во несреќната војна во Словенија 1991, белегот сам си го носам како негов единствен роден наследник и срам и арам на сите кои си играт со сеќавањето на мојот брат.

А приказните се различни. Во 1991, во војните кои не ги предизвикавме ние дадовме 53 жртви од Македонија. Расплакавме и распаднавме патем 53 семејства. Денес единствениот релевантен споменик на нивната невина жртва во војната која и не беше нивна е во Скопје и е споменикот “Мајкино скршено крило“ и нивните последни почивалишта во Кавадарци (и другите места низ Македонија), кои да не се нивните семејства нема да личат на ништо. А требаше тоа да биде величенствен спомен и предупредување. За никогаш да не се повтори. Спомен обележјето  како  своевиден Спомен парк. Да, расплакавме и повредивме три семејства од Кавадарци. Едно е моето! Денес за жал, само јас сум релевантен и роден наследник на споменот на Петре Тодоровски, секако и нашиот помал брат Васко, на тоа добро дете од Кавадарци, ракометар, извонреден другар, прекрасен левучар јеботе, извонреден брат, запишан на земјоделски факултет како еден од идните надежни студенти, ем оти го биваше, ем поради тоа што неговиот/нашиот татко (инжинер – агроном) беше еден од авторите на тиквешките вина кого самиот планираше да го надмине, а тој самиот беше исклучително градско дете од мајка Марика, од татко Павле, од родата на Ѓорѓи Бадев, од родата на Рафе Тодоров и од родата на Јованче Чемерски. Негова баба беше исклучителната баба Цанка (Бадева/Чемерска), негов вујко неверојатниот Иван Чемерски, еден од градителите на модерно Кавадарци, а другиот вујко Ѓорѓи (неговите Сашо и Сања) - еден фантастичен човек, ерудита, мултилингвист, писмен повеќе од многумина денес! Се еден до еден извонредни човеци, мајстори на својот занает и струка, луѓе од доверба! Да не ги спомнувам неговите (и моите) братучетки и сестри Надица и Цанка, неговата (и мојата) вујна Неша. Да не ги спомнувам децата на чичко ни Драги најшколуваниот автомеханичар во Кавадарци и стрина Фруса (Тони, Ќиро, Ратко), на тетка ни Јонка и тетин Димо (Цанка, Маричка) и на тетка ни Митра и тетин Ќиро Суло (Панда, Ико). Секако тука не можеме да ја одминеме неговата (и моја/наша) втора мајка Невенка, благодарејќи на која се раскриливме и во Радовиш. И секако нашето братче Васко и неговото семејство, сопругата Лидија и нивните синови Петар и Матеј. И да, денес сеуште живите и добри луѓе тетката Павлинка и тетинот Ванчо од Радовиш. Плус братучедите ни Сашко и Владо и нивните семејства, па покојниот ни вујко Коле и вујната Виолета и нивните Баже и Сузана... Ма фантастичен живот! Тагата секако ја криеме во нашето мајчино крило. Каде и тоа да се наоѓа!

Беше тоа 1991, последното мое слушање (телефонски) со Петрето една недела пред неговото загинување. Шокот сеуште трае. Не им го посакувам ниту на оние кои ме сметаат за најголем душман?! Животот тече, во гроб жив човек не бива, ама ете, трае пустата тага. Благодарејќи на мојата Билјана, мојот животен сопатник и соборец, мојата љубов, таа е поднослива и ми дава верба во утре, ми дава сеуште да траам. Ми дава да напишам уште една песна и уште една колумна. И уште една. И уште една...

Така да, се друго се дневно политички прикаски, играње мајтап со децата (Сашко, Петре и Мишко) од Кавадарци кои загинаа во нечии туѓи војни. Ништо нема да го врати мојот брат Петре. Ништо нема да ги врати децата кои заминаа. И да. Уште еднаш - загинаа во туѓи војни, ама без нивна вина. Загина и малиот Блашко 2001. Не се осмелувајте, ни под разно да правите споредба на 1991 со 2001!  Ама ете едно е исто. Кај сите блиски на загинатите тагата и болката се до крајот на животот. Затоа со ум кога ги спомнувате нивните имиња, во било кој контекст. Со ум ќе ве молам! Ама ептен!

П.С. Во рацете го држам албумот (во вид на оригинална касета - Jugoton) “Brain Drain” na Ramones, последниот поклон од мојот брат Петре, кој стигна во Кавадарци од Љубљана 1991. И еве кај го преслушувам уште еднаш. И уште еднаш... И секако дека колумнава е посветена на мојот брат Петре. Посветена на секој минат ден со него и без него.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Monday, October 23, 2023

Блузирање (295-325)

(прва кавадаречка колумна)

Се сеќава ли некој сеуште (добро, мислам на повозрасните де) на точаците кои вртеа во круг, таму некаде пред влезот во Градскиот парк во Кавадарци? Па дури и се наплаќаше вртењето. На бесмисленото вртење во круг? Тогаш вртевме точаци, денес сите се вртиме во бесмислен и бесконечен круг. И сеуште ни наплаќаат. Ниту знаеме зошто, ниту знаеме како да излеземе од кругот во кој западнавме, та да ја прекршиме таа кружницата и да почнеме да дишиме. Мултиплексните патриоти, удобно сместени во фотелји и наседнати на тоа квази патриотските табуретки ни солат ум. Да де, во право сте! Дел од нив веќе се заседнати во некоја од европските држави, а ваму пуфки ни продаваат. Како тоа нас не не бивало, а сме можеле, не ни била потребна Европа. а бе иди бегај, прикаскари невидени, ама ете тука најмногу виреат на овоа поднебје. Не само што виреат, туку се и накотени бааѓи!

А сакав нешто друго да кажам, буквално да се истурам против турбо фолкот, не само како квази музика, туку и како начин на живеење. Ама ете времето ме прегази, така да – терајте си! И ко‘ што би рекол Рамбо Амадеус – “Интелектуалац, око курца ланац, оќу да опалим Весну Змијанац“. Или ко‘ некаде напишаната “длабока мисла“ – “Интелектуалец? Не бе, ти си курац на бициклу!“. И да не ги тормозиме и понатаму модерните тукашни со штотуку експресно одпечатени дипломи, троа да се развеселиме. Да не си продаваме пуфки едни кон други. Вие победивте, а ние се симнуваме во урбаното подземје, така да кој ќе го биде – ќе го биде. Страв ми е само дека ќе ги потрошите сите пари кои ги имаме како луѓе кои плаќаат данок, ама ете – вас нека ве биде! Ние ќе се снајдеме и фино и културно ќе си тераме. Слушајќи добра (културна) музика, читајќи добри книги (да, да, од новата и одлична генерација македонски автори), дружејќи се со некои фини, креативни и скромни луѓе. Оти “со човеци бива“, а не со испренесени на чии дела сме сведоци секојдневно. Од сообраќајната (екстремна) некултура, од невреднувањето на локалните квалитети и славењето на некои комерцијални културни и уметнички испрдоци и славење на криминалот. Ете, вас нека ве биде!

П.С. Годинава се навршуваат 50 години од издавањето на редица одлични рок албуми, кои како да се снимени вчера. На пример: The Dark Side of the Moon на Pink Floyd, Houses of the Holy на Led Zeppelin, Queen на Queen, Berlin на Lou Reed, Goats Head Soup на Тhe Rolling Stones, Loud 'n' Proud на Nazareth, Quadrophenia на Тhe Who, Sabbath Bloody Sabbath на Black Sabbath, Closing Time на Tom Waits, The Wild, the Innocent & the E Street Shuffle на Bruce Springsteen, YU Grupa на  YU Grupa, Dnevnik jedne ljubavi на Josipa Lisac и уште еден куп извонредни не само рок албуми, кои сакале вие или не сакале денес се класика во музиката. Тек 1974 кои албуми ги има донесено, ама тоа одгодина кога ќе ги спомнеме во нивната пеесетгодишнина од излегувањето. Така да, се читаме повторно наскоро.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Wednesday, October 4, 2023

Блузирање (294-324)

(прва кавадаречка колумна)

 

“... Без љубов, знам, ќе те проголта

овој град без гордост и без срам

ќе останеш без дела за вреднување

ќе останеш

без моќ и магија

било што да промениш

Пушташ солза

не знам што сокрива

дали немоќ

или желба за одмазда...“

 

(“Heart Core”, Архангел, ЛП “Heart Core” 1998)

 

Живееме во време на агресивен технолошки напредок, во време на достапни информации 24 часа, во време во кое, како никогаш во човечката историја пред тоа сме зависни (сите до еден) токму од еден од производите на агресивната технолошка револуција – интернетот. Па ако не е интернетот оваа, на пример, самобендисано наречена “прва кавадаречка колумна“ ќе ја нема, ќе останат само сведоштва во нечии подруми, остави, шпајзови и слично, каде некој зачувал некој број од двонеделникот “Тиквешка хроника“ каде излегуваа првите триесетина изданија на колумната. Арно ама...

Што би се случило, само 24 часа да нема интернет, на пример, не во светот, еве во Македонија? Тотален колапс, семејни расправии, нервози и инциденти по установи и институции, учениците нема да одговорат ниту на едно прашање (ќе паѓат, море ќе врнат кецови), ќе пропаднат бааѓи фирми, не од друго, туку “газдите“ ќе немат контакт преку социјалните мрежи, нит‘ сликички ќе можат да си праќаат и да си ги лоцираат тајните во бескрајот на мрежата, нит‘ ќе можат да се лигават во “преписки“ со политичари, а тотални психички шокови и нервни сломови ќе доживеат дежурните лајкувачи, коленичари и боже ме прости – дудлачи на се што е степен погоре во хиерархијата над нив. Секако дека и кодошите ќе се сведат на нормален број во недостаток од монтирани фотки, ќе морат да се фатат за пенкалото и дебело да ја оправдат кодошката норма. И да, ќе ги снема сите дневни информации. Е тука малкумина ќе добијат поени. Ќе ги снема лажните информации, ќе ги снема будалите сештолози, особено агресивните наци ројки, па и лажните левичари и деформираните десничари, тутурутките кои се расправаат по социјалните мрежи и на обична информација за временска прогноза. Ќе снема се, ќе се урниса квази секојдневието и конечно ќе може човек да се напие кафе без соговорникот секоја секунда да проверува дали има некоја порака на мобилниот или до каде му е батеријата. И нема да биде крај на светот. Напротив. Нормалните ќе си останат нормални, а будалетинките ќе останат таму каде што припаѓаат – во темнината на нивниот живот.

Во контекст на тоа, што би било кога би било и да нема интернет 24 часа, дел од нас би го правел она што го прави секој ден – разговара со пријателите и семејството, оди на работа, чита списанија, дневни весници и книги, слуша радио, слуша музика на плеери, грамофони и слични измислици кои сеуште траат. Единствен недостаток на сето ова е што во Македонија и нема вистински, нормални дневни весцици, списанија, радио станиците станаа зависни од интернетот и лажните вести. Среќа има еден куп добри книги издадени во Македонија, особено од исклучителната нова македонска генерација автори на книжевни дела која се појави последните години и нема намера да застане со исфрлање на нови и нови фантатични дела. Неверојатно е тоа што во време во кое се тресат глупости дека македонскиот јазик ќе го снема, излегуваат толку нови (квалитетнии) дела на македонски јазик, та и се преведуваат и издаваат во солидни тиражи за некои други пазари, на некои други јазици. И освојуваат престижни и светски награди. А бе неверојатни се овие писатели и извонредни!

А што ќе биде ако интернетот не се вклучи и по 24 часа? Ма ништо посебно! Најголемата добивка ќе биде за сите оние кои работат професионално, квалитетно, кративно, за сите оние кои знаат каде да пијат кафе со своите пријатели, за сите оние на кои семејството не им е изгубено низ лавиринтите на мрежата, за сите оние кои се поинакви, но и вредносно и морално потврдени, за сите оние на кои “не им е виновна козата на комшиите“, за сите кои се радуваат на секој нов ден.

Една од најголемите придобивки “без интернет“ ќе биде враќањето на потврдените информации за кои новинарите би се потрудиле да ги добијат од веродостојни извори, гужвата пред трафиките за новиот број на еди кој си дневен весник или списание со “вест на денот или годината“ само би го потврдила тоа. На радио повторно ќе има добра и одбрана музика, тралалајките ќе се мавнат од телевизиите и медиумите нема да бидат повеќе дежурни бабароги, рекет мајстори и партиски истресоци. Да, добрите книги и натаму ќе се читаат, само што без интернет ќе набиваат тиражи и врвните мајстори на перото конечно ќе можат да им се посветат на своите читатели. Во добро и во лошо.

П.С. Денес беше среда. Пазарен ден во Кавадарци. Иако нормален работен ден, уште од ранина, гужва од купувачи од сите возрасти. Некаде околу 11 часот, тезгите на пазарот во Кавадарци беа полупразни, а продавачите опуштени, повеќето од нив задоволни (прашано – потврдено). Немам поим што тоа значи, дали е тоа економски добро или пак не, со оглед на тоа што цените беа пристојни, а јас не сум економски стручњак, само обичен купувач нели. Ама ете утре е нов ден, а во петок е повторно пазарен ден во Кавадарци.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Sunday, October 1, 2023

Блузирање (293-323)

(прва кавадаречка колумна)

 

“Јedva čekamo dan

kada stajaće sam

kada pući će kod

kada staće u stroj

jedva čekamo, jedva čekamo

Јedva čekamo rat ljudi protiv mašina

svi sad!“

(“Jedva čekam rat ljudi protiv mašina“, Ljubicice, EP “Zigosani u reketu” 2019)

 

Како минуваат годините, се повеќе правам своевиден сублимат на моите музички искуства. Тука настрана ги ставам моите активности како дел од организациите на бројни фестивали, концерти и останати уметнички настани поврзани не само со музиката. Овде би се навратил на мојот “слушателски“ дел, некој ќе каже колекционерски (?!) со оглед на приватната дискотека, ама тоа е најмалку важно. Би се осврнал на она што денес го слушам и поддржувам како музика. Богами, слушам музика, таа ми е сопатник низ сите животни премрежија, но и радости кои попатно се случиле.

Би се осврнал најпрво на новиот албум на The Rolling Stones, насловен како "Hackney Diamonds“, кој официјално излегува на музичкиот пазар на 20 октомври 2023. Веќе се исфрлени две сингл теми, кои зборуваат за нивниот музички континуитет. Нема сигурно ова да биде нивниот најдобар албум, но е сигурно еден од албумите кои ќе не тераат и натаму да ги слушаме како најголем светски активен рок бенд. Стари се? Секако дека се стари и тоа прастари. Ама рокат жестоко и токму заради тоа човек да им позавиди (ако барем малку ја познавате нивната музичка и животна историја) и да им се воодушевува. Тркалата кои се тркалаат 60 години се само пример за тоа дека годините не и можат ништо на добрата музика. Напротив. Дали тоа има врска со Кавадарци и Македонија?!

Има и тоа како. На ниво на македонска рок сцена имаме еден куп бендови кои и тоа како имат албумска и концертна километража зад себе и сеуште се актуелни и добро рокат (фала им). Од Суперхикс, преку Мизар, Last Expedition, К.У.Р и многу други, кои, интересно, барем повеќето од нив, се и подржувачи на младите бендови кои во моментот не само што прават извонредни концерти, снимаат албуми, тераат турнеи низ Европа (да, да, низ Европа, ама вас ве заболе за тоа), а меѓу нив и Луфтханзе, 21 Век, Занаду, Димиш , Vagina corporation и останата екипа,особено онаа собрана околу “Гола Планина колектив“. Секоја им чест на децата1

А за кавадаречката рок сцена?! Таа и не би постоела ако не се гаражните/кавер бендови. Секако со задоволство очекувам нова авторска музика од бендовите кои се изнасвираа (да се разбериме, станува збор за врвни музичари и мајстори на инструментот) за да преживеат како рок музичари. Последната авторска рок музика последните години во Кавадарци е од Smoke Shakers (првиот издаден официјален кавадаречки рок албум воопшто, за жал и последен), Лексикон, Безопасни... Затоа, поддршка за Бадасал, Журнал, за младите дечки од Броудаун бенд, за сите формации на рок бендови кои се обидуваат да преживеат во овој град кој се предаде на турбо фолкот и ни го заеба градското и урбаното живеење и се предаде на тралалајките на евала! Рокајте момци и девојки, еве каде е 2024, да сме живи и здрави, ќе покажеме уште еднаш дека не има, дека некој некаде нешто прави, дека никој не е заборавен од луѓето кои сеуште веруваат во тоа дека еден убав ден, ама еден стварно убав ден Кавадарци ќе биде пристојно место за живеење.

И додека ги пишувам овие редови, од објектите (?!) во околината (а живеам во  Новиот центар на Кавадарци, до скоро најурбаниот дел од градот)) треште ортодоксна турбо фолк/сељачка музика. Тоа е, шо ќе му прајш. Е па додека е “Тоа е, шо ќе му прајш“ тешко дека ќе не биде!

П.С. И еден многу важен момент. И официјално, изложба на еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол ќе се случи во галерискиот простор на култниот МКЦ – Скопје. Отворањето е закажано за понеделник, 16 октомври 2023, од 20 часот. Повеќе информации деновиве низ медиумите и социјалните мрежи. Кој може бујрум, да наздравиме со уметноста на големиот Ристо Соколов Сокол.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци