Sunday, October 1, 2023

Блузирање (293-323)

(прва кавадаречка колумна)

 

“Јedva čekamo dan

kada stajaće sam

kada pući će kod

kada staće u stroj

jedva čekamo, jedva čekamo

Јedva čekamo rat ljudi protiv mašina

svi sad!“

(“Jedva čekam rat ljudi protiv mašina“, Ljubicice, EP “Zigosani u reketu” 2019)

 

Како минуваат годините, се повеќе правам своевиден сублимат на моите музички искуства. Тука настрана ги ставам моите активности како дел од организациите на бројни фестивали, концерти и останати уметнички настани поврзани не само со музиката. Овде би се навратил на мојот “слушателски“ дел, некој ќе каже колекционерски (?!) со оглед на приватната дискотека, ама тоа е најмалку важно. Би се осврнал на она што денес го слушам и поддржувам како музика. Богами, слушам музика, таа ми е сопатник низ сите животни премрежија, но и радости кои попатно се случиле.

Би се осврнал најпрво на новиот албум на The Rolling Stones, насловен како "Hackney Diamonds“, кој официјално излегува на музичкиот пазар на 20 октомври 2023. Веќе се исфрлени две сингл теми, кои зборуваат за нивниот музички континуитет. Нема сигурно ова да биде нивниот најдобар албум, но е сигурно еден од албумите кои ќе не тераат и натаму да ги слушаме како најголем светски активен рок бенд. Стари се? Секако дека се стари и тоа прастари. Ама рокат жестоко и токму заради тоа човек да им позавиди (ако барем малку ја познавате нивната музичка и животна историја) и да им се воодушевува. Тркалата кои се тркалаат 60 години се само пример за тоа дека годините не и можат ништо на добрата музика. Напротив. Дали тоа има врска со Кавадарци и Македонија?!

Има и тоа како. На ниво на македонска рок сцена имаме еден куп бендови кои и тоа како имат албумска и концертна километража зад себе и сеуште се актуелни и добро рокат (фала им). Од Суперхикс, преку Мизар, Last Expedition, К.У.Р и многу други, кои, интересно, барем повеќето од нив, се и подржувачи на младите бендови кои во моментот не само што прават извонредни концерти, снимаат албуми, тераат турнеи низ Европа (да, да, низ Европа, ама вас ве заболе за тоа), а меѓу нив и Луфтханзе, 21 Век, Занаду, Димиш , Vagina corporation и останата екипа,особено онаа собрана околу “Гола Планина колектив“. Секоја им чест на децата1

А за кавадаречката рок сцена?! Таа и не би постоела ако не се гаражните/кавер бендови. Секако со задоволство очекувам нова авторска музика од бендовите кои се изнасвираа (да се разбериме, станува збор за врвни музичари и мајстори на инструментот) за да преживеат како рок музичари. Последната авторска рок музика последните години во Кавадарци е од Smoke Shakers (првиот издаден официјален кавадаречки рок албум воопшто, за жал и последен), Лексикон, Безопасни... Затоа, поддршка за Бадасал, Журнал, за младите дечки од Броудаун бенд, за сите формации на рок бендови кои се обидуваат да преживеат во овој град кој се предаде на турбо фолкот и ни го заеба градското и урбаното живеење и се предаде на тралалајките на евала! Рокајте момци и девојки, еве каде е 2024, да сме живи и здрави, ќе покажеме уште еднаш дека не има, дека некој некаде нешто прави, дека никој не е заборавен од луѓето кои сеуште веруваат во тоа дека еден убав ден, ама еден стварно убав ден Кавадарци ќе биде пристојно место за живеење.

И додека ги пишувам овие редови, од објектите (?!) во околината (а живеам во  Новиот центар на Кавадарци, до скоро најурбаниот дел од градот)) треште ортодоксна турбо фолк/сељачка музика. Тоа е, шо ќе му прајш. Е па додека е “Тоа е, шо ќе му прајш“ тешко дека ќе не биде!

П.С. И еден многу важен момент. И официјално, изложба на еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол ќе се случи во галерискиот простор на култниот МКЦ – Скопје. Отворањето е закажано за понеделник, 16 октомври 2023, од 20 часот. Повеќе информации деновиве низ медиумите и социјалните мрежи. Кој може бујрум, да наздравиме со уметноста на големиот Ристо Соколов Сокол.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment