Tuesday, October 31, 2023

Блузирање (296-326)

(прва кавадаречка колумна)

Го сонував пред некој ден мојот брат Петре. Сонот немам намера да ви го раскажувам. Мојот грб, мојта експресија и мојта потврда дека сум жив. Брат ми загина во несреќната војна во Словенија 1991, белегот сам си го носам како негов единствен роден наследник и срам и арам на сите кои си играт со сеќавањето на мојот брат.

А приказните се различни. Во 1991, во војните кои не ги предизвикавме ние дадовме 53 жртви од Македонија. Расплакавме и распаднавме патем 53 семејства. Денес единствениот релевантен споменик на нивната невина жртва во војната која и не беше нивна е во Скопје и е споменикот “Мајкино скршено крило“ и нивните последни почивалишта во Кавадарци (и другите места низ Македонија), кои да не се нивните семејства нема да личат на ништо. А требаше тоа да биде величенствен спомен и предупредување. За никогаш да не се повтори. Спомен обележјето  како  своевиден Спомен парк. Да, расплакавме и повредивме три семејства од Кавадарци. Едно е моето! Денес за жал, само јас сум релевантен и роден наследник на споменот на Петре Тодоровски, секако и нашиот помал брат Васко, на тоа добро дете од Кавадарци, ракометар, извонреден другар, прекрасен левучар јеботе, извонреден брат, запишан на земјоделски факултет како еден од идните надежни студенти, ем оти го биваше, ем поради тоа што неговиот/нашиот татко (инжинер – агроном) беше еден од авторите на тиквешките вина кого самиот планираше да го надмине, а тој самиот беше исклучително градско дете од мајка Марика, од татко Павле, од родата на Ѓорѓи Бадев, од родата на Рафе Тодоров и од родата на Јованче Чемерски. Негова баба беше исклучителната баба Цанка (Бадева/Чемерска), негов вујко неверојатниот Иван Чемерски, еден од градителите на модерно Кавадарци, а другиот вујко Ѓорѓи (неговите Сашо и Сања) - еден фантастичен човек, ерудита, мултилингвист, писмен повеќе од многумина денес! Се еден до еден извонредни човеци, мајстори на својот занает и струка, луѓе од доверба! Да не ги спомнувам неговите (и моите) братучетки и сестри Надица и Цанка, неговата (и мојата) вујна Неша. Да не ги спомнувам децата на чичко ни Драги најшколуваниот автомеханичар во Кавадарци и стрина Фруса (Тони, Ќиро, Ратко), на тетка ни Јонка и тетин Димо (Цанка, Маричка) и на тетка ни Митра и тетин Ќиро Суло (Панда, Ико). Секако тука не можеме да ја одминеме неговата (и моја/наша) втора мајка Невенка, благодарејќи на која се раскриливме и во Радовиш. И секако нашето братче Васко и неговото семејство, сопругата Лидија и нивните синови Петар и Матеј. И да, денес сеуште живите и добри луѓе тетката Павлинка и тетинот Ванчо од Радовиш. Плус братучедите ни Сашко и Владо и нивните семејства, па покојниот ни вујко Коле и вујната Виолета и нивните Баже и Сузана... Ма фантастичен живот! Тагата секако ја криеме во нашето мајчино крило. Каде и тоа да се наоѓа!

Беше тоа 1991, последното мое слушање (телефонски) со Петрето една недела пред неговото загинување. Шокот сеуште трае. Не им го посакувам ниту на оние кои ме сметаат за најголем душман?! Животот тече, во гроб жив човек не бива, ама ете, трае пустата тага. Благодарејќи на мојата Билјана, мојот животен сопатник и соборец, мојата љубов, таа е поднослива и ми дава верба во утре, ми дава сеуште да траам. Ми дава да напишам уште една песна и уште една колумна. И уште една. И уште една...

Така да, се друго се дневно политички прикаски, играње мајтап со децата (Сашко, Петре и Мишко) од Кавадарци кои загинаа во нечии туѓи војни. Ништо нема да го врати мојот брат Петре. Ништо нема да ги врати децата кои заминаа. И да. Уште еднаш - загинаа во туѓи војни, ама без нивна вина. Загина и малиот Блашко 2001. Не се осмелувајте, ни под разно да правите споредба на 1991 со 2001!  Ама ете едно е исто. Кај сите блиски на загинатите тагата и болката се до крајот на животот. Затоа со ум кога ги спомнувате нивните имиња, во било кој контекст. Со ум ќе ве молам! Ама ептен!

П.С. Во рацете го држам албумот (во вид на оригинална касета - Jugoton) “Brain Drain” na Ramones, последниот поклон од мојот брат Петре, кој стигна во Кавадарци од Љубљана 1991. И еве кај го преслушувам уште еднаш. И уште еднаш... И секако дека колумнава е посветена на мојот брат Петре. Посветена на секој минат ден со него и без него.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment