Wednesday, October 4, 2023

Блузирање (294-324)

(прва кавадаречка колумна)

 

“... Без љубов, знам, ќе те проголта

овој град без гордост и без срам

ќе останеш без дела за вреднување

ќе останеш

без моќ и магија

било што да промениш

Пушташ солза

не знам што сокрива

дали немоќ

или желба за одмазда...“

 

(“Heart Core”, Архангел, ЛП “Heart Core” 1998)

 

Живееме во време на агресивен технолошки напредок, во време на достапни информации 24 часа, во време во кое, како никогаш во човечката историја пред тоа сме зависни (сите до еден) токму од еден од производите на агресивната технолошка револуција – интернетот. Па ако не е интернетот оваа, на пример, самобендисано наречена “прва кавадаречка колумна“ ќе ја нема, ќе останат само сведоштва во нечии подруми, остави, шпајзови и слично, каде некој зачувал некој број од двонеделникот “Тиквешка хроника“ каде излегуваа првите триесетина изданија на колумната. Арно ама...

Што би се случило, само 24 часа да нема интернет, на пример, не во светот, еве во Македонија? Тотален колапс, семејни расправии, нервози и инциденти по установи и институции, учениците нема да одговорат ниту на едно прашање (ќе паѓат, море ќе врнат кецови), ќе пропаднат бааѓи фирми, не од друго, туку “газдите“ ќе немат контакт преку социјалните мрежи, нит‘ сликички ќе можат да си праќаат и да си ги лоцираат тајните во бескрајот на мрежата, нит‘ ќе можат да се лигават во “преписки“ со политичари, а тотални психички шокови и нервни сломови ќе доживеат дежурните лајкувачи, коленичари и боже ме прости – дудлачи на се што е степен погоре во хиерархијата над нив. Секако дека и кодошите ќе се сведат на нормален број во недостаток од монтирани фотки, ќе морат да се фатат за пенкалото и дебело да ја оправдат кодошката норма. И да, ќе ги снема сите дневни информации. Е тука малкумина ќе добијат поени. Ќе ги снема лажните информации, ќе ги снема будалите сештолози, особено агресивните наци ројки, па и лажните левичари и деформираните десничари, тутурутките кои се расправаат по социјалните мрежи и на обична информација за временска прогноза. Ќе снема се, ќе се урниса квази секојдневието и конечно ќе може човек да се напие кафе без соговорникот секоја секунда да проверува дали има некоја порака на мобилниот или до каде му е батеријата. И нема да биде крај на светот. Напротив. Нормалните ќе си останат нормални, а будалетинките ќе останат таму каде што припаѓаат – во темнината на нивниот живот.

Во контекст на тоа, што би било кога би било и да нема интернет 24 часа, дел од нас би го правел она што го прави секој ден – разговара со пријателите и семејството, оди на работа, чита списанија, дневни весници и книги, слуша радио, слуша музика на плеери, грамофони и слични измислици кои сеуште траат. Единствен недостаток на сето ова е што во Македонија и нема вистински, нормални дневни весцици, списанија, радио станиците станаа зависни од интернетот и лажните вести. Среќа има еден куп добри книги издадени во Македонија, особено од исклучителната нова македонска генерација автори на книжевни дела која се појави последните години и нема намера да застане со исфрлање на нови и нови фантатични дела. Неверојатно е тоа што во време во кое се тресат глупости дека македонскиот јазик ќе го снема, излегуваат толку нови (квалитетнии) дела на македонски јазик, та и се преведуваат и издаваат во солидни тиражи за некои други пазари, на некои други јазици. И освојуваат престижни и светски награди. А бе неверојатни се овие писатели и извонредни!

А што ќе биде ако интернетот не се вклучи и по 24 часа? Ма ништо посебно! Најголемата добивка ќе биде за сите оние кои работат професионално, квалитетно, кративно, за сите оние кои знаат каде да пијат кафе со своите пријатели, за сите оние на кои семејството не им е изгубено низ лавиринтите на мрежата, за сите оние кои се поинакви, но и вредносно и морално потврдени, за сите оние на кои “не им е виновна козата на комшиите“, за сите кои се радуваат на секој нов ден.

Една од најголемите придобивки “без интернет“ ќе биде враќањето на потврдените информации за кои новинарите би се потрудиле да ги добијат од веродостојни извори, гужвата пред трафиките за новиот број на еди кој си дневен весник или списание со “вест на денот или годината“ само би го потврдила тоа. На радио повторно ќе има добра и одбрана музика, тралалајките ќе се мавнат од телевизиите и медиумите нема да бидат повеќе дежурни бабароги, рекет мајстори и партиски истресоци. Да, добрите книги и натаму ќе се читаат, само што без интернет ќе набиваат тиражи и врвните мајстори на перото конечно ќе можат да им се посветат на своите читатели. Во добро и во лошо.

П.С. Денес беше среда. Пазарен ден во Кавадарци. Иако нормален работен ден, уште од ранина, гужва од купувачи од сите возрасти. Некаде околу 11 часот, тезгите на пазарот во Кавадарци беа полупразни, а продавачите опуштени, повеќето од нив задоволни (прашано – потврдено). Немам поим што тоа значи, дали е тоа економски добро или пак не, со оглед на тоа што цените беа пристојни, а јас не сум економски стручњак, само обичен купувач нели. Ама ете утре е нов ден, а во петок е повторно пазарен ден во Кавадарци.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment