Saturday, April 9, 2022

Блузирање (276-306)

 (прва кавадаречка колумна)

 

“...Beton, beton, samo beton

Beton, beton, samo beton

Beton, beton, samo beton

Beton nama treba

Ponoć ide

Mira nema

Da se pitam ja bih

Posjek’o sve sume

A za ukras postavio

Od traktora gume...“

 

Rambo Amadeus – “Beton”, LP “Hocemo gusle”, 1989

 

Сериозната и професинална критика на културните и уметнички настани е најдоброто портфолио на еден културен работник или уметник. Макар и негативна, таа носи поттик за наредниот ден. Сериозно треба да се земат и критиките на сите општествени појави, во било која област, ако за тоа зборуваат професионалци. Секако, неприкосновено право на критика имаат и обичните граѓани, без разлика на кој слој припаѓаат и доволно ја поткрепуваат критиката особено на некоја општествена девијација со видливи и вистинити аргументи. Но, секогаш тоа - но. Професионалците најчесто и ги нема, повеќето од нив разочарани затоа што “фелата“ за владејачките структури изминатите триесет и озгора години, со ретки исклучоци и не постои. Не ја рецкаат ни под разно, а овие молчат и чекаат подобри времиња. Молчењето е злато, ама само ако немаш што да кажеш. Оно, во општество каде врв на животна амбиција е членство во политичка партија, тешко и дека некогаш ќе биде поинаку и подобро. Овде различните бодат очи. Ами нормално дека ќе бодат, кога во генот ни го напикаа едноумието.

Што се однесува до Кавадарци, ова самобендисано парче слободна територија наречено прва кавадаречка колумна ниту е имала, ниту ќе има намера некому да попува, но ете, ќе извинете ама немам намера да ве прашувам што да пишувам, држејќи се пред се до основните постулати се што е напишано да е веродостојно и поткрепено со факти и секако напишано по дебели анализи, читање и сведочење на нештата. Ете така...

Инаку, низ годините наназад, а бааѓи години се наназад, пишување на оваа колумна, кога ќе се свртам назад гледам дека сум пишувал хронолошки за некогашно модерно Кавадарци, барем за она што останало од модерно Кавадарци, опфатени се сите општествени појави и слоеви, никого не сум навредил верски или национално, на што особено сум горд. За оние на кои партиското комуницирање им е добро утро и немам баш некое особено добро мислење. Ама тоа е нивни проблем. Мојот (сладок) проблем секогаш е темата на колумната и најчесто тоа е збир на теми, оти градот дава изобилство на нешта за кои вреди да се пишува, макар тоа читателот поинаку го вреднува кога ќе се препознае себеси во незгодна и антиградска ситуација. Далеку сум од југоносталгичар (имам пред се лични причини за тоа!), ама денес по 31 година од крвавиот распад на поранешната држава и немам никаква причина да жалам што таа повеќе не постои. Оти паметиме, не за друго. Можеме да си раскажуваме приказни “од цара до стопана“ и нема да се сложиме, ама едно е битно, многу нешта го прават еден град – град. Особено луѓето чии вредности и основен жпвот се за почитување. Бетонските морбидни сновиденија, сечењето дрва, паркинзите каде и не му е местото, зградите, тротоарите, асфалтот, особено ако тоа сето е подложно на распаѓање, не го прават градот – град. На таа перцепција илити урбана џунгла, ма и со каква намисла сето тоа било, ќе недостасуваат луѓе. А вие како сакате.

 

П.С. Според македонскиот толковен речник: Кодош = Клеветник, поткажувач.

 

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци