Friday, September 1, 2023

Блузирање (292-322)

(прва кавадаречка колумна)

 

“Prodaješ se za sitnu lovu

Ti bi da se dopadneš svakome kulovu

Koji ne zna šta ti radiš

Dok se tvojim znojem sladi

Baciće ti mrvu koju

Baciće ti kosku svoju

Dok ti puziš, foliraš

Sa svojim životom žongliraš

Nađi nekog ko te voli

Spasi svoj život goli…”

(Partibrejkers – “Sitna lova”, LP “Sirotinjsko carstvo” 2015)

 

Необврзан од квази медиумска редакција, необврзан од “уан мен медиум“ портали кои се испозанесија дека се семоќни во македонскиот медиумски (интернет) простор, ете ме кај си пишувам неоптеретен од датуми, неоптеретен од квази уредници, кои звањето го добиле ставајќи си го сами на себе, ете ме кај објавувам колумна која самобендисано е насловена како “прва кавадаречка“ – кога сакам, неврзано со никакви квази политички заебанции, оти навредливо е бре да го тераш човек да го пишува и кажува она во што не верува. А јас верувам во она што го пишувам, оти пред се е поткрепено со факти и е наше, мое, кавадаречко секојдневие.

А кога сме кај Кавадарци, ете и во Кавадарци е лето. А лето, како лето, кому – како, почнало, та ќе заврши. Оно не може лето да не биде возбудливо, особено кога имаш теми за муабет (пишување) до недоглед. Оти еден град не го прават град тротоари, (недовршени) улици и бетонот, туку да ќе го прават и луѓето кои размислуваат со своја глава, а не по партиски диктат. И додека редам овде зборови кои на повеќето од вас и нема да им се допаднат, во позадина оди музика од едно ново кавадаречко (интернет) радио “BAU 357”. И тоа добра музика и што е најјако, добар дел од таа добра музика е од концерти реализирани во Кавадарци во неговите најдобри времиња. Но, за тоа во некоја друга прилика. Сега за летото, пеколните горештини (ко‘ да е првпат), за некои градски, но и морски нешта. Оти лето е бре!

Повеќе би пишувал, море би се расприкажал за морските нешта, оти така ми е ќеиф во овие летни горештини, од кои и мозокот ти зоврива, не па да расправаш “политика“ и по седумдесет и шест пати во денот да правиш прес конференции и да ги убедуваш медиумите и граѓанството во нешта во кои и самиот не веруваш. И не е да не е, сите “наши“ мориња се добри (море одлични), ама ете јас со мојата подобра половина (така се вели, нели) го одбравме Јадранот. И не згрешивме. Оно, мојата подобра половина го одбра Јадранот, а јас на лице место го одбрав Никшиќко пиво. И не згрешивме и двајцата. Го одбравме (повторно) заеднички малиот Шушањ, крај Бар, сместен на Јадранската магистрала. Сместувањето одлично, на 70 метри од морето, а сепак тивко, со добро утро, добар ден, добро вечер, како сте, со сите соседи и секако сопствениците на објектот. За мене најважно - сите потребни услови за пријатен престој и голема тераса под сенка и навечер тивко, а на триеесет метри коноба со кочан ладна кригла Никшиќко и извонредна (и ефтина порција - бечка шницла, па пилешко во кари сос, па и порција плескавица и тоа со цени на кои можат да позавидуваат оние кои уживаат во кавадаречките угостителски локали. Накратко кажано – и со наш стандард да си дозволиш ручек или вечера во ресторан и тоа неколку пати за време на одморот. Колку за споредба, овде тоа можеме да си го дозволиме еднаш месечно, па понекогаш и поретко. Мало место? Не, цените се пристојни и во рестораните и конобите и во Сутоморе, во Бар и Стари Бар, барем во местата кои ги посетивме. А Бар е најголемо и најактивно пристаниште на Јадранот после Ријека, нели. Не би навлегувал зошто и како, ама во туристичко место покрај море да платиш кригла или шише врвно пиво од пола литро во ресторан 2 евра (120 денари) не ќе да е скапо. И еспресо за евро, до евро и дваесет. И за оние кои во моментот помислуваат  - немаме ли во Македонија места кај што ќе потрошиме пари, веднаш да им одговорам: Има! Ама своите пари ги трошам онака како сакам. Броени, ама ефектно потрошени и во Берово, Будинарци, Кочани, Демир Капија, Неготино, Миравци, Крушево, Дојран, Гевгелија, Прилеп  и др. А доколку домашниот буџет ми (ни) дозволи ден – два, би скокнал до Егејот, тука некаде околу Солун, по можност во Неи Епиватес, Ма не би имал ништо против за викенд прошетка и до Сандански и Мелник. Ај, да сме живи и здрави! Оти не Македонија, не Европа, светот е мал ако се затвориш дома и од тастатурата редиш глупости по социјалните мрежи.

П.С. А за Кавадарци? Па цела колумна беше за Кавадарци и за Тиквешкиот гроздобер и за Седмо септемвриската награда, за тие наши префинети и вонсериски културни и општестено – политички подобни манифестации. Дали сум сериозен? И тоа како!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци