Monday, July 20, 2020

Блузирање (256-286)


(прва кавадаречка колумна)

“Од далечнините модри се веат
на с'лнцето златните далги,
од далечнините модри се леат
на утринта росните влаги...“

(Коста Солев Рацин – “Утрото над нас“, 1939)

Пред некој ден, ми звони на мобилен (немам фиксен јбг) пријател во три и пол после полноќ. Ме фати паника: што е, како е, зошто?! Ми се извини човекот шеснаесет пати. Тој, едноставно, бил загрижен. Ми вели, гледаш ли што се случува со твојот профил на таа социјална мрежа каде што си најактивен?! Му велам, знам само дека сум читан и следен најмногу меѓу другите и од човеци кои и не ми се при срце, ама нека се радуват, нека си ибат пиперот. А бе, ми вика пријателот, сега ќе ти пратам линк да погледнеш шо’ ти праат. Те сликат, ти прават копии од постовите, си ги делат меѓу себе, те кодошат, лажат за тебе. Е добро де, му викам, еве ти имиња на тројца, не мора повеќе, они ли се?! Е они се и уште еден е, (вика,се дере пријателот драг), ногу е активен, ми вели, ама ме чуде, продолжува пријателот, оти он воопште не те знае, дури и не се познавате... Е овој ли е, го прашувам. Тиа е, бре! (ми црка по кав’даречки) Е добро де, нека се живи и здрави, нека му се множат убавите работи, ама, како викат – еден убав ден, еден стварно убав ден! “Живела УДБА“. Инаку пријателот е неверојатен компјутерџија, ги има сите програми во малиот џеб, интернетот му е повеќе од дома, испренесен што се вели, ама е другариште и пол, сонце од човек. И да, ми ги прати сите принтскринови каде што ме има (се скинав од смеа), а јас ги избришав сите до еден, трага да не му се знае, оти ми беше срам, ама ептен срам шо ги видов, особено од “кој тоа го направи“. “Уби’ ме туѓа срамота“. Ама за секој случај ги запамтив речиси сите, не за друго, оти сеќавањето е понекогаш многу лоша работа. Или е можеби фина работа, а? Ма нека им стое, онака “дип“ нека им стое. До следната убава приказна од Кавадарци.
Туку, друго ми беше зборот: Време на пандемија, време на мерки и протоколи кои треба да се почитуваат. Не оти така ни се допаѓа и сака, ама ете, така е и така мора да биде. Арно ама, гломазниот административен апарат, со нагласок на полицискиот, не реагира. Додека здравството ни е во фукција на тотална грижа за населението, од друга страна нема казни, нема рестрикции токму од полицискиот апарат (како да сме две држави ебате тоа големата држава) – за оние на кои баш им е гајле за сите оние кои ги почитуваат тие исти мерки и протоколи. Не за друго, ами ќе изгиниме од вас бре, токмаци низаедни, ќе не снема од мапата. Ете во моментот (девет и нешто навечер) буквално вријат мотори со тешка кубикажа низ градот, со нагласок на кавадаречкиот Нов центар.  И додека ви дува ветерот во едрата на вашите шалабајзерски топорења, журки (журки бре, не заебавај, ебати тоа турбо фолк сељачааната), останатите ќе треперат, а бе будалетинки низаедни, “непрокопцани говеда“! Така да, утре е нов ден, белки ќе се наумиме. Ако не, нека не затворат! Сто дена ако треба! Двеста! Не за друго, ние кои не ни се дише преку респиратор, ќе си поседиме дома, а вие, тоа храбрите ебати, како сакате. Така да џабе приказни си раскажуваме, додека во исто време знаеме – дека дебело се познаваме. Не за другото, ни го ебавте летото со вашите ситни задоволства. Ситни?! Не бре, преситни! Непочитувањето на ближните, отпорот кон општествените норми ве прави поинакви, најблаго кажано - дно на дното. Срамота! Оти општествената одговорност, граѓанската свест и почитта подразбира разбор и добра мисла. А не “глејте ме“.
И доста е богами. Доста е. Ни се смее светот бре! А ако баравте политика овде илити партиски џезми и препукувања, џабе читавте. Следниот пат кога ќе допрете до линкот на оваа (прва и сеуште единствена кавадаречка) колумна, бегајте што подалеку, оти ќе се нафрлите сипаница, корона, грип, 5Г, комарците ќе ве изедат, мувите ќе ве изапат, алергии ќе ве полазат, па триста доктори ќе барате, а докторите во моментот се обидуват да не управат и како луѓе и како држава. Така да, да си макаме од крајот и да им оставиме на професионалците да си ја терат работата. Останете ми со здравје и умот у главата!
П.С. Додека се редеа зборовите и речениците во колумнава, почитувани случајни или намерни сопатници во блузирањево, во позадина си тераa Bob Marley and the Wailers. Одлична музика. Оти така треба, нели?!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци


Sunday, July 5, 2020

Блузирање (255-285)


(прва кавадаречка колумна)

Јавноста мора да биде најсилниот коректив во демократијата! Јавноста која ги разобличува митовите и теориите на заговор. Јавноста, составена од храбри, совесни, критички умови. Јавноста која се срами од тоа во какво мочуриште на духот ја претворија некадарните Македонија во овие три децени.
Кица Колбе (2 јуни 2020).

Речиси 30 години во оваа наша држава (Кавадарци не е никаков исклучок) константно се тера изборна кампања. Дајте да решиме на 15 јули 2020 кој ќе ја води државата наредните четири години и конечно да одмориме од калкулантските политички митинзи, трошењето пари за истите, да одмориме од фаците истопорени по плакатите на типови кои, демек, ќе ни ја подобрат живеачката. Да одмориме од националистичката багра на која единствена цел и е да не скара меѓусебе и со светот и да потонеме (не)среќни во сиромаштија и “благодетот“ на омразата и поделеноста, да потонеме (не)среќно во калта на злата кои идат од извори кои воопшто не и мислат добро ниту на Македонија, ниту на македонскиот народ, ниту на деловите од народите со кои заедно живееме на ова парче земја со векови. Денес на Македонија не и се потребни калкулантски душегрижници (во суштина ситни души, лажговци, кодоши и слична коленоклечечкагазолижечкаимизерна направија, сеачи на магла, извори на лажни вести). Денес на Македонија и е потребен брз напредок, особено што членството во НАТО и забрзаниот почеток на преговори за членство во ЕУ нуди перспективи, кои ете, сакале не сакале, ги чуствуваат и оние кои и НАТО и ЕУ (без никаква опиплива причина и експлицитно себенепознавање како народ) ги мразат и секој ден забегуваат во желбата да оваа држава остане сама и на маргините на сите случувања низ светот. Да, да биде јасно, ова го пишува Македонец, чиј опсег на пријателства, роднински врски, познанства и соработници опфаќа нации, народи, малцинства, верници и атеисти, села, градови и држави од различни профили, така да денес е свесен за единствената можна опција за мир и добрососедство, за соработка со Европа и светот, како човек и ако така сакате (уште еднаш) како Македонец кој живее и работи во Република Северна Македонија, а не во БЈРМ. Точка!
И да, да се вратиме на денешниот момент. Ќе гласам на овие избори (парламентарни), како што тоа го правев на безбројните избирачки процеси изминатите 30 години, како одговорен граѓанин, како човек кој по изборните резултати ќе има право да зборува за или против, затоа што излегол на избори и го дал својот глас, со што го кажал своето мислење и желби, за да буквално продолжам да пишувам, креирам и творам најблаго кажано, без да имам грижа на совест што тоа сум направил во животот и каде тој истиот живот ме одвеал, посреќил или заглибил.. За кого ќе гласам? Пред се за онаа политичка опција која ќе ме убеди дека заслужува поддршка. Затоа дебело нека се потрудат политичките претенденти, оти е крајно време за сериозност, инаку си ибавме пиперот. Со дебела задршка при изборот, кој ќе го најдам пред се во говорите и програмите на претендентите за пратеник и состав на новата влада на Република Северна Македонија, а се однесува на мојата основна определба на терање на животот како дел од културниот и уметничкиот живот во Кавадарци и Македонија и приватно и службено. И да, доколку сте се решиле од разно – разни политикантски и којзнае какви причини, не да не излезете (оти неизлегувањето на гласање може да биде од било какви причини – болест, застанат часовник, сообраќајка, пијанство, разочараност и сл.), туку од гол бес и неодговорен и небулозен бојкот, тогаш нема што да разговараме по изборите, оти едноставно, вие немате став, ниту основна размисла за иднината на оваа држава, а најверојатно баш ве заболе седнати во вашите удобни столчиња купени од мама и тато, сигурно размислувајќи дека никој ништо не ви може. А бе и не сака и онака некој да има работа со вас, некадарници, мамини мази, татини синчиња и безр’бетници. Уште една точка!
Почитувајќи го минатото на Кавадарци, се втиливме на историјата која е неблагодарна за коментирање, особено ако е политичко мотивирано нејзиното толкување, а ги заборавивме луѓето. Особено луѓе кои оставиле белег на секое ќоше низ градот ни Кавадарци и државата ни Македонија. Еден од нив е Ристо Соколов Сокол (1957-2015). Човек – величина, уметник – грандиозен. Нека се потсети општинскиот Совет дека има донесено две одлуки што се однесува до Ристо. Едната е дека денот на неговото раѓање (16 април 1957) е ставен во календарот на официјални чествувања во општината, а другата е дека градската ликовна колонија ќе го носи неговото име, името на Ристо Соколов Сокол. Една китка бар да се однесеше на неговото последно почивалиште, ете пет години беа на 14 февруари 2020 од неговото овоземно заминување, батали друго. Или пак Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК) да се потсетеше дека Ристо е еден од основачите и долгогодишен успешен претседател на истото. А бе ај! Прикаскарите се солиден негативен дел од дефиницијата за Кавадарци. како за уметноста, така и за основната социјална нишка и живот во овој град.
И да се вратам назад на она од почетокот на овој текст. Додека Европа ни направи “евала“ на македонскиот јазик (македонскиот народ), пази – без никаква фуснота или додавка, полуписмената багра и натаму го брани јазикот, тресејќи глупости и навреди по социјалните мрежи. А бе еве на, да им каже некој дека низ Европа од поодамна, со децении има катедри на македонски јазик, дека секоја година во Охрид се собираат светските македонисти, а они кутрите сеуште го бранат јазикот заглавени во калта на национализмот, ебате тоа фејсбук патриотите, ебате! И да, фотографиите зборуваат нели. Една фотографија, милион зборови. Особено оние “најсвежите“ фотографии, со типови кои не му мислат добро ниту на Кавадарци, ниту на кавадарчани. Оти онаа песната која пееше за “фабриките по Ѓерманија“ денешната верзија би била “Германските фабрики по Македонија“. Така да, полека со тоа еуфоријата.
П.С. Од поодамна и на неколку пати пишувам (на ова виртуелно парче слободна територија) за недостатокот од искрена и издржана професионална и општа критика кон се она што се случува во било кој општествен сегмент, особено во културата и уметноста. Голата информација и текстовите во кои се глорификува било каков (квази)креативен “набој“ се само тоа – општа информација. За квалитетот на еден настан, проект, програма на институција, човек или здружение или пак општа ситуација, можат да зборуваат само релевантните критичари, со релевантен опсег на знаење (факултети, искуство, години пишување и општа доверба во напишаното) за дејноста која ја опфаќаат во својата критика. Секако, релевантна е и критиката на публиката, особено ако е издржана, плаќа влезници, има писменост и знаење за она што се критикува или фали, секако со прифатлив и добронамерен опсег. Е тука, почитувани случајни или намерни сопатници во блузирањево се судруваме со разликата меѓу општествената одговорност за кажаното или понуденото, за релевантноста на кажаниот збор, за подло/расипано себебранење со безобразно и расипано вметнување на приватното во службеното, по што пропаѓа и основната почит и гледаш дека некој (било кој од нас, нели?!) сопствената изгубеност во просторот и време си ја зема како дефиниција за другите, ставајќи ги во незгодна ситуација и полнејќи ги со непотребен страв за својата општествена положба пријателите и колегите, само заради (квази)популарност, ефтина финансиска корист и ситна политичка џезма, а до првиот агол и голо повраќање, ко’ после првото пијанство и суровоста на животот која следува потоа. Познато ви е? Сте го искусиле? Е па наздравје нека ни е.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци