Sunday, July 5, 2020

Блузирање (255-285)


(прва кавадаречка колумна)

Јавноста мора да биде најсилниот коректив во демократијата! Јавноста која ги разобличува митовите и теориите на заговор. Јавноста, составена од храбри, совесни, критички умови. Јавноста која се срами од тоа во какво мочуриште на духот ја претворија некадарните Македонија во овие три децени.
Кица Колбе (2 јуни 2020).

Речиси 30 години во оваа наша држава (Кавадарци не е никаков исклучок) константно се тера изборна кампања. Дајте да решиме на 15 јули 2020 кој ќе ја води државата наредните четири години и конечно да одмориме од калкулантските политички митинзи, трошењето пари за истите, да одмориме од фаците истопорени по плакатите на типови кои, демек, ќе ни ја подобрат живеачката. Да одмориме од националистичката багра на која единствена цел и е да не скара меѓусебе и со светот и да потонеме (не)среќни во сиромаштија и “благодетот“ на омразата и поделеноста, да потонеме (не)среќно во калта на злата кои идат од извори кои воопшто не и мислат добро ниту на Македонија, ниту на македонскиот народ, ниту на деловите од народите со кои заедно живееме на ова парче земја со векови. Денес на Македонија не и се потребни калкулантски душегрижници (во суштина ситни души, лажговци, кодоши и слична коленоклечечкагазолижечкаимизерна направија, сеачи на магла, извори на лажни вести). Денес на Македонија и е потребен брз напредок, особено што членството во НАТО и забрзаниот почеток на преговори за членство во ЕУ нуди перспективи, кои ете, сакале не сакале, ги чуствуваат и оние кои и НАТО и ЕУ (без никаква опиплива причина и експлицитно себенепознавање како народ) ги мразат и секој ден забегуваат во желбата да оваа држава остане сама и на маргините на сите случувања низ светот. Да, да биде јасно, ова го пишува Македонец, чиј опсег на пријателства, роднински врски, познанства и соработници опфаќа нации, народи, малцинства, верници и атеисти, села, градови и држави од различни профили, така да денес е свесен за единствената можна опција за мир и добрососедство, за соработка со Европа и светот, како човек и ако така сакате (уште еднаш) како Македонец кој живее и работи во Република Северна Македонија, а не во БЈРМ. Точка!
И да, да се вратиме на денешниот момент. Ќе гласам на овие избори (парламентарни), како што тоа го правев на безбројните избирачки процеси изминатите 30 години, како одговорен граѓанин, како човек кој по изборните резултати ќе има право да зборува за или против, затоа што излегол на избори и го дал својот глас, со што го кажал своето мислење и желби, за да буквално продолжам да пишувам, креирам и творам најблаго кажано, без да имам грижа на совест што тоа сум направил во животот и каде тој истиот живот ме одвеал, посреќил или заглибил.. За кого ќе гласам? Пред се за онаа политичка опција која ќе ме убеди дека заслужува поддршка. Затоа дебело нека се потрудат политичките претенденти, оти е крајно време за сериозност, инаку си ибавме пиперот. Со дебела задршка при изборот, кој ќе го најдам пред се во говорите и програмите на претендентите за пратеник и состав на новата влада на Република Северна Македонија, а се однесува на мојата основна определба на терање на животот како дел од културниот и уметничкиот живот во Кавадарци и Македонија и приватно и службено. И да, доколку сте се решиле од разно – разни политикантски и којзнае какви причини, не да не излезете (оти неизлегувањето на гласање може да биде од било какви причини – болест, застанат часовник, сообраќајка, пијанство, разочараност и сл.), туку од гол бес и неодговорен и небулозен бојкот, тогаш нема што да разговараме по изборите, оти едноставно, вие немате став, ниту основна размисла за иднината на оваа држава, а најверојатно баш ве заболе седнати во вашите удобни столчиња купени од мама и тато, сигурно размислувајќи дека никој ништо не ви може. А бе и не сака и онака некој да има работа со вас, некадарници, мамини мази, татини синчиња и безр’бетници. Уште една точка!
Почитувајќи го минатото на Кавадарци, се втиливме на историјата која е неблагодарна за коментирање, особено ако е политичко мотивирано нејзиното толкување, а ги заборавивме луѓето. Особено луѓе кои оставиле белег на секое ќоше низ градот ни Кавадарци и државата ни Македонија. Еден од нив е Ристо Соколов Сокол (1957-2015). Човек – величина, уметник – грандиозен. Нека се потсети општинскиот Совет дека има донесено две одлуки што се однесува до Ристо. Едната е дека денот на неговото раѓање (16 април 1957) е ставен во календарот на официјални чествувања во општината, а другата е дека градската ликовна колонија ќе го носи неговото име, името на Ристо Соколов Сокол. Една китка бар да се однесеше на неговото последно почивалиште, ете пет години беа на 14 февруари 2020 од неговото овоземно заминување, батали друго. Или пак Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК) да се потсетеше дека Ристо е еден од основачите и долгогодишен успешен претседател на истото. А бе ај! Прикаскарите се солиден негативен дел од дефиницијата за Кавадарци. како за уметноста, така и за основната социјална нишка и живот во овој град.
И да се вратам назад на она од почетокот на овој текст. Додека Европа ни направи “евала“ на македонскиот јазик (македонскиот народ), пази – без никаква фуснота или додавка, полуписмената багра и натаму го брани јазикот, тресејќи глупости и навреди по социјалните мрежи. А бе еве на, да им каже некој дека низ Европа од поодамна, со децении има катедри на македонски јазик, дека секоја година во Охрид се собираат светските македонисти, а они кутрите сеуште го бранат јазикот заглавени во калта на национализмот, ебате тоа фејсбук патриотите, ебате! И да, фотографиите зборуваат нели. Една фотографија, милион зборови. Особено оние “најсвежите“ фотографии, со типови кои не му мислат добро ниту на Кавадарци, ниту на кавадарчани. Оти онаа песната која пееше за “фабриките по Ѓерманија“ денешната верзија би била “Германските фабрики по Македонија“. Така да, полека со тоа еуфоријата.
П.С. Од поодамна и на неколку пати пишувам (на ова виртуелно парче слободна територија) за недостатокот од искрена и издржана професионална и општа критика кон се она што се случува во било кој општествен сегмент, особено во културата и уметноста. Голата информација и текстовите во кои се глорификува било каков (квази)креативен “набој“ се само тоа – општа информација. За квалитетот на еден настан, проект, програма на институција, човек или здружение или пак општа ситуација, можат да зборуваат само релевантните критичари, со релевантен опсег на знаење (факултети, искуство, години пишување и општа доверба во напишаното) за дејноста која ја опфаќаат во својата критика. Секако, релевантна е и критиката на публиката, особено ако е издржана, плаќа влезници, има писменост и знаење за она што се критикува или фали, секако со прифатлив и добронамерен опсег. Е тука, почитувани случајни или намерни сопатници во блузирањево се судруваме со разликата меѓу општествената одговорност за кажаното или понуденото, за релевантноста на кажаниот збор, за подло/расипано себебранење со безобразно и расипано вметнување на приватното во службеното, по што пропаѓа и основната почит и гледаш дека некој (било кој од нас, нели?!) сопствената изгубеност во просторот и време си ја зема како дефиниција за другите, ставајќи ги во незгодна ситуација и полнејќи ги со непотребен страв за својата општествена положба пријателите и колегите, само заради (квази)популарност, ефтина финансиска корист и ситна политичка џезма, а до првиот агол и голо повраќање, ко’ после првото пијанство и суровоста на животот која следува потоа. Познато ви е? Сте го искусиле? Е па наздравје нека ни е.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment