Friday, April 19, 2024

Блузирање (308-338)

(дваесет години прва кавадаречка колумна)

 

“Ако умрам ил загинам,

поп немој да викате

вие на гроб да ми дојте,

оро да заиграте“

(Јонче Христовски, сингл, 1978)

 

Своевремено, таму некаде рани осумдесети години на минатиот век, случувањата на манифестацијата “Тиквешки гроздобер“ не се одвиваа само во центарот на Кавадарци. Можеме да кажеме слободно дека чествувањата започнуваа во тогашниот Агрокомбинат “Тиквеш“ и се одвиваа низ целиот град. Во деновите пред официјалното одвивање на “Тиквешки гроздобер“, најголемиот винарски подрум и агрокомбинат на Балканот правеше свеченост и концерти за своите вработени (затоа што за време на гроздоберот тие беа на работа). Како сега го паметам концертот на Јонче Христовски, кој се случуваше во просториите на “Ладилникот“ за сите вработени во АК “Тиквеш“. Да се разбереме, со сите салтанати – јадачка, пијачка, музика. Со оглед на тоа што стариот работеше во “Тиквеш“ бев на еден од тие концерти. Истовремено “задоен“ со рок музика, па и не беше лесно да ме натерат да одам на забава на народна музика со вработените во “Тиквеш“ (секоја почит за нив). Арно ама кога почна Јонче, ко’ да бев на концерт на The Rolling Stones. То гитари, врвни инструменталисти, врвен сценски настап, исклучително искуство. Си заминав дома зашеметен. Можно ли е? Можно е! Затоа што Јонче беше и автор на неговите музички теми. Извиканата “Македонско девојче“ (објавена 1964) е негово авторско дело, а не “обнародена“ песна ко’ што милуваат квази патриотите дека е од антиката. Две теми, на пример, од Јонче ми се чист блуз – “Ако умрам, ил’ загинам“ и “Ај засвирете ми чалгии“.

И кога сме кај тогашниот Агрокомбинат “Тиквеш“, освен како главен покровител на се што се случуваше на тогашните изданија на “Тиквешки гроздобер“, познати се неговите вински експресии со едно огромно буре пред комбинатот и едно буре во центарот на градот, буриња полни бесплатно вино за сите за време на манифестацијата! И толку. Во некоја друга прилика повеќе за АК “Тиквеш“, за неговите “озетиња“ Винарство, Сопот, Доне Попов, Краиште, Гоце Делчев и сите други во негов состав. Па и за соработката со ликовни уметници при изработка на етикети за врвните вина, во изработката на поставките на гроздоберскиот карневал, за првите билборди воопшто во Македонија.

И ете не денес. Во 21 век во Кавадарци. Остатокот од АК “Тиквеш“ денес е ВВ “Тиквеш“, делот кој порано беше ООЗТ “Винарство“. И другото е приватизирано, големиот дел запустен. Само како пример: висорамнината Витачево на времето беше вистинска житница со која стопанисуваше АК “Тиквеш“. Додека некој не го “грабна“ “Доне Попов“, ја заеба ергелата, ги “уби“ овците и говедата и се си иба пиперот. Денес “Витачот“ е повторно завземен од мајката Природа! Ама тоа е некоја друга приказна, нели?! И кога сме кај манифестацијата “Тиквешки гроздобер“, своевремено во неговите класични изданија тие години, а во негови рамки, се одвиваше и Саемот на земјоделски производи и механизација, најголем во Македонија за исклучиво македонски производители, а “забавниот“ дел, односно концертите се одвиваа на Градскиот стадион. Така да...

И не се занесувам дека сум некој хроничар на град Кавадарци. Блузерот ете дваесет години нуди само лични сеќавања. Секако, потврдени со факти (лични анализи, статистики, сведоштва и слични некои нешта од официјални документи или сведоци на времето, соработка со професионалци полни реални информации) за тоа што некогаш било или не било во Кавадарци. Впрочем, се е запишано, само на кој начин и од кого нели. Оти информациите од прва рака се највредни. Зависи само како ќе ги споделите. Со кого, за кого и пред кого. Кај блузерот нема носталгија, само сеќавања и лични приказни, со задоволство споделени со вас. Или сепак ова е малку поинаква хроника на еден град?!

П.С. Генерациите кои доаѓаат можеби и ќе доживеат. Градски нешта, туристи, згрижени улични животни, деца кои го почитуваат тоа што било, чисти тротоари (грицкајте и плукајте лушпи од семки и сончоглед по дома бре!) и слични некои тракатанци кои ни го прават животот. Инаку еден пријател пред некој ден ми рече - напиши нешто за изборите. Ете пријателе, погоре се е за изборите. Или пак не?! Инаку денес е 19 април. На денешен ден низ минатото можеби некаде низ светот се случило нешто, можеби се случило нешто и во Кавадарци богати! Ама ете нема ништо низ google-от! Таа е...

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Monday, April 15, 2024

Блузирање (307-337)

(прва кавадаречка колумна)

Торба полна сеќавања. Да се разбереме, сеќавањата се само мои, ако вам ви одговараат – радувајте се, ако не, терајте друга страна, интернетот дава можности секој да се искаже и да има право на збор. Секако дека тоа е дел од демократијата. Колку и да тоа некому не му се допаѓало. Во демократијата има почитување на поинаквото мислење. А овде, во зависност кое село – град, која власт, политичка опција или слично “јебем ли га“, се “тркаме“ кого повеќе да го навредиме и повредиме. Ројки сме невидени, бре! Сите заедно, на куп!

И кога сме кај сеќавањата. Јас не ја паметам Зоолошката градина во Кавадарци. Арно ама, ги паметам на пример најдобрите денови на Градскиот парк во Кавадарци. Онака, без згради истопорени (во денешно време) кои го скрија протокот на воздухот во паркот, згради кои ни ги скрија сеќавањата за Градскиот парк. Над “Бриони“ имаше една фонтана која како деца не веселеше, страшно добро решена, европска и пред да имаме европски идеали, простор кој повторно го откривме пред десетина години со “Алтер Центар“ и кој е идеален за културно - уметнички настани. Којзнае можеби е само еден симпатичен одблесок од едно детство, ама фонтаната беше на идеално место. Таму каде луѓето од Кавадарци и пред да постојат Здруженија за заштита на птиците, градеа птичји куќички и веруваа дека еден ден ќе биде подобро! За еколозите на кои се им е предимство освен екологијата по дефиниција – во некоја друга прилика! Да се разбереме, мое мислење. Право дадено и човечки и законски. Се друго се “прикаски за мали деца“.

И стигнавме до денешно време. И та‘ шооти стигнавме. Дваесет години ја пишувам колумнава, поставувам прашања, оти нели, одговорите се некаде на друго место и покрај се, а јас сум само обичен граѓанин кому желбата му е да живее спокојно и сигурно, пристојно како во секоја нормална земја и град. Различноста во нормалните земји се почитува и е основа на демократските принципи на живеење, но и опстојување и како општество и како држава. Оној кој мисли поинаку, молам, има право на поинакво мислење. И тука завршуваат сите приказни за терање демократија во Македонија, во Кавадарци. Оти ако јас не го почитувам поинаквиот од мене – чуму сум?! Па не го терам/пишувам ова парче (виртуелна слободна територија) самобендисано наречено прва кавадаречка колумна за џабе 20 години. Имам потреба, а секојдневно гледам (анализи/статистики/кој/што/како) дека имам читателство кое ме следи и сум исклучително благодарен за тоа, а тоа нема намера да го смени своето мислење за општествени и градски прилики, истовремено ценејќи го тоа што го пишувам, како еден блузер кој нешто оставил ваму – таму и сеуште може. Не само што може, туку и мора!

И тука за жал морам да прекинам со пишувањето, затоа што некогаш зборовите немаат смисол. Бесмислено е да се зборува/пишува кога драги луѓе заминуваат.

П.С. Додека ги пишувам овие редови, потврдена е веста дека ни замина уште еден градски лик. Ни замина Мери Парчева, драгата личност од новиот центар на Кавадарци, борец и суптилен поддржувач на урбаните случувања низ градот. Но пред се човек, личност со неверојатна храброст и гордост и покрај се што доживеа. Ми беше исклучителна чест што те познавав со децении. И се дружевме кога за тоа беше време. И разговаравме и се смеевме и плачевме. Збогум драга Мери. До следната средба драга Мери.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Wednesday, April 3, 2024

Блузирање (306-336)

(прва кавадаречка колумна)

Намерно го избегнав и пишувањето и објавувањето на ова издание на “Блузирање“ на 1 април, иако баш тогаш седнав пред компјутерот. И се спрепнав. Ова не е време да им се одземе “смеата и шалата“ на професионалците, кои во вид на политички мутанти деновиве ќе ни се кезат од секое можно место кое може да го замислите. Арно ама, нема да им дозволам да ми влезат и излезат од фрижидерот. Го наполнив, за нив нема место во ниеден дел од мојот дом, најмалку во фрижидерот. Нека кркат манџи кај им душа сака и нека се “тискат“ по плоштади, домови на култура, спортски сали, штабови (како моќно звучи нели, ко‘ да се спремаме за војна) и слични јавни простори, чија основна намена е сепак за нешто друго. Познати се датумите за сите избори, ете ми гласачко место, ете ми пенкало и гласачко ливче, ќе си заокружам и ич да не ве боле таквоата за кого. Толку за изборите, оти и онака 34 години живееме во непрекината изборна кампања, та преку таквоато (по втор пат) што тоа имате да понудите. Пресметките си ги водам сам, колку и што, каде и со кого. Одлуката не ја носам последниот ден. Уште сега се е јасно. Затоа чао политико до денот предвиден за гласање!

Инаку, распојасан по дома, откако ги собрав садовите од машината за перење садови, откако ги “спрострив“ алиштата на терасата, така миризливи и мокри по “обработката “во машината за перење, ете ме кај се зафркавам по социјалните мрежи. Додека не ме фатат и не ми ја дадат правосмукалката во раце, таа неминовна машина за конечен мир во куќа. И така, ја рокер низ станот, блузер за по дома. Таа е...

Се шалам. Никогаш не сум имал проблем од брачниот партнер за било која факинг желба. Од купување стрип до организација на рок фестивал. А кога сме кај рок фестивал, ете “Алтер Центар“ објави нешто, така да еве кај е 2025! 

П.С. Април низ годините донел извонредни албуми. Еве само кои албуми, меѓу другите, излегле во април 1973. Пред пеесет години! Second Helping - Lynyrd Skynyrd, 461 Ocean Boulevard - Eric Clapton, It's Only Rock 'n Roll - The Rolling Stones, Sheer Heart Attack – Queen, The Lamb Lies Down on Broadway – Genesis, Court and Spark - Joni Mitchell, Rocka Rolla - Judas Priest, Planet Waves - Bob Dylan, Walls and Bridges - John Lennon, Rock 'n' Roll Animal - Lou Reed… Која година а!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци