Friday, April 19, 2024

Блузирање (308-338)

(дваесет години прва кавадаречка колумна)

 

“Ако умрам ил загинам,

поп немој да викате

вие на гроб да ми дојте,

оро да заиграте“

(Јонче Христовски, сингл, 1978)

 

Своевремено, таму некаде рани осумдесети години на минатиот век, случувањата на манифестацијата “Тиквешки гроздобер“ не се одвиваа само во центарот на Кавадарци. Можеме да кажеме слободно дека чествувањата започнуваа во тогашниот Агрокомбинат “Тиквеш“ и се одвиваа низ целиот град. Во деновите пред официјалното одвивање на “Тиквешки гроздобер“, најголемиот винарски подрум и агрокомбинат на Балканот правеше свеченост и концерти за своите вработени (затоа што за време на гроздоберот тие беа на работа). Како сега го паметам концертот на Јонче Христовски, кој се случуваше во просториите на “Ладилникот“ за сите вработени во АК “Тиквеш“. Да се разбереме, со сите салтанати – јадачка, пијачка, музика. Со оглед на тоа што стариот работеше во “Тиквеш“ бев на еден од тие концерти. Истовремено “задоен“ со рок музика, па и не беше лесно да ме натерат да одам на забава на народна музика со вработените во “Тиквеш“ (секоја почит за нив). Арно ама кога почна Јонче, ко’ да бев на концерт на The Rolling Stones. То гитари, врвни инструменталисти, врвен сценски настап, исклучително искуство. Си заминав дома зашеметен. Можно ли е? Можно е! Затоа што Јонче беше и автор на неговите музички теми. Извиканата “Македонско девојче“ (објавена 1964) е негово авторско дело, а не “обнародена“ песна ко’ што милуваат квази патриотите дека е од антиката. Две теми, на пример, од Јонче ми се чист блуз – “Ако умрам, ил’ загинам“ и “Ај засвирете ми чалгии“.

И кога сме кај тогашниот Агрокомбинат “Тиквеш“, освен како главен покровител на се што се случуваше на тогашните изданија на “Тиквешки гроздобер“, познати се неговите вински експресии со едно огромно буре пред комбинатот и едно буре во центарот на градот, буриња полни бесплатно вино за сите за време на манифестацијата! И толку. Во некоја друга прилика повеќе за АК “Тиквеш“, за неговите “озетиња“ Винарство, Сопот, Доне Попов, Краиште, Гоце Делчев и сите други во негов состав. Па и за соработката со ликовни уметници при изработка на етикети за врвните вина, во изработката на поставките на гроздоберскиот карневал, за првите билборди воопшто во Македонија.

И ете не денес. Во 21 век во Кавадарци. Остатокот од АК “Тиквеш“ денес е ВВ “Тиквеш“, делот кој порано беше ООЗТ “Винарство“. И другото е приватизирано, големиот дел запустен. Само како пример: висорамнината Витачево на времето беше вистинска житница со која стопанисуваше АК “Тиквеш“. Додека некој не го “грабна“ “Доне Попов“, ја заеба ергелата, ги “уби“ овците и говедата и се си иба пиперот. Денес “Витачот“ е повторно завземен од мајката Природа! Ама тоа е некоја друга приказна, нели?! И кога сме кај манифестацијата “Тиквешки гроздобер“, своевремено во неговите класични изданија тие години, а во негови рамки, се одвиваше и Саемот на земјоделски производи и механизација, најголем во Македонија за исклучиво македонски производители, а “забавниот“ дел, односно концертите се одвиваа на Градскиот стадион. Така да...

И не се занесувам дека сум некој хроничар на град Кавадарци. Блузерот ете дваесет години нуди само лични сеќавања. Секако, потврдени со факти (лични анализи, статистики, сведоштва и слични некои нешта од официјални документи или сведоци на времето, соработка со професионалци полни реални информации) за тоа што некогаш било или не било во Кавадарци. Впрочем, се е запишано, само на кој начин и од кого нели. Оти информациите од прва рака се највредни. Зависи само како ќе ги споделите. Со кого, за кого и пред кого. Кај блузерот нема носталгија, само сеќавања и лични приказни, со задоволство споделени со вас. Или сепак ова е малку поинаква хроника на еден град?!

П.С. Генерациите кои доаѓаат можеби и ќе доживеат. Градски нешта, туристи, згрижени улични животни, деца кои го почитуваат тоа што било, чисти тротоари (грицкајте и плукајте лушпи од семки и сончоглед по дома бре!) и слични некои тракатанци кои ни го прават животот. Инаку еден пријател пред некој ден ми рече - напиши нешто за изборите. Ете пријателе, погоре се е за изборите. Или пак не?! Инаку денес е 19 април. На денешен ден низ минатото можеби некаде низ светот се случило нешто, можеби се случило нешто и во Кавадарци богати! Ама ете нема ништо низ google-от! Таа е...

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment