Monday, April 15, 2024

Блузирање (307-337)

(прва кавадаречка колумна)

Торба полна сеќавања. Да се разбереме, сеќавањата се само мои, ако вам ви одговараат – радувајте се, ако не, терајте друга страна, интернетот дава можности секој да се искаже и да има право на збор. Секако дека тоа е дел од демократијата. Колку и да тоа некому не му се допаѓало. Во демократијата има почитување на поинаквото мислење. А овде, во зависност кое село – град, која власт, политичка опција или слично “јебем ли га“, се “тркаме“ кого повеќе да го навредиме и повредиме. Ројки сме невидени, бре! Сите заедно, на куп!

И кога сме кај сеќавањата. Јас не ја паметам Зоолошката градина во Кавадарци. Арно ама, ги паметам на пример најдобрите денови на Градскиот парк во Кавадарци. Онака, без згради истопорени (во денешно време) кои го скрија протокот на воздухот во паркот, згради кои ни ги скрија сеќавањата за Градскиот парк. Над “Бриони“ имаше една фонтана која како деца не веселеше, страшно добро решена, европска и пред да имаме европски идеали, простор кој повторно го откривме пред десетина години со “Алтер Центар“ и кој е идеален за културно - уметнички настани. Којзнае можеби е само еден симпатичен одблесок од едно детство, ама фонтаната беше на идеално место. Таму каде луѓето од Кавадарци и пред да постојат Здруженија за заштита на птиците, градеа птичји куќички и веруваа дека еден ден ќе биде подобро! За еколозите на кои се им е предимство освен екологијата по дефиниција – во некоја друга прилика! Да се разбереме, мое мислење. Право дадено и човечки и законски. Се друго се “прикаски за мали деца“.

И стигнавме до денешно време. И та‘ шооти стигнавме. Дваесет години ја пишувам колумнава, поставувам прашања, оти нели, одговорите се некаде на друго место и покрај се, а јас сум само обичен граѓанин кому желбата му е да живее спокојно и сигурно, пристојно како во секоја нормална земја и град. Различноста во нормалните земји се почитува и е основа на демократските принципи на живеење, но и опстојување и како општество и како држава. Оној кој мисли поинаку, молам, има право на поинакво мислење. И тука завршуваат сите приказни за терање демократија во Македонија, во Кавадарци. Оти ако јас не го почитувам поинаквиот од мене – чуму сум?! Па не го терам/пишувам ова парче (виртуелна слободна територија) самобендисано наречено прва кавадаречка колумна за џабе 20 години. Имам потреба, а секојдневно гледам (анализи/статистики/кој/што/како) дека имам читателство кое ме следи и сум исклучително благодарен за тоа, а тоа нема намера да го смени своето мислење за општествени и градски прилики, истовремено ценејќи го тоа што го пишувам, како еден блузер кој нешто оставил ваму – таму и сеуште може. Не само што може, туку и мора!

И тука за жал морам да прекинам со пишувањето, затоа што некогаш зборовите немаат смисол. Бесмислено е да се зборува/пишува кога драги луѓе заминуваат.

П.С. Додека ги пишувам овие редови, потврдена е веста дека ни замина уште еден градски лик. Ни замина Мери Парчева, драгата личност од новиот центар на Кавадарци, борец и суптилен поддржувач на урбаните случувања низ градот. Но пред се човек, личност со неверојатна храброст и гордост и покрај се што доживеа. Ми беше исклучителна чест што те познавав со децении. И се дружевме кога за тоа беше време. И разговаравме и се смеевме и плачевме. Збогум драга Мери. До следната средба драга Мери.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment