Monday, April 22, 2019

Блузирање (236-266)


(прва кавадаречка колумна)

Сум пишувал/критикувал овде бааѓи низ годините наназад. За медиумите од сите сорти – печатени, електронски, радио, ТВ, интернет и сл. Едно време ми беше мерак да ги спотерам дописниците на националните медиуми. Сега не ми е. Оти и нема вистински национални медиуми. И сум ги конзумирал екстремно. Медиумите. Омилените трафиканти знаеја, иде сабота и блузерот ги зема сите дневни весници за читање. Работните денови по два примероци од различни изданија, колку да се стокми денот со сериозна информација. Оти, едно време достигнавме десетина различни изданија на дневен печат, а џебот не дозволуваше повеќе. Уште од детството трае жедта за добра информација, од времето на поранешната држава. Од македонските дневни весници во тоа време познато е, постоеја само Нова Македонија и Вечер. Вечер тогаш не служеше за ништо друго освен како попатна станица на оние кои сакаа сериозно да се занимаваат со новинарство од една страна, а од друга страна да го покрие срамот на оние кои читаа еротска литература, па купениот еротски  часопис фино “спикан“ во Вечер, демек еве ме читам дневен весник. Проѕирно, ама функционираше. Денес Вечер служи за трач - муабет пред трафика додека купуваме цигари, оти дневни весници не купуваме, не дека трудот на новинарите не вреди, ама прашање на денот е колку новинари работат професионално во нив и дали сопствениците не си го терат ќеифот додека се умилкуваат на партиските штабови, за денар и пол повеќе во џебот. Ах, да, Нова Македонија ниту тогаш, ниту денес не е сериозен весник (не ги паметам првите денови на весникот, сепак сум роден и научив да читам многу подоцна), ама беше специфичен во неговата големина и даваше драж на сериозност. Читателска. Денес ниту прилогот “Колибри“ не дава повод да се израдуваш. Таа е, пусти времиња, пусти  “големи писателски и новинарски имиња“, пусти пари, пуста желба да се биде колумнист и да се “просераваш“ на цела страница. Ми вели еден пријател, а бе блузеру од парите дадени за весници стан ќе купеше. Му велам, не бре пријателе, стан имам, ама крваво и мачно стокмен под суво, па затоа и сега си земам слобода да пишувам, фалам и критикувам.
Така и штотуку изминатиот прв круг од претседателските избори. Особено изминатата кампања за истите избори. Случајно, гледав ТВ еден заебан ден и ми се згади животот. Ми се погодија политички реклами. А бе гнасотии, навреда за здравиот разум, како тоа некој не го бивало, па гнасни навреди, па мрачни слики, сценарија, токму од истите кои 11 – 12 години маме ни заебаа, ни ја опустошија државата, ни ја заебаа паметта, ни ги избркаа од државата најубавите деца, највредните луѓе, најшколуваните граѓани на Македонија. Во државните институции ги напикаа најголемите мрзи и полуписмени дунстери, а слободоумните ги омаловажуваа, со прст вперуваа во поинаквите, сепак не успевајќи и покрај сиот државен и медиумски апарат вперен во нив – да ги поразат. Да, сенешто се случи вчера, на денот на првиот изборен круг за претседателските избори оваа 2019. Ќе рече некој, ако не друго се ослободуваме од Фикусот за две недели. Ама Фикусот два мандати го биравте по команда за да ни го загорчува животот и сега по падот на криминалецот кој троши наши пари во Будимпешта, кога основните граѓански слободи се вратија на своето место, испраниот мозок, сендвич филозофијата се обиде да го врати ударот, се обиде хидроцентралните говори да ги направи најпатриотски, а ваму чист наци – фашизам. А бе секој има право да каже се и да остане жив, ама со усул бре, оти и утре треба да живееме овде (барем ние кои се решивме да останеме овде, издржувајќи 11-12 години прегласна моронизација на општеството), а и утре е нов ден. Трезен. Оти, нашата татковина и натаму е Македонија, земја на специфични различности, земја на луѓе домаќини и домаќинки, земја која веќе не е бившојугословенска, земја која не е повеќе скарана со соседите, земја која не заслужува да биде изгнасена од надобудните квази патриоти, кои и локално се истопорени со погрешно напишани и прочитани говори, со основно непознавање на македонскиот јазик и правопис. Омразата не носи добро. Европа? Вакви какви што сме во моментот, на Европа не сме и потребни. Ама и покрај се Европа е нашата судбина, судбина на Република Северна Македонија, татковина на сите нејзини граѓани. Колку и некој да мисли поинаку, од убавото не треба да се бега. Напротив, на подадената рака, на пристојното граѓанско однесување треба само да му возвратиш со слободна мисла и да му се придружиш. Време е за драстични мерки и екстремна изолација на злото. Време е за чекор напред и покрај тешкотиите кои ги носат реформските мерки, време е да се издржи и да се врати до крај насмевката на граѓаните. А исчезнувањето на стравот покажува дека слободата дава право и шљокензишљивовиски патриотите да се обидат да се вратат, да тресат глупости, ама доста е. И со ум. Оти без секој се може ако не се упристои и не му фаќа рачето во државните и граѓанските џебови, ама и “Од љубов не се бега“.

П.С.
А што има врска ова погоре напишаното со Кавадарци?! Е ај прочитајте уште еднаш!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци