Sunday, May 31, 2020

Блузирање (254-284)


(прва кавадаречка колумна)

“Јас сум дел од Навахо индијанците. Браќа и сестри ми се сите луѓе. И оние црвените на кои им ја земаа земјата и слободата и оние црните кои беа донесени да бидат робови и кои се ослободија и оние жолтите кои беа излагани за да градат железници и оние белите кои беа убивани од револверашите затоа што беа добри луѓе.“

Текс Вилер – стрип јунак


Како човек, кој на овој или оној начин и професионално и приватно (прашајте ми ја сопругата, жртва на мојата посветеност, ако не верувате) е посветен на културата и уметноста, чувствувам мал и ми се чини, оправдан страв – што после пандемијата со културата и уметноста. Овде зборувам и за Кавадарци и за Македонија, да се разбереме. Од едноставна причина, што нема настани од оваа област, што перцепцијата на културно конзумирање се сведува на некаква си квази онлајн презентација (со ретки исклучоци, кога онлајнот е можност и прилика), а во која масовноста на гледаност не се подразбира како фактор за квалитетот на културниот и уметничкиот производ. Основниот страв е дека, сепак, по ненормалното (никакво и празно) практикување култура и уметност во пандемиската состојба, ќе добиеме тотално банализирање на истите и ќе се вратиме на состојбите од времето на немиот филм – сакам кажам/не можам речам. Што сака да каже блузерот? Ништо посебно. Едноставно, за ситна пара нема квалитетна култура и уметност, случајни типови ќе почнат да ни се мотат по културните институции, по здруженијата кои се утепавме од нудење пристоен квалитет, галериите, музеите, театарските куќи и концертните сали и конечно турбо – фолк менталитетот ќе однесе победа над квалитетот и дај боже да грешам, ама во скоро време не очекува тотална узурпација на ситните партиски апаратчици со мала помош на политичките лепачи на плакати на сите институции кои се бават со култура и уметност. А некој го спомна Министерството за култура?! Не, ама нека го нека стое спомнато. Тотална културна и уметничка летаргија и баналност ни следува, доколку не се подразмисли троа која е вредноста на квалитетната култура и уметност и што тие значат за едно општество, за граѓаните, за нацијата. И после олеле, е па олеле уште сега. Оти конзументите на квалитетните културни и уметнички производи ќе ги има се помалку на било кој настан од овие области, затоа што и производите нема да бидат наменети за нив, туку за посетители кои едноставно платиле карта да “отепат“ време меѓу две паузи во нивниот и онака празен “културно-уметнички“ живот, одвреме-навреме исполнет со певаљки, кафански софри, казина и двочасовно пиење еспресо било каде и било кога. Особено и нарочито локално. Е па, чорба!
Оваа пролет, дури и во Кавадарци, дождовите ги расипаа секојдневните фини прошетки. Природата, велите, тоа го направила. Е не ебате, тате од оној свет пушта вода за освежување низ градската прашина. Тука некаде и нешто слично како дел од соседите кои воопшто не ги користат терасите, а ги мијат и потплакнуват шест пати во денот. Тие истите не и отвараат на чистачката која ја чисти зградата, да и наполнат една кофа вода, за да ним им биде чисто низ скалите и влезот на таа иста зграда. А и чевлите сеуште си ги соблекуваат на ќилимчето пред влезната врата од станот и цел ден им стојат заедно со старите прегазени чевли за до дуќанот. Јебига, секакви не има. А бе “иди бегај“. Особено оние кои се вселиле во зграда, а не помислиле дека не се сами во истата, та удри реновирање по цел ден, со нагласок на викенд деновите, па пушти тоа децата да играт фудбал во салонот, пушти тоа телевизорот до даска, пушти тоа тинејџерите да ропат до три сабајле, фрли тоа ѓубрето од терасата или џамот, заеби контејнери и слични мамци и тракатанци. Ма, идила!
И додека траат состојбите со коронавирусот, популарно наречен Ковид-19, табиетот излегува на видело. На пример, додека ги читате овие редови, блузерот е качен на покривот од зградата и помага во поставувањето на најновиот модел на 5Г антената. И што тука не е јасно. Господине Бил Гејтс, аман ела ваму и чипирај не, може така ќе ни дојде умот. Јебале вас теории на заговор, ситни души бе, морони. Додека луѓе умираат, вие грипот, та грипот. А бе лето иде, јебо вас грип! Ма, џабе читавте!
П.С. Мамо, ти се јавуам тебе и на тато да ви кажам дека станав астронаут. Татко ти вика нема, ќе бидиш политичар, ако не тоа, тоги ќе бидиш директор. Ама мамо, јас добив Нобелова награда за физика. Шо ми е гајле, оди прво у црква да запалиш свеќа и да одиш на чаршијата да прошеташ. И ој’ у дуќанчето да земиш пченица. Ама мамо... Нуму ти мене мамо! И остави тоа весникот, нели те срам! Ама мамо не е воа весник, книга е, за наука, а читам у вселенски услови! Ееее, за тоа ли те раснеме, ни таквите ги користеме за газот бришење, на к’рфија и закачуеме лифче по лифче.  Мамо ма, милион долари ме наградија... Е шо, да не не ти купи татко ти сладолед на чаршиата, да не беше ускратен у нешто... Говедо ниедно, иди си дома козите да и испасиш, види шо убава ограда туриле комшиите, нуму само умот у пар’те ти е. И да ојш на езер’то, да фаниш некоа риба, празник иде, шо ќе однесам у црквата. Мамо ма, ти се јавуам од вселенската станица! А бре дете, ти реку ја турат дрога у сокот, нее, ти мамо ја со другарите су! Нема виќе испаѓање! Мамо ма, пак не си ги испила апчињта. Оди у аптеката и не и купуј на приватно, ги има на рецепта, ќе ти и дадат тиа докторот шо ти и препишал, не некоа замена по препорака на комшиите... А ја мамо, со Илон Маск ќе одам да а запалам ракетата и да избегам шо подалеку од ваа галаксија! Ќе се вратам ти и тато каа ќе бијте поарни у умот!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци


No comments:

Post a Comment