Monday, May 18, 2020

Блузирање (252-282)


(прва кавадаречка колумна)

Ian Kevin Curtis (15 Јули 1956 – 18 Мај 1980)

Ништо не бива без реална критика и критичари. Ги има ли кај нас?! Не бе, нема ништо такво. Кој овде би искритикувал нешто безвредно, зарем да се замери со авторот?! Зарем некој ќе се осмели овде да критикува советник, пратеник, градоначалник, директор, автор на книга, претседател на Влада, министер, уметничко дело, концерт, религија, албум, сообраќајна некултура и сл. Овде сите претходно спомнати мислат дека се заштитени со закон, ко’ мечки и волци по македонските планини. А во суштина, кога би биле нормално општество, коските треба да им се тресат, оти ако не друго, на тие извикани избори се избрани токму од граѓанството кое ги има сите права да покаже со прст и да рече – ова не го бива! Да не зборуваме за професионалците во својата област чија професионалност дозволува да се згреши, па да се извинат за грешката, па да се поправат и да тргнат напред. Низ нормалниот свет по премиерата на било кој настан, дали е тоа политичка програма, театарска претстава, книга или нов брендиран производ, најголемиот стрес е што ќе кажат професионалните критичари два часа по премиерното претставување. Овде?! За што тоа всушност зборуваме?! Овде професионалците се несебично, со консензус – отфрлени. Е па, ако така сакате – така и нека биде. Ретките кои се осмелуваат да го направат чекорот кон нормално општествено битисување, овде се маргинализирани, навредени, отфрлени. Овде царува безгрижноста во стилот – сите за се не бива. Така да, џабе везеш блузеру.
Инаку накратко - ништо не бива без култура и уметност. Велите не е така, само леб да има. А бе волку леб се нема изедено ниту во најсиромашните времиња кои го зафатиле ова поднебје. Немам поим зошто пак толку му се втиливте да го докусурите квасецот во државата, ама ете нит’ за пишии ве бива, нит’ за домашна пита, па и во ова време – невреме се утепавте од порачки на готови јадења (пици, пити, пилешки прсти, овали со којзнае што внатре и останата традиционална македонска храна). Да, без култура и уметност ништо не бива. Ако не се во живо, тртни му ги на тие театарски претстави, концерти, промоции и изложби, оти без комуникација со публиката, се се сведува на “Али Експрес“ култура и уметност. Интернетот е Бог на денешницата, ама совршенството и благодетот, врвот на културата и уметноста се љубителите на истите. Без нивниот фитбек, за никаде сме. Оти, додека е човек жив и ужива во креативноста, во творештвото, до тогаш и ќе постоиме. Не само како народ, туку особено како луѓе. Пластиката и онака служи само како пакување, друга реална намена и нема.
И ете, додека си поигравте кур - ташак со македонскиот јазик (патриоти ѓоамити низаедни и погани) еве не кај и натаму си пишуваме на македонски јазик. Ете ме, од Кавадарци сум, па не пишувам на дијалект, (уфрлувам тука – таму по некој збор ради читателски ефект) затоа што основата на еден народ е јазикот, ама патриотизмот не се сведува само на говорењето, туку и особено на тоа што се говори. Култура и уметност?!
И да скратам. Во ова време – невреме, не плукајте по соседите, народите не се криви, маме му на политичарите кои случајно се нашле на чело на едикојаси  држава. Особено за самобендисаните. Денес овој народ ви е пријател, утре не чини, другиот го бива. Размислете чии игри ги играте, кој тоа манипулира со вас или едноставно се водите по вашите ситни интереси, моментот ви е битен, а по него друг момент и ваши поинакви размислувања, не дека претходните ви биле океј, ама ете вас нека ве биде, ние ќе се снајдиме.
И така стигнавме до денешниот момент. А тој трае 30 години. 30 години сме во константна изборна кампања, е па доста е. Одморите не малку да ви ибам тоа неписмените гилиптери политички! Дајте тоа изборите и да завршиме со вас!
П.С И додека светот се обидува да се врати во нормала (макар било тоа некоја нова нормала) овде распиштолени, газиме по препораките на здравствените работници, се котоперчиме без маски, агресивни сме спрема тие кои што почитуваат социјална дистанца и мерки, се тискаме преку ред во маркети, аптеки и сл. Да, имајте убав ден и чувајте се и не ги мразите оние кои се грижат за вас, немојте да сте себични, оти на пример здравствените работници се 24 часа на работа, 24 часа се во константна опасност по сопствениот живот, само за да се зачува еден човечки живот повеќе. И да, последен момент е да не ја испуштиме шансата која ни е дадена – да излеземе од ова време – невреме. А како? Ами со ум! И без теории на заговор ќе ве молам. Или толку ви сече. А?!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци



No comments:

Post a Comment