Sunday, May 24, 2020

Блузирање (253-283)


(прва кавадаречка колумна)

Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993)

Себесоздавање

Така, со заемни ситни притворства,
за да се покажеме,
сигурни дека ќе минеме неоткриени,
го градиме ние ден за ден,
дури со години,
подобриот дел од себеси.
Потоа како лута зима
неочекувано вистината доаѓа
и останува
да виси во воздух
уште малку,
призрачна,
таа наша лична зграда.
Урнат е нашиот привид.
Доцна
да се измислуваме наново.

Кога еден убав ден, некој хроничар ќе ги запише и претстави деновите на пандемија во Кавадарци, ќе се подразмисли и ќе напише четири романи со крими тематика. Ќе исфрли три книги со тажна поезија. И во деновите кои доаѓаат ќе можеме да се “бориме“ меѓу себе, кој бил во право, кој не. Денес, на празникот посветен на Кирил и Методиј, можеме само да си го гриземе јазикот, оти ниту еден од нас ниту пишува, ниту зборува на литературен македонски јазик. Патем, професори и наставници по мајчин јазик, нешто ги нема или баш им е гајле како тоа нивните ученици се изразуваат. Да, знам неколкумина добри и доблесни професори и наставници, тераат со чиста совест настава, патем прават по некоја театарска претстава, па и се посветуваат на учениците поддржувајќи го нивниот литературен талент, ама грото никаде ги нема. Или се можеби начукани во некоја викендичка во околината на Кавадарци, па “вртат“ скара и им ја подаваат пијачката на брачниот партнер. Тука некаде ќе да се.
Пишував пред години наназад, на ова парче виртуелна слободна територија неречена “Блузирање“ за моите четири кавадаречки адреси. Овојпат само потсетување: “Борис Кидрич“, “Илинденска“, “Индустриска“ и “Едвард Кардељ“ (денес “Никола Минчев“). Да можев или да имав храброст (кој ќе го знае), ќе живеев и на четири различни страни на светот. Оти различноста е благодет. Богатство е да познаваш луѓе од мал милион народи низ светот, не па да познаваш “човеци“ од различни маала. И да, живеењето на четири кавадаречки адреси се моето лично богатство и доблест. Се гордеам на тоа.
А што се однесува до полицискиот час и продолжените (затворени) викенди, тоа би му дошло по дефиниција - затоа што така заслуживме. Непочитувањето на полицискиот час од разно – разни самобендисани морончиња е само дополнување на дефиницијата за нас како народ и граѓанство. Во суштина непочитувањето на полицискиот час е непочитување на законот – енде. Храбри сме за по дома, а надвор од државата коските ни се тресат нуму да ја згрешиме. А бе каков си по дома, таков си и во “јабана“. Некултурен, ситен по вокација, клошар по дефиниција, плашливец во суштина. Џабе го вееш антимакедонското знаме со сонцето од Вергина, кога истото, како и кубурата ти стое за зорт, за аман. Патем таму во јабана почитуваш закон, оти ако не го правиш тоа ќе леташ како партал и крај за тебе следен пат да заминеш некаде. А ако седиш дома или си папучар по дефиниција или си екстремно заљубен во твојата куќа која, патем, ти ја оставил тато или дедо во наследство.
И денес, кога цел град е своевиден паркинг простор се судруваме со ординарна сообраќајна некултура, која никој од тие што земаат плата за тоа – не ја санкционираат. За сообраќајната некултура низ градот можат да се напишат есеи за нобелова награда, ама ете, ако не друго, не се санкционирани ниту паркираните возила на забранети места, (на пешачки, на тротоари, на забранети места по улици и булевари), “пајакот“ е на заслужен одмор, заслужен жими таквото.
За функционирањето на културата и уметноста во време на корона ќе зборуваме во некое друго време, оти културата и уметноста воопшто не функционират. Така да, следното наше дружење ќе биде посветено токму на – културата и уметноста во време на коронавирусот и испуштените шанси и прилики.
Инаку, иако сум роден во месец март, Јуни е мојот месец, месец на животни и градски херои. Токму во јуни, родени се неколку славни личности во мојот живот. Нивната скромност и тишина не значи дека не знаат да бидат бучни и правични. Охохо, колку ли само знаат да бидат бучни во време кога има неправда и колку ли само знаат да се радуваат кога нивните луѓе имаат трошка среќни моменти. Од први јуни кога се родени двајца важни, та преважни типови во мојот живот, мојот покоен брат Петре и мојот супер другар Пецо, па преку осми јуни и денот на раѓање на мојот доживотен сопатник и соборец Билјана Соколова и дванаесетиот ден од месец јуни и роденденот на мојата сестра Надица, меѓу другите де.
П.С. И не можам да издржам, та уште еднаш да не ја спомнам културата и уметноста. А приказната не е стара, туку од пред две – три години и вика вака: Кога културата и уметноста низ годините наназад имаше (историска шанса и) само еден вистински образован и писмен Министер, адекватен на тоа место за првпат во историјата на самостојна Македонија, од политички причини сменет, освен ретки, секоја им чест, никој не се побуни и денес ја имаме ситуацијата да културата и уметноста ни умираат. Денес истите кои молчеа (и се ситеа) го бараат назад, ама некои нешта не се враќат никогаш, ни под разно. Денес тие истите како културно уметнички (?!) работници и демек творци, се препелкаат во калта на нивната алчност и самобендисаност. И ми оди на ум дека не тивко, туку гласно умираат, офкат, се препелкат, умират без стратегија, која пред три години на тацна им беше дадена ебати тоа мороните. Ситните души, за ситни пари го продадоа и ударија неповратен печат на врниот квалитет и креативност, мислејќи (и работејќи на тоа) дека професионалците, врвните професионалци ќе останат сами.  Арно ама, не ќе да е така. Еве не, тука сме, има и утре. Да сме живи и здрави, да се сретнеме наскоро, па да поразговараме. Или па не?! А и зошто би разговарале побогу?!

By
Марјан Т,
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци



No comments:

Post a Comment