Wednesday, May 6, 2020

Блузирање (251-281)


(прва кавадаречка колумна)

“Оние кои се плашат – подолго живеат“ (Даниел Дефо, “Дневник на годината на чумата“, 1722 година)

Во време на принудна изолација, не од што се сака, туку од што се мора, се случува тотална социјална дезориентација и деновите кои доаѓаат нема да имаат речиси никаква врска со деновите кои ги оставивме зад нас, а кои во иднина ќе бидат запишани како денови пред коронавирусот/Ковид 19. Многумина нема да се согласат, ама некои основни перцепции за социјалното живеење во нашето општество се дефинитивно променети.
Минатиот викенд беше 1 мај, празник чии почетоци се влечат далеку во минатото и немат никаква врска со денешните чествувања на истиот. Со оглед на тоа што празникот е во чест на работничките права, со децении не можам да ги поврзам работниците чии примања се на прагот на преживување со ждерењето и локањето во таа чест низ излетничките места, викендиците и рестораните. Нели, пикник може да се тера секој викенд, одење во ресторан секој ден, а 1 мај и нема некоја блиска врска со празнењето на маркетите и касапниците од продуктите и чаламењето низ рестораните. Особено што главните славеници на празникот и не се работници, туку луѓе кои и онака ќе си го истераат проширениот викенд без никаков проблем по џебот. Па дури и во време на корона.
Деновиве се изначитавме и изнаслушавме разно – разни писанија и говори по повод разни датуми во историјата, за Гоце Делчев, за Тито, за македонскиот јазик, за тоа како е да се биде Македонец или па не, се мудра до мудра мисла од тоа интелектуалците кои завршија факултети и докторираа по социјалните мрежи. И кога ќе му ја спомнеш онаа хермафродитската побегуља и појава која избега како последниот гилиптер во Будимпешта со нашите пари, веднаш ти вртат тема и те прогласуваат за предавник, изрод, кодош. А тој истиот со својата булумента пајташи направи страотен удар врз македонскиот идентитет, јазик, историја и државност. Ебати античкиот морон и стиропор градител! И сеуште околу остатоците на “Скопје 2014“ се влечат античките војници низ секојдневието, сосе од збор до збор наученото по тоа школите на социјалните мрежи. Море и тоа храброста им е за по социјалните мрежи, затворени дома, зачмаени на пропаднатиот седмосед и додека глумат патриоти сонуваат за одмор на море кај јужниот сосед. По можност на рати и собата да има тераса за пијанка и да е блиску до некој ефтин маркет. Клима не е задолжителна. Само да помине корона периодот во кој не веруваат и тресат глупости и шират теории на заговор – ете ги фотографирани на плажите кај тој истиот јужен сосед кој го мразат од дното на ФБ профилот.
За Кавадарци ми беше зборот. Доколку ги читавте претходните изданија на ова парче самобендисано наречено Прва кавадаречка колумна (сеуште единствена кавадаречка колумна во континуитет, нели), знаете дека поставив и директно и меѓу редови прашања на кои никогаш нема да се добие одговор. Во сета несреќа, мала доза на среќа е и малиот број на заболени од коронавирусот во Кавадарци. Немам одговор на што се должи тоа, ама на арно нека е. Да, дел од одговорите може да се најдат во дисциплината на поголемиот број од граѓаните, на ефектното работење на ЈП “Комуналец“ (секоја чест) кој градот го држеше и покрај вонредната состојба во исклучително чиста комунална состојба, дел од одговорите може да се најдат во 24 часовната работа на здравствените работници во кавадаречката Болница, во навременото спроведување на мерките од страна на Локалната самоуправа, а најмногу во општествената одговорност на поголемиот дел од граѓаните кои чувајќи се себеси, го чуваа и градот.
Арно ама, лаички гледано, некои нешта и не беа во најдобар ред. Особено “привилегираните“ со дозволи за движење во време на полициски час. Секоја чест на оние кои ради економски/службени/земјоделски причини мораа да ги имат. Зборувам за недокваканите кои дозволите си ги користеа арогантно, без трошка совест, да си ги одведат семејствата на излет, по гости, како да оние кои без некаква си дозвола немаат семејства, немаат деца, немаат родители над 67 години, како да тие не беа затворени во најдолгите часови на првиот полициски час во историјата на Македонија. Денес гледам, иако не сме на крајот од пандемиската состојба, дека полицискиот час бил неминовен. Оти такви какви што сме ќе испоцркавме, не само од коронавирусот, туку и од недостатокот на општа граѓанска хигиена. Како мала дигресија би му дошло сведоштвото на авторот на овие редови (по учеството во дезинфекцијата на зградите во градот) за хигиената по влезовите на поголемиот број од зградите во Кавадарци. Неверојатна неодговорност за просторот кој е дел од секојдневното живеење – нечистотија, некаде собрана со години наназад. Чест на исклучоците.
И што имаме денес? Денес имаме период пред конечно попуштање на мерките и препораките на територијата на целата држава, со предупредување од стручните, пред се медицинските лица дека некои од мерките мора и натаму превентивно да се спроведуваат. Пред се носењето заштитни маски и миењето раце. За миењето раце незнам, тоа секој за себе нека си мисли, бидејќи е дел од општата култура и воспитание за лична хигиена, ама маските ако мора да се носат, нека се носат. А не да се чуваат по џебовите (?!) за да ни послужат само за влегување во маркет, аптека, институција, каде нема влез без заштитна маска. Арно ама, сведочиме за “храброста“ на многумина во стилот – они мене ќе ми кажуват. И тоа го прават и дома и низ градот и на работно место. Ќе ги казнат? Па нека ги казнат. Општествената одговорност и солидарност се дел од предусловите за нормална држава и одговорно и слободно граѓанство. Не мислејќи на своето здравје, загрозуваш се околу себе. Колку и да звучи банално – до догледно време најверојатно и така ќе биде. Всушност, многу одговори ќе добиеме деновиве по масовното скрининг тестирање на вирусот, вирус  кој многумина и не ги направи поинакви луѓе. Денес се малку повеќе себични, надмени и неодговорни. Нека ги?! Не, борете се против нив, оти немат намера да се променат и станат одговорни, мизеријата од луѓе ќе си остане тоа и во периодот кој следува. 5Г?! На нив делувал и пред воопшто да биде измислен!
П.С. Деновиве од печат излезе новата поетска книга на кавадаречката поетеса Цветанка Колева. Конечно. Носи наслов “Ти, моја, безмилосна една“, а е издание на една од најинвентивните македонски издавачки куќи “Или – Или“. Частам пиво за тој кој конечно ја “натера“ да исфрли нова збирка поетски сладострасници. Нека и е честито и да се израдуваме и изнадружиме на промоцијата на книгата.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци


No comments:

Post a Comment