Sunday, April 19, 2020

Блузирање (250-280)


(прва кавадаречка колумна)

Петок е... Надвор е тажно. Полициски час е. Плус Велики петок, ноќ спроти Велигден. Се понатаму како што следува. И вапцани јајца и јагнешко на трпезата во недела. Бевте во црква денес? Се причестивте? А бе ајде! Седам дома затворен меѓу другото и заради вас и вашите неисполнети и исконски желби да го лизнете тоа лажичето, од крвта Исусова да се напоите. Така пишува во Библијата? “Да“. Сте ја прочитале? “Не“. А бе ајде. “Зоки Поки“ ја немате читано, за Црвенкапа и нејзините авантури и да не зборуваме, не па Библијата. Не сте ни ја отвориле, не знаете ниту како изгледа. Така да, тука завршуваат сите приказни за вашата христијанска (јеботе) солидарност и нашата мака од вашата помодарска желба да бидете видени и помазени. Ви кажал некој дека најголемите верници овој викенд седат дома? Не? Е па седат и не ги слушат алчните по пари и ситни дарови. Седат и се солидарни. Од каде знам? Па од таму што дел од моите најблиски луѓе се големи верници и не залутале со умот, туку серизно ја имаат сфатено целата ситуација и седат дома. Слична некоја приказна се и оние со подебел портофел кои ги испразнија маркетите, пилјарите и месарниците и заминаа по викендиците кои тато и мама им ги направија за да има каде да одат да кркат и пијат во време на пандемија. А бе банка да потрошевте на битни работи, како на пример за средство за дезинфекција, па да прсневте пред влезот на тоа становите кои, глеј чудо, ви ги купија мама и тато. Или да удревте една метла пред влезот, да го истресевте барем тоа чергичето пред врата, пред да дојде општината да ви го дезинфицира просторот за кој вие треба да се грижите.
Коронавирус/Ковид 19, пандемија. Светска, а наша. Сериозно е времето во кое живееме. Макар што дојде некако набрзина и не фати неспремни. Не само нас, целиот свет е неспремен и на колена. Арно ама, има и утре. Што тогаш?! Секако дека светот никогаш повеќе нема да биде ист. Оно, и Тиквешкото езеро не е исто од пре неколку месеци, пред кое се сликавте и предвидувавте катастрофа, а еве го секој момент каде и да е, ќе се преполни. Арам да ви е и вас и на вашата катастрофа, а бе полуписмени низаедни. Кротко да роваревте, да ве сфатиме, ама да се дереш како да од тебе зависи нашата иднина, е тука нешто не ќе да е во ред. Да надвор е тажно. Ептен. Нит’ куче, нит’ маче да помине. А мине полноќ...
Сабота е... Што правите, како сте? Еве по дома. До кај вторник, ќе помине. Имате јадење, да не сте гладни? Не па ти, џабе ли ги испразнивме сите маркети, пилјари и месарници. Вечер ќе палете свеќи по терасите и дворовите? Јас не. Имам сијалица на терасата. Ќе пијам кафе, ќе играм јамб, потоа ќе читам добра книга и ќе слушам фина музика. Оти ниту имам викендичка на Тиквешкото езеро, на Браната, ниту имам некој по околните села, ниту пак имам дозвола за движење во полициски час (која некои од вас си ја користат да си ги прошетаат децата, додека други деца седат затворени дома?!). Така сум одлучил, да му припаѓам на градот и да ги следам неговите урбани токови, вакви или такви. И ќе се чудам попатно што луѓе ќе бевме, та од нашиот неум и неразбор ни е одземена слободата на движење и не напикаа по дома. А имавме шанса, не е да не е.Три попладне е. Полицискиот час активен. Низ новиот центар на Кавадарци тука - таму има по некое возило по улиците и булеварите. Да не злобам, та веројатно имаат дозвола за движење, а тоа да е за нешто вистински битно. Седам на терасата и си велам, како им е сега на оние кои ги затворија терасите по становите и сега висат на прозорците по трошка воздух. Прекрасен сончев ден во Кавадарци. Пролет заробена со полициски час. Јебига.
Недела е... Вистинските верници денес го слават Велигден. Вечит нека е, здравјето да не служи сите, добрата мисла да остане, злото нека замине заедно со лошата мисла. Оти од зборот си патиме, од лошата информација, од лажните вести, од самобендисаноста, од “другите ни се криви за се“. Недела е и тивко е во градот. Уште еден прекрасен сончев ден во Кавадарци. Полициски час до вторник. А од вторник, белки со ум.
П.С. Седам дома, шетам низ станот, престојувам малку повеќе на терасата. Садевме цвеќиња речиси истото време како и минатата година. Ланските сите се зафатија. И на новите им се радуваме. Ќе ги биде и нив. Исто ко што се радуваме на храната која им ја оставаме на уличните кучиња, мачиња, трошките на птиците. Патем, размислувам дека се радувам и на нивната слобода на движење, но и на нивната благодарност што не сме ги заборавиле.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment