Sunday, April 12, 2020

Блузирање (249-279)


(прва кавадаречка колумна)

Деновиве живееме како во сцени од некој СФ роман напишан во 1974 година, кој, да речеме, се вика “Вирусот нападна во 2020“. И сега веднаш тука му доаѓа еден од почитувачите на теориите на заговор, а тоа по кавадаречки се пишува вака: “Еее, ви реку ли“. Ама занимливо би било кога “теоретичарот“ би ја имал прочитано таа книга или воопшто било која книга во неговиот факинг “ви реку ли“ живот.
Викенд е. Цел викенд полициски час. Ние “ненормалните“ го почитуваме. Еве денес е недела, утре малку ќе се поослободиме, ќе одиме на работа, ќе возиме велосипед (ќе пешачиме) до четири попладне и потоа дома. Арно ама, случајно или намерно живеам во дел од градот, плус зграда, од каде што имам неверојатен поглед на кружниот тек (Нов центар) и сите движења таму. А живеењето во таков дел од градот и погледот од него вели дека дел од лицата кои имаат дозволи за движење во полициски час го користат за да не заебават нас кои седиме дома. Фино – лепо, ќесињата со покупките во гепекот од колата и ајде на излет. Официјалните дозволи се за службени цели. Дел од нив за луѓето со посебни потреби, за луѓето кои и во полициски час мора да се на работа за парче леб, ама, да не кобам, ниту еден нема дозвола да оди на излет. Или – му се може! Да бе, ти се може додека не ти влезе вирусот по дома и после Цацко ти е крив и ајде во карантин или по болници, па респиратори и слични тракатанци. Арно ама , проблемот е што поради неговиот излет денот ќе донесе нови заразени, нови починати, ќе донесе поригорозен полициски час!
Воведниот дел, како концепт за ова Блузирање беше напишан утрото пред денот да ги “донесе“ првите заразени во Кавадарци. И сета заебанција престана во тој момент. Зар корона во градот кој спие на алкохол? Ами нели дезинфекција е ракијата? Да бе, во кои книги го читавте тоа?! Во локалните памфлети за добредојде во градот на виното и ракијата? Или ви лафеле на таканаречената чаршија, која како збор во модерниот речник и не постои. Традиција?! Короната не ви може ништо ако три пати се прекрстите, три пати се бакните, три пати ако се завртите околу првата шахта, три пати ако тресите глупости, три пати ако постирате фотографија од некаква си икона...
Ма состојбата е ептен сериозна и никој нема право да се однесува онака како “шо ќе му прдне“, оти првиот до него наебува. А првиот е и најблискиот во семејството. Така да, да бериме умот во главата. Да не зборам за политикантските глупости кои катадневно ни се сервираат по социјалните мрежи, по националните ни телевизиски програми, да не зборам дека толку доктори сме имале во државата, што е дури и чудно како коронавирусот дошол во Македонија, ма дури и тоа – како дошол во Кавадарци ебати?!
И вие сите кои овој викенд се радувате на вашите дружби и забави по викендичките (?!) на Тиквешкото езеро, на Браната, по Моклиште и слични викенд населби, троа мрднете со тоа мозочните вијуги, малку размислете за вашите семејства, размислете дека не сте сами на овој свет и седнете мадро пред да ве стрефи најлошото, та да ни плачете потоа по разно – разни фејсбукови или слични социјални мрежи како вие не сте мислеле ништо лошо ебати.
Да се разбереме, авторот на овие редови воопшто не е навикнат да седи дома и тешко му е неправењето ништо, особено што е дел од културната и уметничка сцена и е навикнат на слобода на движење и во најлошите времиња кои не стрефиле. Ама ова е нешто друго. Непознато и подло. Така да утре, понеделник, кога ќе излезете од дома, немојте да го нападнете градот со вашето присуство насекаде каде ви се сака и може. Оставете ги маркетите да работат нормално, без да се туркате како да ви е последен ден. Не, не го правете тоа, ќе има и утре! А и брашното и квасецот нема да ви се најде - ќе ви фане глувци!
П.С. Седете дома доколку немате потреба од било што. Со тоа што сте дома, помагате да се намали стресот кај оние кои мораат да се на работа, помагате на службите (општински и државни) да си ја бркат работата за нам да ни биде океј. Не го пцујте комуналниот работник кој несебично си ја брка работата, ги собира “гомната“ на вашата некултура на живеење. Не си играјте мајтап со оние кои ви ја дезинфецираат зградата, немојте да сте себични, фрлете некоа ронка на птиците, оставете ги остатоците од вашиот обемен ручек покрај контејнерите, пред куќа или зграда, за да и уличните животни кои не се ништо криви за тоа што постојат – да преживеат. Ќе ви бидат благодарни.
Како што јас сум благодарен на сета добра музика која деновиве се врти низ интернет, особено низ социјалните мрежи. Човек да се израдува, како да турбо фолк по локалите и медиумите никогаш и да не постоел.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци
.

No comments:

Post a Comment