Monday, November 6, 2023

Блузирање (297-327)

(прва кавадаречка колумна)

Имам еден сет фотографии дома, сликан јас на снегот во дворот на баба Цанка, неполна година, некаде крај на декември 1967, ме ставиле на ќебе (фотографиите се црно бели), над мене замрзната лозница, околу мене се е бело, снежно бело. И до пред некое време мислев дека така ете ме фотографирале, бебе, воа ноа, дека биле само мајка ми, татко ми тука. Оно цела екипа собрана, од вујна Неша, вујче Иван, баба, братучетка ми Цанка со нејзините три месеци, било тоа цела фото сеанса. Автор на фотографиите е Иван Чемерски, тој мој вујко, еден од градителите на модерно Кавадарци, еден фантастичен човек и уште пофантастичен раскажувач на приказни, човек полн љубов, кој пред некој ден ја испрати неговата најголема љубов, мојата најдрага вујна Неша! Шеесет години љубов меѓу моите вујко и вујна, неверојатно. И ете ја испративме вујна Неша. Сега е до мојата мајка Марика, како на времето кога делеле се, кога се топореле низ градот со бебињата Марјан и Цанка! Која ли приказна, цела книга има тука.

Имам уште една купица фотографии во дворот кај баба Цанка/вујче Иван! Понатаму дворот е сменет и има едно ѕидче меѓу нив и тетка Стојна, неверојатен фејсбук и кога немаше интернет од доцните седумдесети и раните осумдесети на минатиот дваесети век. А на ѕидчето баба Цанка, баба Цвета Дињарицата, тетка Душанка, тетка Стојна  и останати комшики кои беа на ѕидчето на “Ресавска“ 3. Плетеа, везеа, лафеа, нормално дека секој што поминуваше таму беше “чепнат“ и озборуван, ама со добра мисла и насмевки на лицата на нашите баби. А бевме (и сеуште сме) внуци и сеуште се обидуваме да ги оддржиме сеќавањата. Оти беа тоа не само баби (мои, на Цанка и Надица, на Тана и Димето, на сето тоа извонредно маало), беа тоа извонредни личности чии внуци (повторно) сме денес... А и ние старееме и тоа како, ама се држиме бре!

По дома ми се мота уште една фотографија каде што јас плачам, а братучеда ми Цанка сеир гледа (имаме некаде четири, четири и пол години), тегниме некоа “кукла“ меѓу нас, за да после три минути е настаната втората фотографија каде седиме како најдобри другари на клупата позади нивната куќа.А нивната куќа е на “Ресавска“ 3, адресата на нашето детство и младост. Паметам, а паметам богами од поодамна. Ако не ви е јасно, нивната куќа е едно од градските места, онаму каде е легендарното кафене “Под липите“, на легендарниот прв триаголник и на човек му доаѓа да се запраша – чуму приказните кога луѓето се тука. Оно кој каде види, како го повденал животот, ама ете ви едно Кавадарци кое го нема. Оти љубовта е неприкосновена, љубовта трае додека ги има луѓето.

Третата фотографија на која исклучително сум горд е настаната пред кавадаречкиот Дом на култура. Мојот внук Јордан, дете и пол, на еден од Тиквешките гроздобери продава бележички. Оно после тоа мајка му Надица не части по една пијачка, па повторно се навративме на дворот на Чемерци, најубавото место во градот ебати! И таму? Тоа е некоја друга приказна! Некои други фотографии!

П.С. Колумнава ја посветувам на мојата вујна Неша, на нејзината болка, на нејзината големина, на нејзиниот раскош како личност, на нејзиниот неспокој и мајка на сите нас, не само на нејзините најмили Цанка и Надица. На нејзината грижа за сите нас. Оти вујна беше величенствена! Царица!

By

Марјан Т.

Бул. “Џон Ленон“ 3

Кавадарци                                     

No comments:

Post a Comment