Saturday, November 11, 2023

Блузирање (298-328)

(прва кавадаречка колумна)

 

“...Ma u ma me me, ma ma u ma me me

Ma u ma me me, ma ma u ma me me

Ma u ma me me, ma ma u ma me me

Ma u ma me me, ma ma u ma me me

 

U tvojoj glavi stanuju, (ma u ma me me, ma ma u ma me me)

Mali crveni patuljci. (ma u ma me me, ma ma u ma me me)

Svakog dana ti pričaju, (ma u ma me me, ma ma u ma me me)

O izgubljenoj djevojčici...“

 

(Psihomodo pop, “Nebo”, LP “Godina zmaja”, 1988)

 

Во Дорјан сме. Лето 1983. Ја, Пецо, Горан, Игор и гитарата на Игор. Во Камп Мрдаја. Си тераме. Не фаќа невреме, Пецо го нема никаде, шаторот се тресе, ќе летне. Пецо се враќа кај четири сабајле, спие во гумениот чамец во влезот на шаторот. Сите ние заспиваме, добро е, ни се врати другарот, приказните ни ги раскажа сабајлето кога одевме по појадок во самопослугата на кампот. Радовиш?! Кој го спомна Радовиш?! И сеуште нерасонети ( до нас во камп приколка имаше некои интересни типови/мешанија од Неготино и Кавадарци) слушаме муабет со гостинки во кампот од Србија, како еден од нив се фали, растура со приказни, а нам ни се спие – ни се плаче. И едниот од нив раскажувајќи како некаде си поминал вели “Кад сам ишо, ишо, каа шлапна у едно вирче!“ И така настануваат легендите, така настануваат поговорките и сличните тракатанци, кои служат за заебанции во животот кој трае и натаму. Никогаш не разбравме неготинец ли го кажа тоа, кав‘дарчанец ли, ама ја донесовме поговорката во Кавадарци и остана пустата. За “Мрдаја“ во Дорјан имам и други приказни, дури и за истото лето, за кумановци и Џим Морисон, ама за нив во некоја друга прилика. Освен кент цигарите и коњакот кои морам да ги спомнам, оти немавме пари, а страшно фино си поминавме, немам што да дополнам.

А се сеќавам и на еден друг одмор, во Градиште, јули 1990, ставаме шатор, тераме одморот со Ќелавиот, Мито Слонот и Пица, ма теравме и супер концерти во дискотеката на кампот (Рамбо Амадеус на пример беше таму), јадевме ќебапи во ресторанот на кампот и ете, од таму ми е останата потрагата по касетофонот на Ќелавиот, кои едни скопјанки кои не префрлуваа до автобуската на заминување, заборавија да ни кажат дека не сме го земале. Секако дека ги најдовме и скопјанките и касетофонот, ама една година потоа. Колку што се сеќавам, имаше тука една неостварена љубов, некои незавршени правни факултети, ама едно сум сигурен – шанкерот во дискотеката во Градиште сеуште не памети. Толку коњак и пиво сигурно до тогаш не точел. За се има првпат. И да запишам, за да не заборавам. Шаторот во Градиште го поставивме на местото/плацот на едно од ООЗТ-ата на Агрокомбинатот “Тиквеш“, до приколките, некаде под рецепцијата на кампот. Екипата на мојот брат Петре (пред да заминат војска) беа сместени на истото место со нивниот шатор. За време на тие десетина дена одмор разбравме дека таа екипа била популарна тие денови низ кампот, исто ко‘ женската екипа на братучетка ми Надица претходната година, која пак го зема со себе и братучед ни Сашо “из Београда“. А бе доживувања и приказни низ годините наназад колку сакаш. И сите позитивни и полни со насмеани лица. Ќе има ли време да се запишат?!

Имам уште многу сеќавања од летните годишни одмори. Едно од нив е патешествието кое го имавме со нашето фиќо до Аспровалта во Грција. Бевме со мајка ми Марика, татко ми Павле, дада Маричка и брат ми Петре. Беше тоа ептен далечната 1973 година. Сега гледам, од дистанца, бил тоа неверојатен летен одмор. А и имам еден куп фотографии од тоа лето. Аспровалта тогаш е една улица, еден маркет, две слаткарници и пет пекари (за туристите да имат што да јадат), останатото беше куќи за издавање над патот, а под патот беше кампот. Ние бевме сместени во куќа до кампот, а остатокот од екипата, другарите на стариот со семејствата беа сместени над патот. А на плажа (извонредна песочна) се одеше во кампот каде низ годините потоа бевме и кампувавме феноменално уште неколку пати. Нејсе, таа 1973, дел од другарите на стариот носеа помош (оти, сите бевме мали деца) припомош за чувањето на клинците. Така, таму со вујче Иван, вујна Неша, братучетките ми Цанка и Надица, беше и нашата баба Цанка. Оно, она имаше и другарка, баба Ката на Јулијана и Ванко баба му, така да – ѓоа дома сме биле богати. Само што нашите баби беа во црно од животни загуби на драги луѓе, кое патем црнило не го симнаа до крајот на животот и не одеа на плажа, само беа вистинска помош на, тогаш, младите семејства и нивните деца. Затоа и паметиме и не забораваме. Никогаш.

П.С. Тоа лето, 1973 година, повеќе од приказни, отколку што паметам на мои шест години нели, на враќање од одморот кон Македонија, пола натоварени работи на багажникот на фиќето заминале по пат. Едноставо багажникот на фиќето толкава висина на товар не можел да издржи. Благодарејќи на добри луѓе од Грција, сите работи ни биле вратени. А била тоа 1973 година. Пред пеесет години ебате!


By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment