Sunday, November 26, 2023

Блузирање (299-329)

 (прва кавадаречка колумна)


“Volim slusati radio

volim slusati radio!

o-o-o radio !

o-o-o radio !”

(Haustor, “Radio”, LP “Haustor”, 1981)


Вообичаено во деновите кога сакам да сум свој слушам блуз. Во останатите денови слушам рок, што не значи дека не сум свој. Напротив. Тек‘ тогаш сум свој и ничиј друг. Иронијата секогаш си го покажува своето и не удира по главата. Дали тоа јас нешто пишувам и “тресам глупости“ или тоа нешто читам од извонредни новинари и колумнисти или пак едноставно тоа е некоја добра книга од одличните нови генерации македонски и светски писатели. Ебати, нема сигурно да гледам пренос од парламентот или слични тракатанци у боја?! Ма дај, да не се заебаваме, барем ние сериозните луѓе знаеме како да ги избегнеме глупостите на новородените “врвни“ стручњаци во областа која и не ја владеат. Оти да владееш област, треба да си посетил некој настан од таа област или едноставно – да имаш диплома бре со сериозен печат на искуство на неа и да имаш нешто реализирано со своето знаење, а не само со буџетски пари да го курдисаш чаламот и сите да заборават на тебе пет минути потоа (уште еднаш) бре! Катастрофата во секој случај е катастрофа. Партиските деликвенти и ситни души ни ги донесоа изминатите триесет и озгора години најсуптилните  глупости, најтрауматичните изговори, ни ги донесоа ефтините партиски пропаганди, матер му, оти ние кои се родивме и нешто научивме низ животот, демек ништо не знаеме. А бе иди бегај, да ти ибам тоа препаметните на кои им смета се што е вредно! Вулгарен сум?! Некому сметам?! Таа е јеби га! Јас на вас, вие на мене, та кој ќе надвладее. Оооо, секако вие, оти сеуште има добра паричка од седници, службени патувања, софри, корупции, арно ама... И утре има ден, море има убав ден! Не верувам дека има за оние кои живеат во минатото кое и не е нивно и ги оптеретуваат сите околу себе со историја која си толкуваат секоја минутка различно, во зависност од каде идат паричките. И утре сите со огромни радости, со тие исти парички ропај по (пре)скапи кафани, по коцкарници, батали семејство, истури се на брзи кредити, па троши пари, па после тоа никој да не знае каде си, дури и твоето семејство. Некој друг е виновен? Неее! Сите сме виновни, сите до еден кои сеуште сме овде. Ама таа е. Заеби реалноста, тури пет банки на олтарот на религиската забеганост (религиите ги водат војните, не обичните смртници), запали свеќа и до тука е јасно. Свеќата нека свети, а ние по дома ќе чествуваме. Море и ќе пиеме пиво и вино и пред тоа добра ракија. Оти без пијачка, нема разбирачка. Така некако ќе му дојде нели. Нели е така бре “врвни“ членови на вашата едикојаси партија?!

Се изпозанесов. Друго ми беше зборот. За убави работи. За прошетките низ убавините на Македонија и Балканот. Ете, се стори од пред некоја година имаме скромно возило, кое, патем, го вози мојата сопруга, мојата љубов, мојот сопатник низ перипетиите на животот, мојата Билјана. Имав среќа за овие три години да ја пропатуваме заедно пола Македонија и дел од Балканот, од Берово, Кочани, Радовиш, Скопје, Виница, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Неготино, Ваташа, Клепало, Смојмирци, Велес, Бар, Дорјан, Гевгелија, Неи Епиватес, Солун, Шушањ, Будинарци, Штип и др. А следуваат Котор, Врање, Сандански, Разлог, Мелник, Струмица, Дубровник, Битола, Охрид, Мостар, Струга, Дебар и дебарско (Џепиште), Сараево, Тетово, Гостивар, Кратово, Софија, Дреново, Белград и уште два - три градови и гратчиња. Ништо не е авантуристички, се е испланирано и подготвено пред тргнување. Затоа што авантуризмот заврши раните девеесети на дваесетиот век. Попатно некои фини нешта, ко што ни се случи во беровско, каде налетавме на една извонредна екипа велешани, ќе сретнеме добри луѓе кои патувањата ќе ни ги направат незаборавни. А вие тегнете политика, замарајте се со “паметњаковиќи“ кои од завчера решиле да ни го подобрат животот. А бре нетокму ниедни. Ако јас не си го направам животот подобар самиот, можете слободно да потонете со мене.

Затоа и натаму читам добри книги, го малтретирам Галапче Галапчев да се разменуваме за читање книги, списанија и стрипови, добрата музика во меѓувреме се подразбира, ги почитувам оние кои ме почитуваат и си го терам животот, онака искрено, со сопствен став за општествените појави, со реална и издржана критика за истите, биле тоа културно – уметнички случувања, биле тоа комунални непогоди и слични заебанции кои ги носи животот. А вие криете се зад вашите патрони и останати, демек надмоќни, а ситни души, типови на кои некој друг им го заработил животот.

П.С. Своевремено, од раните до доцните девеесети имав емисија на тогашно Радио Кавадарци (205 изданија) која се викаше “Музички клуб“. Од рок и блуз не пуштив ништо поинакво. Првата тема која ми одеше во емисијата беше насловена како “антихит“. Една од темите која беше антихит, а на која деновиве ме потсети Тоше Манев беше “Love Spreads“ од The Stone Roses, од еден од нивните извонредни албуми Second Coming“.

Инаку, за некој ден одам на кафе кај најблиските луѓе во мојот живот, се разбира освен мојата доживотна сопатничка чие присуство во животот ме прави да сум најсреќен човек на светот, па да ги запишам семејните истории, патешествијата на луѓето благодарејќи на кои постојам, а кои ги знам само од семејните приказни. Овојпат со сниман и запишан збор, па да оваа самобендисано наречена прва кавадаречка колумна добие некој нов формат и ги избегне стапиците на животот и навлезе во апатија и депресија. Оти многу рокенрол имало во моето семејство низ децениите наназад и без за тоа да знаат моите најблиски роднини. Допрва следуваат животни патешествија. Да сме живи и здрави!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment