Thursday, December 7, 2023

Блузирање (300-330)

(прва кавадаречка колумна) 

Еден ден, ама еден стварно убав ден, се ќе биде поинаку. Нас ќе не нема, а за тоа кои сме биле и што сме оставиле зад нас ќе зборува пред се зборот што сме го кажале. Дали тој бил издржан или вредел само таа секунда и пол од кажан до слушнат. Секако за многумина важи и што оставиле зад себе како дела, дали се реализирале како луѓе, дали чесно си го одживеале човечкиот век и не подлегнале на притисоците кои ги носат општества како нашето. Недоречени и нереализирани општества кои застанале на вратата на демократијата и се плашат да влезат. Запустено општество во кое оние кои се реализирани како луѓе и професионалци, а кои имат уште многу да кажат и придонесат се маргинализирани. Дел од нив се тивки затоа што така самите одлучиле, дали од непотребен страв или од некоја друга позлобна причина – сами си знаат. Добар дел од нив уценети, притиснати, повредени и навредени и немаат сила, изгубена им е попатно во нивната борба со секојдневието полно со самобендисани неостварени и болно амбициозни типчиња, од кодоши, од озборувачи и лажговци. Од самата злоба која како да е всадена во ова секојдневие кое не да тапка во место, туку тони со засилено темпо. А општеството има име, се вика држава, во случајот Македонија, има и градови затрупани во својата провинцијалност без намера да дозволат оние кои знаат и умеат да се раскрилат, та да се раскрили и општеството и сите ние да си тераме работа како знаеме и умееме, колку што можеме. Оти никој не е вечен. Ама по се изгледа овде ништо не значи ниту самата ограниченост на човечкиот живот. Мислиш ќе се живее вечно, а вечни остануваат само оние за кои идните генерации ќе прозборат некој збор, не оние на кои им креваме споменици само затоа што на некој кој во моментот владее му се присакало. И така триесет и озгора години, а никаков знак на надеж нема дека нешто во блиска иднина ќе се промени.

Нејсе, друго ми беше зборот. За луѓето кои не напуштија кога ни беа најпотребни. А во меѓувреме се случи трагедијата со малечката Вања и пензионерот Панче. Она што овде во изминатите изданија на колумнава е говорено, не од што авторот на овие редови е препаметен, туку од што не се научивме да бидеме добри луѓе, од што не научивме да се наумиме и да тераме низ животот без да им сметаме на другите, без да нанесиме некому болка. Така да нема друга приказна, туку најстрога казна по сите законски основи за сите злосторници! И да, најстрога казна за сите кои не почитуваат закон. Биле тие сообраќајни прекршоци, биле тие локални шерифи, биле тие на врвна функција, а сториле зло, биле тоа локални или национални дрипци кои ги заболе за нашиот обичен живот, биле тие криминалци од најголемиот маштап, ројки кое и не знаат, едноставно кажано – да се потпишат бре. Страшното е тоа што се полуписмени, а најстрашното е што писмените молчат и дозволуваат овие монструми да владеат со нив. Тешко нас и во иднина со ваквите. Непрокопцани и “храбри“ со нивните моронски навики да нанесуваат зло каде и да стигнат. Убиецот е лоциран, фатен и ќе одлежи затвор. До крајот на животот на државна храна, во некој затвор низ државата. За скоро ќе заборавиме и на убиецот, ќе заборавиме и на Вања и на Панче, ќе заборавиме и на нашите коментари по социјалните мрежи, ама едно останува. Најлошо во сето ова е што забораваме на себеси. На себеси и ројките околу нас чиј неприкосновен и убиствен шалабајзерки живот го крои и нашиот живот. Останува белегот дека имаме убијци околу нас! Бескруполозни убијци!

П.С. Нема П.С. Само тага и невиден пораз на сите обични и нормални луѓе. А такви сме повеќето, нели? Или само се занесувам со добрата мисла?!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment