Thursday, April 20, 2023

Блузирање (288-318)

(прва кавадаречка колумна)

Се сеќавам на моето прво влегување во култниот Пица ресторан “Астрато“ во Кавадарци. Беше тоа со Ристо Соколов Сокол, мојот Рики, еден и единствен. Една вечер ми вели  “Има нов ресторан во градот, го држе едно убаво дете, Деан се вика“. “Одиме“ му викам. И натаму се е една прекрасна историја. Од рок, преку џез и тамбураши, до фина хармонија меѓу добри луѓе и професионалци во својата фела.

Првото мое одење во “Астрато“ е бааѓи историско. Влегуваме, полн ресторанот, една маса слободна/резервирана само за Рики, седнуваме, доаѓа газдата, се запознаваме и тој вели: “Ти ли си тој Марјан Т.?“ вели  “Ја сум Деан, еве ти го пасвордот од компјутерот и прави избор на музика“... Еј, која почит од Рики за муабетот и од Деан Астрато за вербата. Сум направил таа вечер таков избор на музика за сите гости во објектот, како никогаш пред тоа. Почитта зборува, нели? Е сега друг е муабетот, како јас си заминав раното утро поттоа од “Астрато“, го згрешив излезот, излегов на “непознат“ терен  (од заден работен излез), целиот бев извичници над глава “Каде сум?!“, а зебанцијата најголема е што живеам на пеесет метри од “Астрато“. Нејсе. Од тој ден “Астрато“ беше мој втор дом. А Деки – брат! Таму беа претпоследните изблици на кавадаречката жива уметност. Првите и единствени културни и уметнички фестивали во Кавадарци, каде своевиден и единствен раскош доживеа живата (во тоа време) кавадаречка уметност и култура. Единствени “виновници“ за тоа се Ристо Соколов Сокол и Деан Астрато Мелов, двајца величенствени и несебични човеци! Треба ли да ги набројувам уметниците кои беа дел од уметничките фестивали во “Астрато“ во 2010 и 2011, па на фестивалот на Деки и Рики во Дреново?! Не, сами ќе се препознаат, оти беа учесници, испоштувани со сите тертипи, ако они заборавиле, нека им служи на чест. Пред да се појави Уметничкото студио “Сокол Арт“, отвореното ателје на Ристо Соколов Сокол, “Астрато беше последниот уметнички “експлозив“ и уметничко стварање и дружба во Кавадарци. Сега градот е друга приказна. Комерцијална! И да, двата фестивала на културата и уметноста во “Астрато“ 2010/2011 носеа наслов “Денови на уметноста, културата и виното“.

Во меѓувреме бевме извонредни гости на “Астрато“. Жикето (врвниот келнер со почит за секој гостин, не се родил таков) знаеше кој гостин што сака, Деки правеше пици, сосови, ‘талијански тестенини, благи работи од кои до ден денес не сме опоравени – сеуште нема подобра пица во градот од “Астрато пица“, се друго понатаму е чудна и невкусна тестенина. Се разбира, овој блузер зборува од сопствено искуство, ама Пица рестиран “Астрато“ беше наш простор, ама баш наш, простор на убавите градки луѓе, седенки и дружби. Можеби некој и ќе се препознае!

П.С. Денес сме сите кој каде виде. Ете јас сум во Дом на култура Кавадарци.... И Ацо е во Дом на култура, Жикето (сега е кај Спанџата), а тука се Билјана Соколова, Тони Коцев, Гого од Швајцарија, Ванчо Кеков од Гимназијата, Анета е у Страшо пинџур, Ромбо е на небото заедно со Рики и којзнае шо праат, кој глупости таму ги прават како што беа скроени и да не ги броам, оти ке треба цел ден да пишувам имиња на луѓето кои беа дел од фестивалите и дружбите во “Астрато“. Да сте ми живи и здрави!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment