Wednesday, September 21, 2022

Блузирање (281-311)

 (прва кавадаречка колумна)


(Kazu da negde ipak

postoji grad

pod zastavom kise

iznad krovova

otvoren grad

otvoren grad…)


“Grad” – EKV, LP “S' vetrom uz lice”, 1986


Понекогаш се случуваат фини нешта. На пример, знае тој мал фин и ограничен рок публикум да дојде на рок концерт. Не на тезга свирка во некој клуб (респект за клубовите кои ги носат и за бендовите кои добро рокат за парче леб, но и за радост на присутните), туку на солиден едночасовен рок концерт, како што последно се случи на концертот на младите рок музичари од Луфтханза во кавадаречкиот Дом на култура. Фина, рок атмосфера, без некоја потреба од филозофирање, ама симболиката е јасна – квазимузичкиот дел на манифестацијата Тиквешки гроздобер (без ниту еден рок бенд од Кавадарци), кој беше своевидна Ивкова слава или што би рекол еден драг пријател “ко’ на српска свадба, три дена трубачи“, докажува дека музичкото малцинство во овој град и не се почитува (освен ако не мора од икс причини), колку и да си раскажуваме приказни дека ние сме којзнае што. Турбо – фолкот и општествено и политички и трауматично и забегано и фамилијарно – владее со овој град. И тоа е невидено зло. И да, нема повеќе приказни, има само сентиментални сеќавања дека во одредени години во Кавадарци се почитувале и поинаквите, оние различните, оние чиј живот не зависи од тоа дали на локалните дрипци насабајле имало кој да му го плати кафето. Ебати! Да не лафам колку на блузерот му се гади од ситната боранија која не ги почитува ниту основните општествени постулати на живеење во еден град. Град?! “Ма иди мало причај ми о томе“.

А не дека Кавадарци немал блескави моменти и приказни за кои и ден денес се раскажува. Напротив. Тоа не зависи од ничији мочани политички амбиции, туку од љубовта кон сопствениот град и почитта кон граѓаните кои животот си го оставиле овде и сеуште размислуваат – дали не згрешивме што останавме?! Та да ни “го ебат звањето“ дилетанти и подлизурковци. И не дека сега овде авторот на овие редови се прави нешто паметен. Далеку било. Ама не му е сеедно при илјадници тони измазнет асфалт “да гази кал“. И немојте да ме терате да ви давам примери за тоа во овој момент, па за тоа пишувам , се блузирам и јадам “гомна“ речиси седумнаесет години од првата напишана и самобендисано наречена “прва кавадаречка колумна“. Нема овде “жал за младост“, нема овде ништо друго освен гола љубов кон родниот град и желбата тој да биде пристојно место за живеење. А не приватна “прчија“ осудена на пропаст! Не ви изгледа дека е баш така? Аха. Се читаме повторно наскоро, со нови моменти од заебанцијата наречена живот. И да, благодарност за Пеце од Суперхикс што ни ги донесе Луфтханза во Кавадарци!

П.С. Колумнава ја пишувам на денот (21 септември) кога во 1958 е роден Милан Младеновиќ, човекот чиј збор и музика важи и денес. Можеби повеќе отколку вчера. Еве и сега, си пуштам ЕКВ и кулирам. Размислувам и кулирам. Кулирам и размислувам – Кавадарци пристојно место за живеење. Еден ден, ама еден стварно убав ден!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment