Tuesday, October 4, 2022

Блузирање (282-312)

(прва кавадаречка колумна)


“Pivo, konjak, stock

pivo, konjak, stock

pivo, konjak, stock

pivo, konjak, stock

i tada znam da citav svijet je moj…”


(“Pivo, konjak, stock” – Fantomi, LP “Veliki odmor”, 1990)


Првичната замисла беше да се напише некој збор за кавадаречките урбани легенди. Некои од нив сеуште овде, активни, живи, здрави и вредни, некои од нив пак тивки до вистинскиот момент за експлозија, голем број од нив повеќе не се меѓу нас, ама се чувствува нивното влијание и денес и како да ни велат од којзнае каде дека сеуште не е време за предавање. Пред нас се денови и години на фина борба против простотилакот, злобната мисла, озборувањето, борба против примитивизмот, кодошењето и омразата на сите оние кои размислуваат со своја глава, борба против сите оние кои имаат вкоренет ген против поинаквите и – слободните. Првичната замисла овде прави пауза, бидејќи авторот на овие редови стокмува приказни за поединци кои се дел од урбаната градска историја на Кавадарци, луѓе кои на свој начин го задолжија градот и нивните имиња ќе опстојуваат додека постои барем еден урбан човек, додека не не покрие прашината на заборавот, која започна да се таложи некако забрзано. За жал во 21 век, најурбаниот светски век.

А другото? Другото оди вака: Колку ли само себично размислувам понекогаш (си велам во себе, а вас баш ве заболе за тоа). Е оти така?  Ами колку ли само направивме изминатите години и ебати, оставивме нешто позади нас. Богами оставивме. А што тоа оставивме? Ако сега набројуваме (а зошто да не?!), произлегува дека се фалиме. А зошто да не се фалиме? Да не е тоа некоа маана?! Оти оваа 2022 завршува наскоро (?!), па ете ја следната година и ете не повторно на сцената, која и не е сцена, туку е постојана борба за пристојност и урбана независност, борба против руралното, борба против психијатриските случаи, борба против неработниците и просечноста, борба за нормалност пред се. А што значи нормалност ќе прашате. Па коегзистенција на различните и радост на живеење токму поради различноста и убавината на животот, онака како што секој си го замислил без да го повреди на било кој начин – другиот. Е сега, тоа што вие се гледате низ призмата на парите и не мора да читате понатаму. Да, економска криза е и тоа голема. ама призмата на парите и алчноста на остарените диктатори низ светот направија нашите мали држави сето ова да го доживеат како катаклизма. А за да тоа се потврди, се грижат тукашните љубители на “камшик“ и националисти по потреба, фејсбук војсководци и оригами политичари и се зависи од тоа на каде им врти чекмеџето за полнење. И нема да не убие борбата. Ќе до\ивееме длабока старост неколкумина, кои ќе се заебаваме со генерациите чие детство ќе биде бетонирано. Џабе нашите баби ни забрануваа да седиме на цементото!

П.С. Кавадарци 2099 – асфалтирана и последната улица во последното село во општина Кавадарци. По само 17 години изведба, асфалтот ќе сјае, без разлика што неговиот квалитет ќе нема да го проба ниту едно возило. Најстариот и последен жител во селото, 37 годишниот овчар со потекло од Австрија изјави – Јебале вас ово моје две овце, ја не сакам тука да живеам сам, го запали авиончето и си замина во неговото родно село во околината на Салцзбург, каде планира да се занимава со продажба на сувенири и секако со занаетот кој го научи во Кавадарци, изградба на тротоари по кои нема кој да се движи. Што се однесува до другите вести, бетониран е и последниот тревник и свечено е пуштен во употреба маалскиот дуќан, во кој последните жители на “Илинденска“ ќе можат да се снабдат со вотка од Уганда, жолта ракија од Мексико, тоалетна хартија од Паликура, понекое ЦД со патриотска музика и секако со минатогодишен леб произведен во остатоците на сибирската околија. Сопствениците на дуќанот се надеваат дека наредните години ќе можат да набават за своите муштерии авганистански свеќи за квалитетно осветлување на нивните остатоци од домови. Последна вест: Жителите на Третата колонија од Галаксијата Џаспар, автохтони Кормиланци кои таму се населиле по распадот на нивната планета,  разочарани од условите за живот на остатоците од планетата Земја се вратија дома, задоволни единствено од набавените изданија на земјините музички и литературни класици. И секако од изобилството неупотребена тоалетна хартија. А ја како старудија од 132 години пропаднат во прастариот тросед се ситам и си викам – ви реку ли, ви реку ли, ви реку ли! Ај отидов да го читам последното издание на “Дилан Дог“!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment