Monday, January 10, 2022

Блузирање (272-302)

(Прва кавадаречка колумна)


Го слушам новиот албум на Џони Штулиќ “Сплет“. После толку години, Џони не благослови со парче нова музика. Фино чуство дека убавите нешта не се ближат кон крајот и покрај напорите на белосветската багра раскомотена дури и кај нас. И се сеќавам кој ми беше првиот албум на “Азра“ во рацете. Станува збор за своевидната компилација, а во суштина регуларен албум на Џони и Азра – “Singl ploče 1979-1982“. По една роденденска журка некој ја “лапна“ и замина некаде да свири на некој туѓ грамофон. Добро, си бркав често во џебот па се врати неколку пати низ годините потоа во мои раце, па и во вид на плоча, па и како ЦД, за да денес “вирее“ во некои фолдери, се мота (и свири) по некои УСБ-а. А во сеќавање ми е и едно лето (1984) во Радовиш, кај Владо и Сашо, каде го “утепавме“ од слушање на нивниот грамофон. Среќата беше што и тие ја имаа истата плоча. Беше тоа фино лето во Радовиш. Освен албумот на “Азра“ беа тука и забавите во “Ловниот дом“, “Панорама“, “ЗИК-от“, на стадионот на “Бучим“.

Паметам, а паметам богами од поодамна, беше крајот на седумдесетите минатиот век. Ме потсети снегот кој денес интензиво паѓа (понеделник, 10 јануари 2022) во Кавадарци. Тие години новогодишните елки по домовите не беа пластични, туку природни. Таа Нова година имавме природна висока елка, забодена во цреп. Радостите вообичаени како и кај сите деца, а елката накитена со стаклени лампиони, безброј шарени бонбони и една пластична ѕвезда со ликот на Дедо мраз. Таа ѕвезда ќе ме следи низ годините потоа до таму некаде 1997. А што се однесува до новогодишната елка, некако како и сите пред тоа, па и потоа и дојде време за раскитување. А по раскитувањето, да биде доживувањето запаметено, така раскитена и сеуште раскошна, ја товаривме на багажникот од фиќото кое тогаш го имавме и правец на Витачево. На таа (тогаш раскошна житница, не сте знаеле?) одбравме фина шумичка со борови и елки, го скршивме црепот, лопатата во раце и ја засадивме. И ден - денес во себе си мислам дека е сеуште таму, дека само чека од некаде да се појави ѕвездата со Дедо мраз и да имаме повторно весела средба. Таа натоварена со снег, а јас натоварен со лампиони. И додека гледам низ прозорецот како сеуште силно паѓа снег, разочаран од сообраќајното безредие низ градот, од луѓето кои не научиле дека снегот треба да се испочитува пешки, а не со нервозно возење, си ветувам самиот дека овие денови ќе се качам на Витачево и ќе ја побарам мојата елка. Па во тишината создадена од снегот, без збор ќе си посакаме се најдобро. Јас нејзе да трае уште сто години и да биде раскошна во сите (не)времиња, а таа мене не мора да ми посака ништо. Важно е да биде таму.

П.С. И сега имаме елка. Пластична е, ама годинава е нова, поголема од лани, поклон – изненадување од мојот сопатник низ (не)времињава, мојот живот, мојата Билјана. Во моментов ја гледам, ме смируваат сијаличките на неа, ги гледам лампионите кои заеднички ги закачивме и се радувам силно што на неа има и фотографии од нашето заедничко патешествие наречено - живот. Традиционално ќе ја раскитиме некаде по Василица и истата вечер ќе играме јамб. Фино е понекогаш човек да биде патетичен. Нормално, ако се има зошто и со кого. А за Кавадарци во 2022? Па има време, ќе се изнапишуваме и изначитаме низ деновите кои доаѓаат. Е сега, дали Кавадарци ќе биде овде за нас и дали ние ќе бидеме овде за него, тоа е некоја друга приказна, ни најмалку патетична.


By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment