Tuesday, January 18, 2022

Блузирање (273-303)

(прва кавадаречка колумна)

 

“Vrijeme curi, ova godina isparila je kao prdež iz babinih gaća, pa odmah sada treba djelovati sadržajno, kvalitetno, konstruktivno, u skladu sa svojim uvjerenjima“

 

Rambo Amadeus - “Kilo i Eko tzarsku Poslanicu povodom ulaska u 2022 godinu”, 15 јануари 2022

 

Ви се падна паричката? Ма секако дека ви се падна. Во морето бадникови и василичарски бдеења над пупчето и со кршењето на тоа исто пупче со семејството, со другарите, со колегите од работа, со колегите од претходната работа, со екипата од маало, со комшиите од спратот, со комшиите од влезот, со балд‘зата и зетот, со друштвото од оѓинот, со кумот и кумата, со старосватовите, со баџанакот и деверот, со дечките од старото маало, па со четворката за хан и оти да не и со другарките на сопругата, секако и со другарите на сопругот и се така во недоглед со сите кои ги познавате и се така додека не сетите дека паричката ви е во раката и ете среќата ќе биде цела година со вас. Дали? Немам поим, вие си знаете.

Деновиве бевме сведоци на карикатуралните “сеанси“ на Новак Ѓоковиќ и државата Австралија. Се претера малку нели, особено со вниманието посветено на една бирократска и здравствена заебанција. Интересно, моментално најдобриот тенисер на светот, ќе треба да и плати на државата Австралија 500 илјади долари судски и останати трошоци. Си има – си може. Оно, можеше да си ги заштеди, ама (уште еднаш) си има – си може. Интересно е и тоа што овие денови социјалните мрежи беа полни со “информации“ за сета бламажа на невакцинираниот Ѓоковиќ, пример бил и икона (бре-бре) за сите антиваксери, како тоа баш нему му е нанесена неправда, па лупај лајкови ко‘ такозвани Ноле да ни е најблиска рода. Па биле фашисти политичарите од Австралија, а ваму пола Балкан (роднини на остатокот од Балканот) таму живее, заработува, гласа на избори и плаќа данок во таа истата Австралија. И уште нешто е интересно, тој истиот “Ноле“ своевремно дава изјава дека сака да ја посети Македонија, особено Охрид. Е добро де, илјадници луѓе имаат желба да ја посетат Македонија, особено Охрид и ќе платат за таа посета, а не да бидат пречекани ко‘ Хајле Селасије. И каква врска има тенисерот со Кавадарци?! Само виртуелна и тоа со неговите (исто така) виртуелни навивачи кои не разликуваат закон од популарност. Чест на реални поединци/навивачи/познавачи на тенисот/почитувачи на законите. И толку за Ноле, кој во моментот е најдобар тенисер во светот, ама дечкото си има некои проблеми, па нека си ги решава сам. А можел едноставно да се вакцинира, нели?!. Ма и онака тенисот е спорт чии врвни турнири ги гледаат само баснословно богатите. А ние сме така далеку од тоа, квакнати пред телевизор доколку сме платиле кабловски пакет па да ни “врти“ тениски меч по дома. И нека. Белосветските тракатанци и онака немаат крај. А тоа што македонската ракометна репрезентација уште еднаш учествуваше на Европско првенство и не беше некоја вест деновиве. А самото учество е голем успех. Ама, за жал, Ноле ги покри сите останати битни секојдневни нешта и замина за Дубаи, призна до Белград, па замина во Шпанија духовно да се изрелаксира. За да му биде полесно на душичката, се очекува во деновите кои доаѓаат балканците кои “духовно“ се иселија од матичните земји, та и од Македонија, та и од Кавадарци, во разно – разни Америки, Австралии, Германии, Швајцарии, Шведски и слични сиромашни и недемократски земји масовно да се вратат на богатиот и демократски Балкан и да заиграат тенис. Ништо друго не е важно. Се шегувам. Или пак не?!

П.С. Годинава (2022) се навршуваат 35 години од издавањето на албумот “Као какао“ на Леб и сол, 25 години од издавањето на албумот “BoX“ на Last Expedition, 25 години од издавањето на албумот “Melourgia“на Анастасија, 10 години од издавањето на албумот “Африка“ на Суперхикс. Во 2022 се навршуваат 30 години од одддржувањето на првиот “Тиквеш Рок Фест“. А да потсетиме не ќе е лошо, минатата (2021) година се навршија 30 години од издавањето на албумот “Svjat Dreams“ на Мизар и исто 30 години од издавањето на првиот албум “Архангел“ на Архангел. Во 2021 се навршија и 40 години од оддржувањето на првиот “Рок Фест“ во организација на ревијата “Екран“ чие финале се одржа на Градскиот стадион во Кавадарци.


By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment