Sunday, November 6, 2022

Блузирање (284-314)

(прва кавадаречка колумна)

И цел живот ти лафат (па и те лафат), не се топори, седи мадро, не се истакнувај, не “штрчи“. И тоа е, ебати. Чест ми е што не сум замолкнат и сеуште се “топорам“. Оти молчењето е лоша сила која е вперена против тебе, а слободниот глас и збор излегува од тебе. И се чита и слуша. Еве ја колумната, си тече, па макар самобендисано наречена – прва кавадаречка. И да не се повторувам – ако имате нешто да кажете, бујрум напишете нешто и со име и презиме да се истопорите пред јавноста. Ако не, ај прошетајте по тоа омилените портали и изигравајте експерти и спасители. Само немојте да се бавите со квази новинарство, оти за новинарство не ве бива. Отровот наречен – “коментар, колку да се коментира“ на некоја од социјалните мрежи, само зборува за нас.

Друго ми беше зборот. Дека минува времето, а ние брзо забораваме дека овој град не е од вчера, дека во себе изнедрил еден куп луѓе кои секој на свој начин го задолжиле градот, државата и светот. Да, Кавадарци не е од вчера, историчарите и хроничарите на овој град убаво запишале, кој, каде, зошто, за кого и слично. Кавадарци има еден куп имиња, се разбира како општина кои ги опфаќа сите населени места во неа, каде се родени и живееле и буквално се великани на својата професија, кои допринеле за Кавадарци да се слушне и до последната точка на земјината топка. Фала богу по арно, а не по тоа дека заебале некого, та им се срушил сиот свет врз глава. Со оглед на тоа што ова колумна е посветена на Кавадарци, а и авторот на овие редови и покрај сите перипетии и жестоки замки кои ги нуди и реализира овој град е роден и сеуште живее и работи во него и си пишува чат – пат за истиот и денес сме тука некаде, во Кавадарци. Си мислам и си “праам бајрам со умот“, зошто оние луѓе, кои го задолжиле својот роден град немаат никаков белег низ него. Родени овде, живееле овде, оставиле белег низ и во градот, та заминале во бескрајот на животот токму од и во Кавадарци. Би  набројал дел од нив: Ристо Соколов Сокол, Никола Баснарков, Дејан Костов Лиса, Васо Ангелов, Боро Клашев, Ѓорѓи Чемерски, Глигор Гечевски Ивче, Ано Кимов, Ико Илиев Гранде, Бранко Меко срце, Димче Мешков, Панта Малинков, Гоце Јосифов Ромбо, Ќиро Ангелов Маренецот, Точо Дуков, Душко Ѓорѓиев, Душко Чемерски, Ило Лазов Маренецот, Јованче Чемерски, Благој Мангаров, Ќиро Суло, Вано Малинков Ќендо, да не ги спомнувам без врска (со почит кон нивните семејства) Блашко Толев, Петре Тодоровски, Мишко Митрев, Сашко Гешовски и многу други, кои заслужиле барем една скромна табличка со основни податоци за нив закачена на нивните родни живеалишта или објект каде го оставиле својот работен век и живот. Уметници, музичари, спортисти, чаршијари, основачи на најголемите фирми на времето во градот, земјоделци, доктори, обични градски луѓе со белег, деца на градот, писмени човеци, воденичари, партизани и слично. Џабе улици, тротоари, булевари, згради, ако нема луѓе кои не забораваат дека пред нив имало неколкумина кои го сакале градот и околината и се дале себеси во тоа што најдобро знаеле да го прават, дека имало душа на небото над Кавадарци.

И така, си тече животот, ние со него течеме кон заборавот и да не се драгите луѓе околу нас, нит‘ бутур, нит‘ свеќа, нит‘ збор ќе има позади нас. Ќе ни гнијат гробовите, ќе ни мувлосат надгробните плочи, заборавени од сите!

П.С. Да сме живи и здрави, ќе се читаме некаде по Новогодишните празници. Може ќе не фатат и празниците кои допрва ќе се измислат. Ама за арно да е. Авторот на ова парче самобендисано наречено прва кавадаречка колумна “Блузирање“, негова лична слободна територија, ќе прави малку подолга пауза од оправдани причини. Намерата му е наредниов период да се занимава со некои приземни работи како обид(и) за публицистика, средување на некои лични литературни авторски творби и нивно издавање и некои други ситни фини нешта кои немат никаква врска со пишување или објективна критика на секојдневието кое така жестоко ни се мота низ Кавадарци. Ма секако дека оваа колумна нема намера да замре. Барем додека авторот има што да каже. А тоа ќе потрае. Се читаме во следната средба за два – три месеци. Бидете ми живи, здрави и весели. Не верувајте на лажната слика, ибите му пиперот на фејковите и со здрава памет во наредниот ден. May the Force be with you!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment