Wednesday, February 15, 2023

Блузирање (285-315)

(прва кавадаречка колумна)

 

“Pred vikend vrisnulo je veče

Da se otisnem u grad

Ako se to mesto može

Nazivati gradom

Jer taj prostor sve je više

Pustinja i jad,

Za nove varvare raj

Za ostale pakao”

 

“Obrnuti Red Stvari”  - Kralj Čačka & Nina Bajsić  (од радио претставата "Soundtrack za film koji nije snimljen" (RadioTeatar)

 

Кога човек јавно ќе сподели сеќавања, вообичаена е интеракцијата со туѓи сеќавања и тука нема “љутиш“. Арно ама, ако споделиш сеќавања за општествени појави, за личности кои и не заслужуваат да се наречат “човек“, е тука идат реакциите дека сите имаат свое мислење за нечиј живот, та’ како тој бил фин човек и како и после неговото бавење со политика треба да има живот (ко’ да пред тоа немал) и да се врати меѓу обичните луѓе и да продолжи. Е добро де, никој не му пречи да се врати меѓу обичните луѓе, само нека се пази дали некаде низ неговиот мочан и случаен четиригодишен политички “мандат“ не упропастил нечиј живот, не заебал некоја институција во нејзиното функционирање или едноставно не се заебал самиот себеси со неговата арогантност и сезнаење. Оти, има утре, има нов ден и слични тракатанци, а ние имаме слабо паметење за таквите самобендисани – “Ма воздра“! Генијалци?! Не! Морони!!!

Од поодамна овде имаме слабо паметење. И тоа трае  повеќе од триесет години. Сатиричарите би рекле дека почетоците на слабо паметење се и пред Тито да го здоболи ногата. Велат истите дека кога му ја пресекоја веќе беше доцна. А потоа, потоа почнаа страшните и трагични години на овие забегани балкански простори. А уште потоа следуваше тоталната моронизација и сеуште криминалната транзиција. И таа трае, трае, ко’ некоја игра од нашето детство, на пример “мижитатара“ – никогаш да не го најдеш и “поплукаш“ последниот. А во Кавадарци? Ами вие си знаете! И не ме прашувајте од каде знам.

Пред неколку денови на социјалните мрежи објавив песна, не постара од две години, насловена како “Илинденска“, по централната улица во Кавадарци која денес не личи воопшто на тоа што била пред три години, а не пак пред триесет години... Добро сега, ако бидеме реални и центарот на градот не личи на тоа што бил пред 30 години. Заебанции имало и ќе има. Само ете, секој со својот товар и самобендисаност. Оти ете нешто направивме низ животот, некој се сеќава, некој не и не е важно, важни се моментите и луѓето кои се сведоци на настаните.

Ете денеска со еден роднина (Лазо – Бисер) го спомнавме мојот тетин Ќиро Суло, брат на Илчо Димов, еден од Дванаесте деца. Трагичните моменти во било чиј живот се тоа и ништо друго – трагедија. Арно ама, со оглед на тоа што животот продолжува, потребни се некои фини луѓе околу тебе за да продолжиш. Тоа мојот тетин Ќиро го знаеше, го имаше во себе и се носеше со сите трагедии благодарејќи на некои фини луѓе околу него. Оти животот е еден и не е заебанција!

П.С. Слушам деновиве некоја музика од првите денови на оваа година, од лани, од пред година - две, а која сум ја “товарел“ по некои подзаборавени фолдери и која оди во позадина додека редам зборови во колумнава, а која вие почитувани случајно или намерно ја читате во моментот. Што да ви кажам, слушајте добра музика, бавете се со себе, а не со другите, оти бавењето со другите ќе ви донесе само зло и несреќа и ништо друго посебно. Доволно?

By

Марјан Т.

Бул. “Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment