Saturday, February 25, 2023

Блузирање (286-316)

(прва кавадаречка колумна)

 

Секој од нас со себе го носи својот “Аватар“

 

Daj mi sad, daj mi sve

posao od devet do pet

daj mi freelance, bilo šta

da se sklonim od očaja

i ako me ne puštaš da živim

dok piješ viski i jedeš kavijar

pusti bar da negde na mreži

živi i radi moj avatar…”

 

(Kralj Cacka – “Moj Avatar” – сингл тема од 2014, најава за првиот албум “Zemlja Snova“ од 2016)

 

Дали се сеќавате на денот кога престанавте да верувате во македонскиот фудбал, во македонската кошарка, во македонскиот ракомет, во македонската одбојка, во македонскиот пинг – понг?! Дали се сеќавате на денот кога престанавте да верувате во македонската култура и уметност, во македонскиот начин на живеење? Дали се сеќавате на денот и годината кога престанавте да се сеќавате? Па добро бре мајка му стара, зошто сте тогаш патриоти? Океј, се извинувам, за вас 21 век сеуште не пристигнал. Преспанскиот договор ви смета додека си ги ладите јајцата во Егејското море.

Оти нели, сеуште има македонски фудбал, ракомет, кошарка, одбојка, пинг – понг. Како за кого. Дали е успешен спортот во Македонија? Да. Во рамките на можностите, реалните цели, визијата која ја имат тренерите и сопствениците на клубовите, селекторите на репрезентациите во било кој спорт, во рамките на талентот за спорт кој го имаме како нација. И сеуште има македонска култура и уметност, сеуште има македонски начин на живеење. Прилагодено сето тоа на времето во кое живееме. Колку не бива, толку и ќе бидеме успешни. Сеуште има сеќавање на сеќавањето. Ама кому како се паднало. Таканаречените патриоти забегаа во национализам, дел од нив со странски пасоши ни солат памет од белиот свет (таму каде што плаќат данок), најголемите (квази) патриоти мразат се што е туѓо и поинакво, мразат одсабајле по дома, попладне мразат што ќе му дојде под рака, а во меѓувреме на работното место (на кое ретко ги има), наместо да се бават со работните обврски мразат се што ќе му се појави пред очите. Ами исаф бре човеци! Не утепате! Како што читам и гледам, ете ради вас ќе му ги укинат на децата фејсбук и инстаграм, па на куковото шо’ ќе можете да ги следите каде и што направиле. Ако воопшто ви е грижа за нив со вашите “тајни“ профили, кодошки навики и ситно семејни расправии кој, што и од каде. Секое време свое бреме, така да завршува уште еден серијал наречен “интернет од вашето време“. Па започнете навреме да плачете по “постовите“ кои не сте ги прочитале, по фотографиите кои не сте ги виделе.

И сега, на човек му иде да се издише и да си рече “Мајко мила“. И да продолжи натаму. Оти будалите во нашата околина продолжуваат со нивните експресии, чаламот му е во крвта, ама понекогаш на човек му доаѓа да се запраша – од каде бре пари за вашите каприци, од каде храброст да ги срозате вашите луѓе, од каде бре храброст да заборавите на злата кои ги направивте! Оно, нема салам човек кој може да ви прости, ама вие си знаете! А утре? Утре е нов ден.

П.С. Сеуште ја барам низ Кавадарци улицата која го носи името на мојот покоен брат Петре Тодоровски. Има ли некој на оваа дуња кавадаречка да ја знае? Треба ли да продолжам да ја барам, да скитам низ кавадаречките улици?! Можеби некој од релевантните фактори и се обидел да ме извести, ама не ме “нашол“?! Тешко е да се најде Марјан Т.?! А?! Тешко е богами да се најде човек кој е 24 часа присутен низ градот! Оти на крај сум со верувањето дека некој води грижа за луѓето  кои оставиле нешто во овој град! Особено што со години наназад не се направени комеморации за луѓето кои оставија белег во Кавадарци! Нит’ за Гоце Јосифов Ромбо, нит’ за Ристо Соколов Сокол, нит’ за Перо Камчевски, нит’ за Бранко Ивановски, нит’ за Вано Малинков Ќендо, нит’ за Васо Ангелов, нит’ пак за слични некои луѓе кои го одбележаа овој град низ годините наназад. Ако не ве занима, нит’ интересира ова што го напишав, сте на погрешно место и ете ви ја патеката низ викендиците на кавадаречките богаташи од Ваташа накај Моклиште, прошетајте троа! И уште еднаш - Прошетајте троа! Ќе ве упатат богаташите во нивните тајни! Се бива! Евала!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

 

No comments:

Post a Comment