Thursday, April 15, 2021

Блузирање (261-291)

 (прва кавадаречка колумна)


“Наместо колумна - почит и љубов“


Ристо Соколов Сокол (16 април 1957 - 14 февруари 2015)



Мојот трезен дијалог со Ристо Соколов Сокол

 

Рики, да се видиме

Да се напиеме, да се насмееме

До долго во ноќта да расправаме

За уметноста и сличните радости

Кои не определија

Понекогаш не трескаа од земја

Понекогаш возвишени

И опиени од раскошот

На секојдневната енергија

Преточена во убавина

 

Да поприкажеме блузеру

За да се сетиме на

“Кога денес ќе биде некогаш“

На зборовите кои ги нареди во

Твоите песни

Во музиката која инспирираше

Во “Сокол Арт“

Која анимираше на изложбите

Каде уживав со добрите луѓе кои

Се почастија со мојата

Уметност

Кои ми ја галеа душата

 

Одам јас Рики

Да спремам

Еден од твоите родендени

Се ближи, та

На првиот ние да частеме

Одбравме твое место, со твои луѓе

Ќе те чекаме, оти патот долг

Од далеку, додека ја наполниш ташната

Со бои, четки и некои ситни мали задоволства

Изненадувања за сите кои

Ќе наздравиме на 16 април

 

Ете ме, само нешто да завршам блузеру

Да викнам такси

Па да се напијам од вашата желба и зборови кои

Сеуште пламтат, дури посилно

Од последниот пат

Не дека многу ќе се задржам

Имам слика за правење

Имам градови за признување

Имам празници за славење

Ама на Велигден ете ме

Оти нели втор роденден

А вие сите овде

Прибрани од целиот свет

Та заедно да запловиме

Низ брановите на незаборавот

Ти спреми музика

Оти нели јас сум човекот – изненадување

А вие мои, сенешто што ќе ви текне, ете

Тоа сте ми


П.С. Ристо Соколов Сокол - “Кога денес ќе биде некогаш“


By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци



No comments:

Post a Comment