Tuesday, May 13, 2014

Блузирање (146-176)



(прва кавадаречка колумна)
Седам пред некој ден со луѓе кои паметат од поодамна, дури и од пред моето паметење за Кавадарци и доаѓаме до едноставната суштина, дека Кавадарци навистина е на многу поинакво место од тоа кое низ изминатите години му се случувало и истото е забележано попатно некаде (колку без ич). Не дека има кој да мудрува и (рас)паметува за она што навистина било, ама за времето за кое станува збор, се вели дека и покрај тоа што се случувало во изминатиот (политички, комунистички, државен, националистички, евентуален, социјалистички, сентиментален, самостоен, носталгичен, независен, парламентарен, пандиспањ и др.) систем, иако незапишани и непрераскажани - приказните опстанале. Како на пример за кавадаречките музичари, а кога велиме музичари не мислиме тука за музикантите кои денес главната тезга, а со тоа заработувачка и живеачка ја имаат од свадбите, кои сакале – не сакале се прават низ Кавадарци. Сакам да кажам, без да изоставам некого (затоа и не спомнувам имиња овојпат), дека музичарите кавадаречки на времето битисувале без да во својот репертоар имаат турбо фолк и слични тракатанци, без да во својот репертоар ја имаат сета “југословенштина“ во музиката настаната до 1990 година, кога се таканаречено југословенско отишло во неврат. Џабе везеш, би се рекло во овие краишта. За ситна пара по тезгите, без сопствено творештво, колку да се задоволат потребите од промена на жиците на гитарата, типките на сајзерот и ефтиниот разглас, за да истовремено “уан мен бендови“ ја срушат цената на “тазгата“ на комплетен бенд со сите мастрафи ( соло гитара, ритам гитара,бас гитара, клавијатура, вокал, тапани) и да “добрата“ забава на крајот се сведе на компјутерски избор, па дури и не мора да има жив човек да го манипулира.
И да се разбереме. Дефинитивно е 21-ви век. Дефинитивно народните носии денес треба да бидат карактеристика само на фолклорните ансамбли или за туристички потреби, се друго е квази патриотизам и долносување. Или така би требало да биде. Ма, што јас знам, така е во некои нормални земји. Оти велат дека нешто не ќе да е во ред со некој кој “наметнал“ гардероба од седумнаесетиот, па и макар осумнаесетиот век на пеколниот, проколнат и прегреан македонски камен. Холивуд и онака е многу далеку. Кој разбрал – разбрал, нека чита и натаму.
За друго сакав да пишувам. За бројните рок групи кои егзистирале на ова подрачје. Особено за оние кои “крш“ правеле по гитаријадите и рок фестивалите низ Македонија. Арно ама, фината паричка од исправањето “криви Дрини“ и терање на меракот по “кавадаречките дупки“ кои и ден – денес егзистираат низ градот од никого санкционирани (ја имаат вистинската боја, така му доаѓа), па некогашните рокери, денес се “преправени“ во (напрчи го челото да ти плукнам една стотка) хармоникаши, што би му дошло се исто како на почетокот од текстов и (ортодоксното) тврдење на авторот на овие редови од пред некое време, дека – рок музиката во Кавадарци е пред умирање. Да не се Smoke Shakers во моментот, ќе зборевме за покојникот “се најдобро“. А дечките од Smoke Shakers мака мачат да бидат признаени дома, бидејќи надвор од државата (море и од градот) препознавањето на нивното музицирање доаѓа со учеството на регионалните рок фестивали. Само што, за да стигнат до фестивалите треба да се обезбеди превоз и разно – разни давачки, за што треба да се заработи некоја паричка. Арно ама, клубските свирки не се доволни ниту за секојдневно егзистирање, па саркастично кажано, ќе треба да поработат во некоја од “бројните странски инвестиции“ за да низ балканските фестивалски сцени го претстават (она што остана од него) кавадаречкиот рок сензибилитет. Можеби овде некој, некогаш ќе свати дека претставувањето на една држава низ светските меридијани не се прави само со фолклорни ансамбли, таканаречена традиционална храна и поети по нарачка. Живеат и (сеуште) работат во овој град и малку поинакви креативни и оригинални луѓе. Макар биле тие и последните носители на урбаното во Кавадарци.

П.С. Инаку пред некој ден беше 9-ти Мај. Голем ден на кој во 1945 година се случила конечната победа над фашизмот во светот. Во денешно време, овој датум се одбележува како “Ден на Европа“.  Тоа како такво беше одбележано и на Градскиот плоштад во Кавадарци. А бе барем на еден момент на водителот да му текнеше да каже дека пред 69 години светот му стапнал на вратот на едно од најголемите зла на човештвото - фашизмот, туку едно триесет пати ни повтори дека “сме одбележувале“ десет години од последното проширување на ЕУ, како да Македонија е основач на истата. Можеби и така треба, оти новите фашисти ни чукнаа на портата, ете ги како галамат агресивно и допрва мамичето ќе ни го расплакуваат. Има крв да проплукаме. Оти така ни треба, оти така заслужуваме.
By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment