Sunday, October 2, 2016

Блузирање (203-233)

(прва кавадаречка колумна)

Октомври во Кавадарци. Вообичаена комуникација меѓу кавадарчани овој период: “Го обра ли лозјето? Го продади ли грозјето?“ и “Направите ли пинџур?“. Може една од варијантите на одговорот на овие прашања би бил: “Ќе напрајме пинџур, ако го откупат грозјето.“. Арно ама, информациите велат дека е настаната комплетна и загрижувачка збрка во откупот на грозјето, дека кратошијата дел скапува, дел е дадена по непристојни цени, дел со плаќање којзнае кога, па имало инспекции кои те го забранувале откупот, те го дозволувале, а смедеревката најверојатно ќе ја колват чавките. Ако де, така треба. А и неверојатен медиумски (зрако) мрак ја следи цела берба. Оти? Ами заради тоа што сме такви какви што сме. Таканаречените лидери на лозарите, демек оние кои што преговарале со откупувачите, се напикаа во глувчева дупка и траат, ќутат богати. Не дека им е гајле, ама тоа “мемето“ полно, си го продале грозјето и ете ги на следните избори како кандидати за пратеници.
Слични приказни колку што сакаш. Ете на пример, пред неполн месец беше и помина “Тиквешки гроздобер 2016“. Манифестација која премиерно во Кавадарци се случила 1964 година. Манифестација која по дифолт е замислена како Слава  на грозјето и виното, патем прекината пет – шеснаесет години поради којзнае какви причини и чии интереси, за да по реобновувањето воопшто и да не го доживее својот климакс, туку пад од година во година, за да во оваа (една од историските години овде, нели) 2016 го доживее своето конечно понижување. Дно на дното! Иако авторот на овие редови уживаше вечерта кога свиреа Парни Ваљак (некои велат старци, ама старци на кои можат да им се фанат за “таквоата“ за квалитетот и на репертоарот и на свирката), ама оваа манифестација треба да биде се друго, а најмалку да привлекува гости со “големите“ музички имиња. Овде многу пати е елаборирано за Тиквешкиот гроздобер, така да не би должел повеќе, само уште две нешта: Каде бре дел од новинарите виделе 50 илјади гости тие денови во Кавадарци?! И можно ли е еден организатор во исто време да прави две големи манифестации во државата: Тиквешки гроздобер во Кавадарци и Пиволенд во Скопје?! “Иди ба, причај ми мало о томе!“.
Друго ми беше зборот: Остана легендата од пред пет – шеснаесет години за кавадаречкиот пинџур. Во тоа време во Кавадарци престојуваа војници под капата на Обединетите нации (не чуваа од нас, нели?!) и дел од нив биле воодушевени од вкусот на пинџурот. Го дале во лабороторија да испитаат што всушност го дава тој префинет вкус. Биле вчудоневидени кога откриле дека всушност пинџурот според нивните (светски) критериуми и не спаѓа во здрава храна. Печени пиперки, па лупени, па мелени, па пржени, море измалтретирани до бескрај. Ама вкусен е да си ибе векот и не би го менувал за ништо!
П.С. Неполна седмица има до одржувањето на традиционалниот Есенски панаѓур во Кавадарци. Денови во кои се срамиме сами од себе. Барем некои од нас. Другите пазаруваат до бескрај, мочат по влезовите на зградите додека во бескрајот на можностите ја бараат адекватната бројка на гардеробата, најчесто парче кое за исти пари може да се најде во првиот дуќан. Од друга страна, секојдневниот панаѓур од поодамна е во тек и веќе не ни го забележуваме. Живееме во него. Или што би рекол анонимниот урбан херој на денешницата – паланечки капитализам од прва класа.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment